Д-р Стевановиќ: Инкубацијата кај мајмунски сипаници е 21 ден, се карактеризира со осип и висока температура

од Nikola Popovski
307 прегледи

Директорката на Инфективната клиника, д-р Милена Стевановиќ информира дека граѓаните мора да бидат сериозни кога станува збор за мајмунските сипаници.

-Ние живееме во време кога се три активни пандемии, ХИВ-вирусот, Ковид-19 и пандемијата на резистенција на антибиотици. Мајмунските сипаници можат да станат пандемија, тоа е болест која наликува на вариола, која е единствена инфективна болест редуцирана благодарение на вакцините. Времето го прави своето. Преминува од животните на човек, а сега се пренесува од човек на човек. Не е првпат да чуеме за неа. Таа е болест од африканскиот континент, констатира д-р Стевановиќ.

Според неа, целиот свет го има истото што и ние.

-Нема никаде тестови за мајмунските сипаници. Подготвеноста е нашето знаење. Најголемо искуство сега имаат африканските доктори. Се надевам нема да се прошири бројот. Да не ја намалуваме вредноста на нашиот здравствен систем, сепак ние сме подготвени. Кога ќе излезат комерцијалните тестови, ќе ги имаме и ние, информира докторката.

Стевановиќ додава дека ги следиме препораките на СЗО и будно се следи состојбата.

-Апелираме луѓето кои патуваат да внимаваат, држат дистанца од болен човек, висок стандард на миење раце. Исто така не е паметно да се патува во ризичните земји во Африка, имаме доста луѓе кои работат таму. Треба да бидеме одговорни. Граѓаните треба да бидат внимателни. Инкубацијата е долга до 21 ден. Појавата на симптоми е висока температура, јака главоболка, болки во мускулите, отекување на лимфните жлезди и појавата на осип. Тоа е најспецифичното за оваа болест, рече Стевановиќ во Дневникот на ТВ Сител.

-Не сакам да кревам паника, но треба да се има сериозен однос за ширење на болеста, додаде директорката на Инфективната клиника.

Слични содржини