Д-р Талески: Брзиот развој на технологијата носи професионални заболувања со манифестни психо-физички симптоми

од Берта Китинска

Некои професионални ангажмани кои се поврзани со долги и нефизиолошки пренапрегнувања на телото или одредени делови од организмот (козметичарки, бербери,фризери, шалтерски работници) особено оние луѓе кои имаат седентарен стил на работа во тек на целото работно време (користење на компјутер) во денешно време носат и извесни професионални заболувања со манифестни психо-физички симптоми (болни синдроми во вратот, слабинската регија од рбетот, рамењата, лактите, рачните зглобви и колената), вели во интервју за „Локално“, ортопедот д-р Тони Талески.

Ортопедот објаснува дека долгите активности во неправилно седење или долго задржување на неправилната положба на телото и екстремитетите може да влијае врз когнитивната перцепција на работникот која се однесува на одржување на неговата концентрација при изведување на работните задачи и влијае на интерперсоналните односи.

Чести се грчевите во нозете и рацете кај голем дел од луѓето при истегнување. Каков сигнал ни праќа телoто дали станув збор за недостаток на некој витамин?

Грчевите во мускулите се опишуваат како силно интензивним и скоро неиздржливи болки кои се јавуваат изненадно. Најчесто се случуваат после поголемо пренапрегнување на одредена мускулна група односно после поголем физички напор, долго пешачење, кај спортистите после напорен тренинг. Кај луѓето кои немаат физички напор, грчевите се јавуваат и спонтано и тоа на мускулните од екстремитетите, доминантно во листовите од потколениците на нозете, ноќе и најчесто за време на спиење. Истите претставуваат многу болно и непријатно доживување кое трае од неколку секунди до неколку минути. Причините се многубројни. Кај спортисти се однесуваат најчесто на дехидратација. Грчеви може да се појават и поради неправилно држење на телото или спиење во неправилна положба, чести се кај одредени метаболни заболувања (шеќерна болест), кај луѓе кои имаат проблематична циркулација или заболувања на крвните садови, невролошки заболувања со компресивни синдроми на периферните нерви, неадекватно избрани обувки, вишок на телесна маса, при поголем стрес и сл. Вообичаено грчевите во мускулите на екстремитетите при истегнување се јавуваат поради недостаток на одредени минерали и витамини (калиум, калциум и магнезиум) во организмот. Согласно препознавањето на овие предиспонирачки фактори за појава на грчевите се одредува и лекувањето или превенцијата за надминување на овие болни појави.

Од што настанува звукот при пукањето на прситите и дали оваа навика е штетна?

При извесни состојби на прекумерно истегнување или свиткување на прстите од рацете доаѓа до промена на притисокот во зглобните простори кои се исполнети со зглобна течност т.н. синовијална течност. При обид за раздвојување на зглобните тела од членчињата на прстите се создаваат меури со гасови внатрезглобно кои даваат звучен феномен на крцкање. Постои студија од пред десетина години во која Д-р.Jason Somogyi следел за тоа дали овие крцкања на прстите се предиспонирачки фактор за артозни промени. Во истата се укажува дека крцкањата на прстите кај луѓето кои тоа го практикуваат не се штетни односно дека истите не водат до забрзана дегенерација. Во истата студија бил изедначен бројот на иследувани со артритис на шаките и оние кои немале такви проблеми, а и во двете иследувани групи луѓето имале навика за принудно крцкање на прстите. Во друга студија е иследувана група на луѓе кои во подолг период практикувале крцкање само на прстите од едната рака, што исто така потврдило дека кај истите нема прогресија на артрозни промени во шаките на кои практикувале принудни крцкања на прстите.

Сонцето е изворот на Д витаминот, следат постудени денови, на кој начин луѓето може да го надокнадат овој витамин?

Ултравиолетовите зраци од Сонцето помагаат преку изложените делови на организмот на сончеви зраци да се синтетизира витамин Д3. Во ладните периоди, како превенција од недостаток на овој витамин во организмот, истиот треба да се внесува преку консумирање на храна која го содржи овој витамин односно јаткасто овошје (ореви, бадеми), јајца, риба, млеко или надополнување преку таблети или други форми на овој важен витамин.

Во кој период од денот е најдобор да се земе? Дали доколку заборавиме да земеме од витаминот може да се земе дупла доза?

Витаминот Д е важен нутритиент за здравјето од повеќе причини. Цврстината на коските, зголемувањето на имунитетот и подобро расположение се само дел од предностите на негово секојдневно внесување во деновите кога не сме изложени на сончеви зраци. Дополнувањата на дневниот внес се однесува особено за оние луѓе кои не успеваат да обезбедат внес од 400 UI на ден преку прехрамбените продукти кои го содржат витаминот Д. Овој витамин е растворлив во масти и затоа најчесто се преферира истиот да се внесува после консумација на храна која содржи масти. Оттука, не е најдобра идеја овој витамин да се зема на гладно, иако постои исклучок од ова “правило” кога витаминот Д спакуван во фармацевтска форма со одредена масна компонента. Во тој случај нема потреба витаминот Д да се внесува со или после храна од причини што масната храна ја подобрува апсорпцијата на овој витамин преку цревната слузница. По мислењето на одредени студии останува на избор на секој да одлучи кога треба да го внесува овој витамин во тек на денот со оглед дека најдобро време за земање на витамин Д е тогаш кога “ќе се сетиме дека треба да се испие”. Сепак заради доследност во континуираното земање на овој важен витамин на дневна основа, дорба препорака е истото да се поврзе со некоја дневна рутинска активност како што е на пример после доручек, утринско кафе, миење на заби и сл. Со ваквите навики нема потреба за земање на двојна доза од овој витамин доколку сме заборавиле да го внесеме во фармацевтска форма, иако понекогаш се ординираат и поголеми дози кои се индицираат и еднаш неделно.


Кои се првите знаци кои телото ги јавува како недостаток на овој витамин?

Кај долготрајно и недоволно внесувањес на витамин Д во организмот со јавуваат состојби познати како остеомалација и остеопороза. Првите симптоми на недоволен внес на овој витамин се одразуваат на појава на болки во мускулите и коските (витаминот Д придонесува за изградба на коскена маса до 30 годишна возраст), депресивно расположение (витаминот Д е важен стимул за синтеза на серотонин кој е хормон на расположение), здравствено орални проблеми (парадонтоза), замор, поспаност, хроничен умор, дигестивни проблеми (витаминот Д е важен за апсорпција на мастите), намалување на имуниот систем, ментални заболувања, појава на алергиски реакции (екцеми, алергиски ринитис, астма и сл). Некои студии укажуваат дека овој витамин е важен и за одржување на крвниот притисок, како и редуцирање на прекумерна телесна маса кај луѓе кои се подложуваат на одредени диети. Недостатокот на витамин Д зад себе повлекува заболувања на кардио-васкуларниот систем, когнитивни потешкотии кај постара популација. Функцијата на витаминот Д во организмот е да учествува во регулирање на апсорпцијата на калциумот и фосфорот од храната, повторната апсорпција од бубрезите, пренесување на нервните сигнали, важен е за уредна коагулабилност на крвта, работата на срцето, правилна работа на имунолошкиот, нервниот, мускулниот и кардиоваскуларниот систем, функционалните особености на мозокот (превенира и се одринира како терапија при состојби со мултиплекс склероза и деменција), позитивно делува кај луѓе со проблеми со панкреасот како на пр. шеќерна болест (дијабет), учествува во минерализација и со тоа придонесува за цврстина на коските.

Често знаеме да купиме обувки кои на изглед ќе ни се допаднат . Што е она прво на кое треба да посветиме внимание при изборот на соодвени чевли?

Вообичаено возрасните луѓе преку ден повеќе часови поминуваат во обувки што понекогаш заради работните или другите дневни ангажмани изнудува поминување во обувки и до десетина часа дневно. Живееме во време кое диктира и модни трендови што често остава последици на оптеретувачките зони на рбетниот столб и долните екстремитети, доминантно на стапалата. Изборот на обиувките е индивидуален, но ортопедски и превентивно секогаш се бираат комфорни обувки. Истите по избор на големината треба да се лесно прилагодливи без дополнителни компромитации од притисок на прстите кои имаат и индивидулаен распоред. Изборот на обувките кај возрасните, особено оние кои имаат физички активности поврзани со долго стоење или придвижување, се сведува на подлошка која има пасивна поддршка на сводовите од стапалата (попречниот и двата надолжни сводови). Со тоа се превенира појава на болни синдроми (метатарзалгија) или деформитети (кокачиња) особено кај женска популација која префериа носење на обувки со високи потпетици.

Родителите секогаш пристапуваат озбилно при изборот на обиувки за малите деца, но најчесто се соочуваат со дилеми околу тоа кои обувки се најдобри ? Оние со влошки или без нив ? Дали најскапите обувки значат и најдобар избор ? Како да се знае дали обувките кои детето ги носи му се удобни ?

Во изборот кај мали деца треба да се преферираат оние обувки кои имаат мека подлошка. Детското стапало во развој во секој чекор стабилизира со јакнење на мускулите од потколеницата и табаните и при трчање се одразува со неправилна биомеханика доколку изборот е обувки со крута подлошка. Кај деца кои имаат развојни деформитети од типот на рамни стапала се ординираат посебни ортопедски чевли по гипсен модел со цел да се превенира појава на замор при трчање и да се позиционира стапалото на правилна биостатика на телото. Ортопедски влошки или чевли се ординираат и кај возрасни единки кои имаат проблеми поради нарушена статика (мускулни болки кај професии со долго стоење во дневните активности како на пр.стоматолози, фармацевти и сл).

Болките во прстите, рацете, рамениците дури и колената се чести кај повеќето луѓе кои работат во седечка позиција пред компјутери. Што им препорачувате на лицата кај кои се појавуваат овие проблеми ?

Некои професионални ангажмани кои се поврзани со долги и нефизиолошки пренапрегнувања на телото или одредени делови од организмот (козметичарки, бербери,фризери, шалтерски работници) особено оние луѓе кои имаат седентарен стил на работа во тек на целото работно време (користење на компјутер) во денешно време носат и извесни професионални заболувања со манифестни психо-физички симптоми (болни синдроми во вратот, слабинската регија од рбетот, рамењата, лактите, рачните зглобви и колената). Како превенција од истите се препорачува запазување на ергоносмки законитости со правилно позиционирање на телото при седење и поддршка на екстремитетите во физиолошки особености, односно нормопонирање на главата со исправена положба. Физичката ергономија се однесува на поединечно на човековите индивидуални анатомски, антропометриски, физиолошки и биомеханички карактеристики со прилагодување на телото и екстремитетите при извршување на работните активности во физиолошка рамнотежа на мускулите со антагонистичко дејство. Долгите активности во неправилно седење или долго задржување на неправилната положба на телото и екстремитетите може да влијае и врз когнитивната перцепција на работникот која се однесува на одржување на неговата концентрација при изведување на работните задачи и влијае на интерперсоналните односи. Од исти причини при одредување на работните задачи од страна на работодавачот треба да се запазува и организациската ергономија за да се превенира поквалитетна работа кај оние професии кои изнудуваат долг седентарен карактер на извршување на работните задачи (подесување на работниот стол по висина, негова мобилност, потпорна основа која го поддржува рбетот по цела должина и прилагодлив за подесување со одредување на косина за потпирање, прилагодување на подлогата од работната површина со можност за закосување, обезбедување на широка работна маса, добро и прилагодливо осветлување на работниот стол, потпорна основа за стапалата и секако микроклима во работната просторија со поволни температурни услови за извршување на работните задачи).


Од досегашното ваше искуство дали новите генерации страдаат од поголеми деформитети и кои се најчестите ортопедски заболувања кај децата?

Брзиот развој на технологијата и денешниот тренд за постојасно и долго користењето на мобилни телефони и компјутери доведува до зголемена зачестеност на појавата на болки поради мускулни пренапрегнувања во детска возраст. Во периодот на интензивен раст на коски и мускули кај децата оваа лоша навика води кон зголемување на развојните деформитети на рбетниот столб (сколиоза или кифоза) во периодот на адолесценција. Состојбата во предучилишната возраст се следи поради носење на тешки училишни ранци, долгиот школски тајминг со седење во училишна клупа, особено кај деца кои немаат развиено навики за физички активности. Развојните деформитети на рбетот се следат континуирано и мултидисциплинарно од ортопед, физијатар педијатар. Целта е да се откријат навремено деца кај кои има деформитет на градната коска или структурни сколиози и кифози кај кои е потребно лекување. Истото кај навремено откриените и полсени форми најчесто се сведува на ординирање наортози (корсети или т.н. еластични пајачиња). За среќа, кај најголем број од детската возраст со искривувањата на рбетниот солб се поради дисбаланс на грбната мускулатура односно т.н.сколиотични или кифотични држења кај кои со кинезитераписки вежби или со индивидуални вежби се постигнува раст на рбетот со уредна постура (став на држење) на телото.

Што ги советувате младите, кои најголем дел од времето го минуваат седејќи пред компјутер и недоволно се движат, па се јавуваат деформации на ’рбетот. Како да се делува превентивно?

Советот за превенција на болки кај деца во раст и развој е дека треба да се редуцира или сведува на минимум времето поминато пред компјутери или ракување со мобилни телефони, а приоритет да се даде на физичките активности. Најчесто во ординиација доаѓаат претходно информирани и висококритични родители кои веќе децата ги упатиле и насочиле на извесни спортски вештини или танцови активности што секако е добро за нивниот раст и развој. Во подолг период поради пандемиските рестриктивни мерки со online настава и неможност за физички активности кај децата од училишната возраст принудно истите беа спречени да реализираат било какви активности. Пливањето е добар избор за децата во раст и равој како превенција на развојните деформитети на рбетот, но не секоја градска средина има затворен базен за да може истото да биде стриктна препорака. Дури и кај деца кои веќе отпочнале со практикување на некои спортски пренапрегнувања кај кои се користат со доминантната рака (тенис, ракомет) состојбата се следи од страна на ортопед или физијатар со цел да се продолжи со избраниот спорт, но по потреба да се назначат и индивидуални вежби за баланс и активнирање на мускулите од другиот екстремитет кај состојби со сколиози.

Кај Вас доаѓаат најмалите пациенти, бебиња од само 2 месеци. Впрочем тоа е и првиот преглед кај ортопед. Кој е Вашиот генерален впечаток, дали родителите се информирани за развојот на детето?

Првиот ортопедски преглед кај новороденчињата се реализира уште во родилиште.Во основа наследниот ортопедски преглед кај новороденчиња и бебиња во првите два месеци после раѓањето приоритет е појава на клинички нестабилни или исчанчени колкови до медицинска евалуација преку ултрасонографски скрининг. Целта е да се детектираат оние деца кои имаат развојна дисплазија на колковите. Клиничкиот перглед се состои и во детекција и отпочнување со навремен третман кај други развојни нарушувања на коскено-мускулниот систем (развојни деформитети на стапалата- pes equinovarus), состојби со полидактилија или синдактилија (повеќе прсти односно споени два соедни прсти), родилни трауми кај новороденчиња кои имале тежок и спонтан пораѓај со скршеница на клучна коска (fractura claviculae), истегнување на вратниот сплет (paresis plexus brachialis), родилен раскин на дел од мускулните влакна на мускулот кој е одговорен за вртење на главата во страна (ruptura m.sternocleidomastoideus). На првиот ортопедски преглед околу вториот месец после раѓањето, најчесто родителите се информирани за текот на дотогашниот развој на бебето од страна на специјалист неонатолог кој го следи новороденчето веднаш после пораѓајот, веќе избраниот матичен педијатар или односно патронажна медицинска сестра.

Успевате ли да се разберете со родителите, имајќи го предвид фактот дека денес сите тежнеат кон тоа да бидат „интернет доктори“?

Во ортопедските амбуланти секогаш доаѓаат високосовесни родители кои се грижат за доброто здравје на своето дете. Информациите кај родителите се секогаш добредојдени без разлика од каде, односно од кој специјалист ги имаат добиено. Денешниот брз развој на технологијата во светот, но и кај нас води кон предвремено запознавање со сите начини на превенција и лекување на одредени состојби. Нашиот аспкет е по обавениот преглед стручно да влијаеме кај родителите со назначени препораки и континуирано следење на развојот кај децата со извесни проблеми. Најчесто во пракса родителите се фокусираат на визуелни промени кај децата во развој, а од ортопедскиот аспект следиме уредна функционалност. Дел од равојните визуелни искривувања (како на пр.зарамнети стапала) се подобруваат во долг период низ години до училишна возраст, а сколиотичните и кифотични “искривувања” на рбетот до крај на завршување скелетниот раст односно со завршенток на адолесцемнтниот период.

Кои вежби треба да се практикуваат кај поголемите деца кои веќе одат на училиште, со оглед на тоа дека седат во клупа цел ден, носат поголеми ранци и слично?

Како што претходно напоменав вежбите кај деца во училишна возраст се однесуваат на јакнење на паравертебралната мускулатура (мускулите во задната ложа на рбетот) со цел да се превенираат развојните деформитети особено кај оние деца кои се наективни и не покажуваат сколоност кон спортување и кои носат тешки ранци, имаат седентарен начин на дневни активности и често и долго ги користат “добрите” бенефити од развојната технологија (мобилен, комјутер). Кај клинички и рентгенолошки потврдени структурни развојни деформитети со сколиози и кифози, третманот е индивидуален и се состои од кинезитераписки вежби под стручен надзор на физијатар и физиотерапевт, ординирање на корсети, назначен хигиено-диетески режим за практикиување на дневни активности.

Б.М.

Слични содржини