Сосема ги разбираме загриженоста и стравот, особено на родителите, за иднината на своите деца, ако тие два закона или нови слични закони станат обрзвувачка реалност. Да престане унакажувањето на образовниот систем со родова идеологија и сексуализација на нашите најмлади, да престане крајно неприфатливото да им се одзема на родителите од нивните родителски права и на децата од нивното детство. До кога нашите деца ќе учат од учебници чии содржини се диктираат од туѓи држави и туѓи центри?, рече поглаварот на МПЦ, Г.Г. Стефан во обраќањето на сенародниот собир против законите за родова еднаквост и за матична евиденција што се одржува попладнево во дворот на храмот „Св. Климент Охридски“.
Според него, секуларно општество не значи и безбожно општество.
-Немаме ништо против секуларниот менталитет, но се прашуваме дали тоа значи да се изопшти Црквата од општествениот живот? Свесни сме за намерите на организации и движења кои зајакнаа, влегоа во државните институции и пишуваат закони како двата несреќни закона – за родова еднаквост и матична евиденција, кои целат не само да ја секуларизираат црквата, туку и да ја присилат да зборува со некојси светски поредок кој им е туѓ на апостолите, светите оци и светото Евангелие. И кога најдобронамерно ќе кажеме нешто, се обидуваат да не замолчат со промена на тезите за секуларниот, световен карактер на државата, секогаш како по правило, толкувајќи ја секуларноста спротивна на Уставот во кој Црквата и останатите верски заедници имаат свое место и свои загарнтирани права, подвлече неговото блаженство г. г. Стефан.