Да им се вратат парите на учениците кои платиле за свидетелства, побара Сојузот на средношколци

од Nikola Popovski
324 прегледи

Сојузот на средношколци побара од Просветниот инспекторат да ги објави имињата на училиштата што незаконски им наплаќаа за свидетелства на своите ученици.

„Ги поздравуваме инспекциите , но нè интересираат методологијата и заклучоците до кои дошле инспекторите. Се обраќаме и до училиштата – вратете ги парите кај учениците, зашто само така може да го решите овој проблем. Срамно е да се наплаќаат свидетелства кога било, но особено во училишна година целосно одржана преку неквалитетна онлајн настава со слабо обучени професори“, изјави претседателот на Сојузот, Лука Павиќевиќ.

Некои училишта прават бизнис од јавното образование, нагласуваат од Сојузот, чудејќи се зошто Бирото за образование од неразјаснети причини не ги обезбедило свидетелствата.

Според информациите кои ги добил Сојузот на средношколци, средното медицинско училиште во Тетово наплаќа меѓу 150-200 денари за свидетелство, додека економското училиште во Тетово бара износ од 150 денари за издавање на свидетелството и на дипломата за крај на средното образование. Покрај нив, од Сојузот алармираа дека и скопската гимназија „Зеф Љуш Марку“ наплатува од своите ученици 100 денари за свидетелството, а гимназијата „Мирче Ацев“ во Прилеп 30 денари од ученик.

Од МОН тогаш потврдија дека имало изолирани случаи, за кои, како што најавија, ќе постапат надлежните институции.

Слични содржини