Д-р Најчевска: Покана доставува полиција за судска полиција, а јавен обвинител нема….

од desk3
501 прегледи

Денес на врата ми дојдоа две млади момчиња во полициска униформа и ми врачија ПОКАНА која јас уредно ја примив (види прилог) потпишана од некој полициски службеник Бобан.

Ме покануваат да се видиме на 25.05.2016 во 9 часот во полициска станица Центар.Picture1

Ова поканава ептен интересно четиво испадна. Проблемот е само што дава многу чудни и противречни информации. Ама во секој случај e инспиративна.

  1. Тие што ја испратиле се повикуваат на член 279 (став 2) од Законот за кривичната постапка.

Со овoј член се регулира повикување од страна на правосудна полиција заради прибирање известувања за сторено кривично дело. Ако не сакаш да дадеш известување не мораш (треба само да се појавиш – самиот или твој адвокат).

Според член 46 од Законот за кривична постапка должност на правосудната полиција е по службена должност или по наредба на јавниот обвинител да презема мерки и активности со цел за откривање и криминалистичко истражување на кривични дела, и сите мерки и активности што можат да користат за непречено водење на кривичната постапка.

Според членот 51 од Законот за кривична постапка  правосудната полиција работи по налог на надлежните јавни обвинители и за своето постапување согласно со одредбите од овој закон припадниците на правосудната полиција се одговорни пред надлежниот јавен обвинител.

Полицајците (оние двете млади момчиња) не се претставија како правосудни полицајци, Бобан (оној потпишаниот) не се претставил како правосуден полицаец, во разговорот не ми спомнаа никаква кривична постапка или налог од јавен обвинител, така што претпоставувам дека најверојатно повикувањето на членот 279 е онака, за да добие поканата во важност.

  1. Поканата понатаму се повикува и на член 43 (став 1) од Законот за полиција.

Според овој член полицијата е овластена писмено со покана да повикува граѓани заради собирање потребни известувања неопходни за извршување на полициските работи.

И според овој член, ако не сакам да дадам известување, можам слободно да си одам и не смеат повторно да ме викаат заради истите причини.

Значи, повторно, ме викаат на муабет.

  1. После сето ова објаснување дека ме викаат на муабет, се случува неочекуван пресврт во текстот, и одеднаш се појавува некаков “сторен прекршок за време на протестите“.

Во овој дел веќе не сум сигурна што сака да каже писателот.

Во поканата не се спомнува кој го направил прекршокот кој кривично се гони по налог на јавно обвинителство и за кој бараат од мене информации. Можеби ме викаат мене да им дадам информации за прекршок кој сум го направила јас? Можеби не знаат каков прекршок можат да поврзат со мене, па им треба дообјаснување, да им помогнам? Или станува збор за прекршок кој го направил некој друг па од мене очекуваат информации? Крајно неизвесно.

Во поканат не се спомнува ни за кој прекршок станува збор. Можеби сакаат со мене како професор да разговараат за поимот на прекршок? Или пак не можат да се решат па ете така си ставиле, а во меѓувреме веќе ќе решат. Во поканата не се спомнува ни закон ни член па ете така поимот прекршок лебдее во воздухот отворен за сите можни толкувања.

Во поканата се спомнуваат “демонстрациите“. Нема ништо подетално на кои демонстрациите се мисли. . И јас не сум сигурна за кои демонстрации станува збор. Јас сум била на толку многу што престанав да водам веќе рачун. Ете, неодамна бев во Охрид па можеби мислат на тие демонстрациите или на оние во Берово, или на Тетово, или Велес или … Многу интригантно ова со демонстрациите.

Во секој сличај, можам да им помогнам кога станува збор за демонстрациите на ГДОМ. Е за овие демонстрациите може да се направи листа (по азбучен ред) на прекршувања на неколку закони, а богами и кривични дела и прекршувања на меѓународни договори, па и неколку членови од Уставот.

И тоа со прекршок за време на демонстрациите е некоја метафора или стилска фигура? Не сум сигурна. Бидејки демонстрациите по својата суштина се нарушување на јавниот ред и мир (најмалку на членовите 4, 8 и 13)  најверојатно станува збор за нешто кое сум го направила додека сум била на демонстрации а кое излегува надвор од нивната содржина. На пример сум се опијанила па сум почнала да пеам (што може дури и под кривична одговорност да потпадне), сум организирала борба на животни, сум се оддала на уживање на наркотични дроги, …  или нешто слично.

Ама ако сум добила казна за прекршок (кој и да е од горе наведените, посебно за пеење – жими мајка не пеев) не знам зошто би ме канеле на муабет. Казната се испраќа по пошта. Може и по електронска дури. Па си има жалбена постапка, па суд. Па докажување. Па казна за вознемирување со неосновани обвиненија. Се по ред.

Едвај чекам да видам како понатаму ќе се развие оваа покана. Станува прилично напнато и секој пресврт може да биде интересен.

Прилог – Поканата

 

Интегрален текст од блог на д-р Мирјана Најчевска

 

Слични содржини