Д-р Петровски не бил разрешен пред изборите за да не се поттикне нетрпение по национална основа, велат од МЗ

од Nikola Popovski
194 прегледи

Медицинскиот директор на Универзитетската клиника за токсикологија во Скопје, Данил Петровски е разрешен од вршител на должност директор поради неправилности во работата, велат од Министерството за здравство.

Оттаму додаваат дека Петровски е разрешен поради несовесно работење во целиот изминат период.

-Иако имал согласности за продолжување на договорите за работа на 18 лица, тој не постапил. Ангажираните оделе на работа без договор и без плата за нивниот труд. 18 семејства ги остави без плата! Во неговиот мандат, Клиниката беше поплавена и неосигурана, а ангажираните секојдневно трпеа закани и омаловажувања на национална основа. Информираме дека поранениот медицински директор д-р Петровски не беше разрешен пред изборите за да не се поттикне нетрпение по национална основа, појаснуваат од МЗ.

Докторот и по разрешувањето ќе продолжи да работи на клиниката.

Во изминатиот период имаше многу недоследности и контроверзии околу функционирањето на Клиниката. Дел од вработените на Токсикологија обвинува дека организациската директорка Бесија Иљази не сака да се вработат двајца дипломирани биолози и еден болничар, а упорно ги турка 18-мина на кои лани им завршиле договорите. Ставот на лекарскиот колегиум е дека воопшто немаме потреба од толкав број на нови примања.

Професорот и вработен на Клиниката за токсикологија, Нико Беќаровски претходно информираше дека главен проблем со којшто во моментив се соочува клиниката е доекипирањето на лабораторијата, поради што пациентите трпат. Лекарите алармираа за хаосот што се случува на Клиниката, особено, како што велат, откако била назначена економската директорка.

Министерот за здравство, Илир Демири претходно порача дека немал замерки, ниту имало пропусти за работењето на директорката и најави разрешување на медицинскиот директор.

За новоназначената економска директорка веќе беше објавено дека не знае македонски јазик, па кога мора да соработува со колегите, преведувачи ѝ се двете секретарки вработени во оваа клиника.

Тогаш од ВМРО-ДПМНЕ изјавија дека разрешувањето на медицинскиот директор на Клиниката за токсикологија е одраз на негативната селекција во здравството од страна на СДСМ и ДУИ, а воедно е и поддршка за самоволието на некомпетентни економски директори.

Од Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) на 2 мај соопштија дека извршиле контролен инспекциски надзор на Клиниката за токсикологија по издадено решение за опомена со наложени инспекциски мерки, од кој е констатирано дека здравствените работници и соработници на кои договорите им истекле и понатаму се евидентираат на Клиниката за токсикологија.

Во меѓувреме се случи и поплава на Токсикологија, предизвикана од пукнато парно на третиот кат од Клиниката. Сепак, за среќа, немаше штета на медицинската опрема и немаше штета во просториите во кои се згрижуваат пациентите.

Слични содржини