Загарантиран регрес за годишен одмор, тринаесета плата, хранарина, патарина, јубилејни награди, службени дневници, теренски додаток, разни надоместоци како и реално вреднување на трудот, сигурност на работното место, гарантирана слободата на изразување и дефинирање на правата и обврските како на новинарите така и на медиумските газди.

Права кои во моментов со оглед на очајната состојба во новинарството во земјава „звучат“ невозможни, но во блиска иднина можат да станат реалност.Тоа се само дел од придобивките за новинарската фела вградени во предлог гранскиот колективен договор за новинарската дејност за кој сите ние заедно допрва треба да ги кршиме копјата за да се избориме новинарите и медиумските работници да го вратат основното-достоинството во професијата. Верзијата ќе се надградува и корегира во насока на подобрување на правата,но основното е што за прв пат кај нас, Синдикатот на новинари и медиумски работници стави на хартија надградени, проширени и законски загарантирани права за новинарите и медиумските работници во земјава. Борбата за враќање на достоинството е на самиот почеток, бидејќи следуваат многу искушенија за правата загарантирани на лист хартија, да станат пракса во секој медиум во земјава.
Покрај дефинициите што се новинари и медиумски работници и кои права и обврски им се загарантирани,предлогот кој наскоро треба да стане законска норма во земјава,го штити и основното – правото на слободно информирање.
– При извршувањето на своите професионални обврски, новинарот ужива слобода на информирање, коментирање и критика во согласност со важечките законски прописи и професионалните новинарски стандарди-стои во првичната верзија на гранскиот договор. Уште повеќе ја регулира болната точка на новинарите во изминатите години, односно дека никој нема право да ги присили да напишат нешто кое спротивно на нивните професионални уверувања, и уште повеќе дека за одбивање на таква „приказна“, не смеат да заработат отказ. – На новинарот, медиумскиот работник не смее да му биде откажан договорот за работа, да му биде намалена платата, да биде прераспределен на друго работно место во редакцијата, ниту пак на било кој начин да му биде отежнато вршењето на работните задачи (лишување од работни задачи, доделување непримерни работни задачи и слични облици на притисок) поради неговото мислење кое го дал во согласност со правилата на новинарската професија-стои во предлогот. Утврдено е и правото на автоматско напредување на новинарите во пет категории, од помлад соработник до уредник по звање за лицата со над 20 години работен стаж. Како и петте коефициенти за комплексност од 2 до коефициент 4 по кои ќе се надградува основната плата на новинарите,во зависност од тоа во која група припаѓаат според стажот.
М-проспект во ноември 2013 година, во соработка со Синдикатот нановинари,за ставовите на новинарите и медиумските работници во врска со работните и професионалните права,ја покажа очајната состојба во новинарството во земјава,која и после две години и без анкета може да заклучиме дека е уште полоша од тогаш. Дури 90 проценти од испитаниците тогаш се изјасниле дека не се задоволни од паричниот надомест за нивната работа (44 проценти воопшто не се задоволни, а 46 проценти се „само“ незадоволни), додека десет проценти, сметаат дека се соодветно наградени за својот труд. Големо мнозинство од испитаниците (80%) одговориле дека ситуацијата со медуимите во Македонија од аспект на економската положба се влошува, а мнозинството (83%) сметаат и дека се влошува ситуацијата со медиумите во Македонија од аспект на професионална положба на новинарите. Дека црвениот аларм е одамна вклучен, не треба никој да не потсетува ни повторува. Затоа„Белата книга“ на ССНМ, недвосмислено ни порачува дека критичкото, слободно новинарството кое треба да е столб на демократијата во една држава, мора да го вратиме од „мртвите“,зошто тоа е неопходност не само за новинарите, туку за сите.
Не смеете да прифатите да работите под сите нормални услови.Не дозволувајте да дојде до намалување на права, како на пример намалување на платите, бидејќи тоа нема да сопре. Ако прифатите едно ниво, тие ќе продолжат понатаму, иако на компанијата добро и оди. Тие ќе одат со изговорот дека комапнијата нема да преживее ако вие не прифатите пониски права. Во суштина не е ваша должност како новинари да обезбедите компанијата да преживее.

Вие не сте одговорни за финансиската состојба. Под такви условувања, можеби е подобро да пропаднат, за да знаете на што сте и во меѓувреме да најдете нова работа, отколку да работите во лоша компанија – ни порача неодамна Арне Конинг, од шведскиот синдикат на новинари и поранешен претседател на Европската федерација на новинари. И можеби на сите нас во Македонија, ова ни звучи како научна фантастика,но ова е вистината која повеќето од нас не сакаме, но треба да си ја вградиме во нашите глави. Македонските новинари работат за џабе, имаат премногу обврски и речиси никакви права, смета Јасмина Поповиќ, Потпретседател на Меѓународната федерација на новинари и поранешен претседател на Синдикатот на новинари на Хрватска. Колегите отворено ни порачаа-наместо да „дигаме раце“ од професијата мораме да се бориме за нашите права загарантирани со Устав и закони. А за да успееме во тоа пред се ни недостасува единство, акција, масовност и верба. И наместо редовното прашање што го поставуваме „што ќе имам јас ако бидам член на Синдикат“, да размислуваме како ние може да допринесеме за еден силен Синдикат на новинари и медиумски работници, бидејќи токму тие права се делот за кој сите подеднакво сме засегнати. Зошто Синдикатот не е еден човек,или рака луѓе, туку тоа сме сите ние заедно. А тој еден човек и рака луѓе не можат да сторат ништо за нас, ако ние самите не сфатиме дека редно е веќе самите да си се избориме за своето место каде треба да припаѓаме./ А.Ф
