Да не знаеле дека Вања дента ќе оди сама немало да има ниту грабнување, велат од Обвинителството и најавија жалба на ослободителната пресуда за таткото

од Nikola Popovski
104 прегледи

Обвинителството ќе ја обжали ослободителната пресуда за таткото на Вања Ѓорчевска, Александар Ѓорчевски. Според обвинителката Жаклина Трајковска, изречените доживотни казни затвор за обвинетите се доказ дека правдата сепак излегува на површина.

-Изречените доживотни казни затвор за обвинетите се доказ дека ниту еден сторител не може да остане не откриен за сторување на вакви грозоморно кривични дела ,дека и покрај планираното до детали убиство и на Вања Ѓорчевска, и на Панче Жежовски обвинетите се откриени и ја добија заслужената казна затвор. Ова е доказ дека правдата сепак излегува на површина, рече таа во изјава за медиуми по објавата на пресудата во Основен кривичен суд Скопје.

Обвинителката Ана Стојковиќ додаде дека системот правилно упатил порака дека вакви дејствија нема да се толерираат.

-Семејствата на жртвите секако не би биле задоволни со ниедна пресуда со оглед на тоа што го изгубиле. Меѓутоа, со оглед на фактот дека денеска за четворица обвинети е изречена највисоката казна затвор што согласно македонското законодавство може да се изрече, сметам дека системот правилно упати порака дека вакви дејствија нема да се толерираат и ќе бидат најстрого казнувани, рече обвинителката.

Во однос на ослободителната пресуда за Ѓорчевски, Стојковиќ рече дека ќе вложат жалба.

-Двајца обвинети дадоа исказ дека овој факт тие го дознале од таткото, не од никој друг, од таткото, од обвинетиот Александар Ѓорчевски преку Палевски. Да не знаеле дека детето дента по исклучок ќе оди само немало да има ниту грабнување. Обвинителството не можеше да помине преку овој факт. Сепак судот е највисока истанца, ние ќе си вложиме жалба, судот ќе си одлучи, дополни Стојковиќ.

Во врска со приведеното лице од Народна банка за кое обвинетиот Велибор Манев во завршниот збор рече дека го уништил синиот ранец со оружје, таа рече дека е отворен нов предмет кој не влијае на оваа постапка.

-За сега нема причини коишто би можеле да влијаат на оваа постапка. Отворен е нов предмет за наводите на обвинетиот Велибор Манев од минатото рочиште. Се работи за разгледување на сите факти и околности за проверка на неговиот исказ од минатиот пат. Тоа е нов предмет. Ние го водиме предметот, рече Стојковиќ.

Кривичниот суд во Скопје денеска изрече доживотна казна затвор за Љупчо Палевски – Палчо, Велибор Манев, Влатко Кешишев и Боре Видевски за грабнувањето и убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски, извршени во ноември 2023-та година.

Петтообвинетиот, Александар Ѓорчевски – татко на Вања, е ослободен од обвинението.