Д-р Пановски: Мутираниот британски вирус тропа на врата, треба да останат рестриктивните мерки на сила

од Берта Китинска

Земјата која побргу ќе почне со вакцинација ќе биде поподготвена од оние кои подоцна ќе почнат. Мутираниот британски вирус тропа на врата.  Затоа, кај нас треба да останат рестриктивните мерки на сила, бидејќи факт е дека поголеми рестрикции економијата не може да издржи, вели во интервју за „Локално“ микробиологот, професор д-р. Никола Пановски.

Според него, скептицизмот кон вакцините  е резултат на силното антиваксерско движење, теориите на заговор и лажните вести.

– Реална загриженост и логика има само фактот дека за рекордно време се пронајдени вакцините, до сега 8 авторизирани, 19 во трета фаза на испитување и уште 50 во прва или втора фаза. Поддржувачите на заговорот ова го користат како факт дека вакцините постоеле од порано, вирусот е намерно пуштен, па целта е сега да се убијат едно 4 до 5 милијарди луѓе или да не чипираат или да заработат пари. Замислете и САД и ЕУ и Кина и Русија и сите светски научници и бизнисмени се здружиле да ја изведат оваа самоубиствена операција, објаснува Пановски.

Во однос на на тоа дали лицата со прележан ковид имаат повеќе антитела отколку оние кои ќе ја примат вакцината микробиологот вели дека се е прилично индивидуално, па дури и лицата кои биле асимптоматски случаи имаат високи титри на антитела.

– Кај вакцините тоа изгледа дека е поуниформно, особено оние вакцини кои во клиничките студии покажале ефикасност над 90%. Одговорот е, некои имаат, а некои не. Сепак уште еднаш нагласувам, важни се заштитните антитела и клеточниот имунитет, вели професорот.

Што мислите за кинеските вакцини кои ги најави министерот Филипќе? Дали го оправдувате потегот на МЗ и дали можеби е задоцнет?

Секој потег што води кон побрз почеток на вакциналната кампања кај нас е од есенцијална важност, така да го поздравувам потегот кој секако дека е задоцнет, но веројатно МЗ има оправдание дека причина за тоа се неможноста да се исполнат роковите за испорака на вакцини од страна на Фајзер и за сега неостварените ветувања за помош од некои земји на ЕУ, потфрлување на КОВАКС механизмот итн.

Европа и САД одбиваат да ја регистрираат кинеската вакцина, дали, според ваши сознанија, тоа е политичка одлука или пак се работи за недоверба во нејзиниот квалитет и ефикасност да ја сопре пандемијата?

Мислам дека е политичка одлука. Ако одбиваат, треба да образложат зошто го прават тоа, врз основа на кои факти. На пример оваа вакцина која се увезе во Србија, Синофарм се декларира со 80% ефикасност. Инаку, кој и како ја сопира пандемијата, погледајте на светската мапа. САД, Велика Британија, Франција, Италија и Шпанија во темно црвено, 90% од остатокот на Европа во црвено, Русија, Канада во потроклова, а Азија, Африка и Австралија се со жолта или бледо жолта боја. Најмалку случаи имаат оние земји обоени со бледо жолта боја, а најмногу оние обоени со темно црвена.

Колку време траат антителата по прележаниот Ковид19?Дали можеби како поминува времето имунитетот стекнат би можел да трае подолго? 

Прво да разјасниме една заблуда. Наод на покачени антитела против Ковид или било која болест пред се значи дека тоа лице било инфицирано од одреден микроорганизам. На значи автоматски и имунитет. Зошто? Не сите антитела штитат од болест, а вообичаените тестови не детектираат какви се антителата. Има заштитни антитела и дијагностички антитела. Значи има и антитела кои не штитат од инфекција, само се доказ дека има или имало инфекција. Исто така, немање на антитела не значи автоматски дека немаме имунитет. Особено кај вирусите многу значаен е клеточниот имунитет, кој не се мери рутински. Значи, до сега се знае дека имунитетот трае најмалку 9 месеци, период за кој постојат податоци. Се разбира дека има и реинфекции, но ако се споредат тие со бројот на болни, кој е во десетици милиони во светот, тои се занемарливи. Реално е да се надеваме и очекуваме дека имунитетот ќе трае многу подолго. Услов за тоа е да нема мутации на вирусот кој би биле од таков тип и толку чести како кај вирусот на грипот.

Вакцината е единствениот лек против пандемијата, но сепак постои скептицизам. Зошто има недоверба кај народот околу вакцинацијата? 

Се очекува вакцината пандемијата побргу да ја претвори во епидемија, а потоа и во ендемија. Ендемска болест значи дека ќе постои истата, но во размери кои нема да го оптеретуваат здравствениот систем, економијата нема да трпи, ниту ќе има ексцесен број на смртни случаи. Скептицизмот кон вакцините е резултат на многу фактори. Силното антиваксерско движење, теориите на заговор, лажните вести. Реална загриженост и логика има само фактот дека за рекордно време се пронајдени вакцините, до сега 8 авторизирани, 19 во трета фаза на испитување и уште 50 во прва или втора фаза.

Поддржувачите на заговорот ова го користат како факт дека вакцините постоеле од порано, вирусот е намерно пуштен, па целта е сега да се убијат едно 4 до 5 милијарди луѓе или да не чипираат или да заработат пари. Замислете и САД и ЕУ и Кина и Русија и сите светски научници и бизнисмени се здружиле да ја изведат оваа самоубиствена операција.

Со која цел? Едни велат да заработат пари. Како ќе заработат, ако нема кој да купува. За да се убијат 5 милијарди луѓе со вакцината, треба дневно да умираат да речеме по милион лица. Со таа неверојатна бројка, требаат 15 години за да се постигне целта. Инаку, самиот вирус, со 2 милиони смртни случаи годишно, како што е овој за кој зборуваме, измислен да не убива според некои, за постигнување на таа цел на „длабоката држава“ или на „сатанистите“ би му требале 2500 години.

Инаку, да, од вакцините некои ќе заработат, но во однос на економските загуби кои светот ги претрпе, таа заработка ќе биде само едно зрнце песок, а загубите ќе бидат целата песочна плажа.  На пример, дневните загуби кои ЕУ ги трпи поради панедемијата чинат колку трошоците да се вакцинира целото население на ЕУ. Или, за да биде појасно, се смета дека Македонија во време на карантините губеше по 4 милиони евра дневно. За тие пари може да се купат 2 милиони вакцини од АстраЗенека, или 100.000 вакцини од Фајзер. Во просек со еднодневните загуби се покрива вакцинација на 50% од населението кај нас. Интересно, барем кај нас, народот пие масовно лекови, во двојни дози, во неверојатни и непостоечки комбинации, здрави лица пиеа божем превентивно по 5 до 10 лекови. Секој од нив посебно има поголем потенцијал за несакани дејства отколку вакцините. Најважно е вакцината да е доброволна. Со тоа се затвораат устите на антиваксерите. Не треба притискање, само едукација и објаснување со факти.

Подготвена ли е Македонија за новата варијанта на Ковид-19? 

Земјата која побргу ќе почне со вакцинација ќе биде поподготвена од оние кои подоцна ќе почнат. Мутираниот британски вирус тропа на врата.  Затоа, кај нас треба да останат рестриктивните мерки на сила, бидејќи факт е дека поголеми рестрикции економијата не може да издржи.

Дали лицата со прележан Ковид имаат повеќе антитела отколку оние кои ќе ја примат вакцината ? 

Зависи, се е прилично индивидуално, па дури и некои асимптоматски случаи имаат високи титри на антитела, а некои со тешка клиничка слика ги немаат толку многу. Кај вакцините тоа изгледа дека е поуниформно, особено оние вакцини кои во клиничките студии покажале ефикасност над 90%. Одговорот е, некои имаат, а некои не. Сепак уште еднаш нагласувам, важни се заштитните антитела и клеточниот имунитет. Предноста кај вакцините е што е можна ревакцина по една,две или по пет години, како кај многу други вакцини, што доведува до брзо освежување на меморијата на имунитетот и истиот се продолжува. За ова да се знае со сигурност, треба време, до сега броиме во месеци, а треба да пројдат години, постојат многу болести, а и вакцини кои овозможуваат долготраен, па дури и доживотен имунитет.

Б.М.

Слични содржини