Д-р Петличковски: Во ИЈЗ се проверува дали пациентот од Кичево има мајмунски сипаници

од Nikola Popovski
205 прегледи

Претседателот на Комисијата за заразни болести, д-р Александар Петличковски информираше дека пациентот од Кичево за кој се проверува дали има мајмунски сипаници е лоциран.

-Веќе е контактиран од надлежен епидемиолог од Битола и првичната епидемилошка анкета е завршена. Следно би требало да се изврши тестирање за кое што имаме тестови достапни во ИЈЗ и би требало да имаме дефинитивен одговор дали се работи за или не се работи за мајмунски сипаници, вели Петличковски во изјава за Тв Сител.

Докторот додава дека првичните лабораториски анализи се направени и пациентот е во добра здравствена состојба.

-Тој воопшто не е дојден на Клиниката за инфективни болести. Во моментов нема потреба од хоспитализација, има осип, но и други состојби одат со осипот и тоа не е доволно, не е доказ дека се работи за мајмунски сипаници, појаснува Петличковски.

Од Министерството за здравство денеска соопштија дека има суспектен случај на маж од Кичево, но дека допрва ќе се утврдува дали е носител на вирусот.

Претходно, СЗО соопшти дека во светот се пријавени повеќе од 18.000 случаи на мајмунски сипаници во 79 земји, од кои повеќето се во Европа. Поради тоа, СЗО ја прогласи епидемијата на мајмунски сипаници за меѓународна јавноздравствена вонредна состојба.

Слични содржини