Новинарски екипи од ТВ21 и Ројтерс синоќа биле повикани на разговор во полициска станица поради немање соодветна дозвола за снимање со дрон на мирниот протест на плоштадот во Скопје, по повод трагедијата во Кочани. Како што информираа од Министерството за внатрешни работи, по разговорот новинарите се пуштени. Според изјавите на новинарите од ТВ21, користеле дрон кој е под 249 грама. Истакнаа дека според последните измени на Законот кои биле донесени во јануари, тие законски параметри биле симнати и дрон може да се лета без посебна најава и дозвола, само со 200 грама.
Дел од јавноста го осудува ваквиот потег, иако се работи само за информативен разговор. Се поставува дилемата дали повикувањето на разговор на новинари се притисоци врз слобода на новинарството и информациите од јавен интерес? За дел од општеството, станува збор за непотребна реакција и проценка на полициските службеници. Според комуникологот Сеад Џигал, според она што како јавност го знаеме новинарите ги испочитувале сите правила за да информираат од настанот и да ја извршуваат својата јавна дејност. Тој во изјава за „Локално“ истакнува дека веројатно доволно било да се информираат новинарските екипи за неопходните детали по проценка на службениците.
-Со ова се испраќа лоша слика дека се крие нешто, дека некој сака да креира тензии, да прави притисок врз новинарските екипи и.т.н. Се надевам дека ова нема да стане пракса и покрај бројните негативни искуства од минатото ќе покажеме дека сме научиле некои лекции, наведува Џигал.
Се поставува и прашањето зошто забраната за дронови била објавена дури откако протестот веќе започнал. Соговорникот е дециден дека притисоци, закани и цензура на новинарите и медиумите е недозволиво и надвор од секаква дискусија во нормално демократско општество, за чии правила и норми треба сите да се грижиме, како граѓани, но, посебно јавните службеници и институциите.
Откако вчера на информативен разговор беа повикани новинари заради тоа што мирниот собир го снимале со дрон, се огласи и новинарот Фуркан Салиу. Праша „како снимањето на протест со дрон од 249 грама претставува ризик за националната безбедност“.
Стигна реакција и од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ). Изразија загриженост поради повикувањето на информативен разговор на новинари, меѓу кои и претставници на меѓународни медиуми. Според достапните информации, забраната за користење на дронови беше официјално објавена пред 20 часот, речиси два часа откако протестот веќе започна. Согласно Правилникот за воздухоплови без екипаж (Член 7, Став 1), одредени зони можат да бидат ограничени поради безбедносни или други важни причини, но ваквите одлуки, како што се наведува во реакцијата, мора да бидат прецизно дефинирани и јавно достапни навремено. Општата примена на забраната без претходно известување и врз цел град, како во овој случај, не е во согласност со оваа правна рамка.
Во текот на денот од полицијата соопштија дека во Полициската станица Центар во Скопје биле повикани на службен разговор седум лица, откако биле затекнати како управуваат дронови без претходно најавување на активноста. Според полицискиот билтен, станува збор за С.М. (34) од Сопиште, Ј.С. (24) од Кочани, Е.Ш. (43) од Скопје, Ј.П. (28) од Скопје, М.Д. (45) од Скопје, М.Ј. (36) од село Гершиан, Битолско, и М.Ѓ. (51) од Република Србија.
Како што велат од полицијата, тие биле затекнати како управуваат дронови за време на јавниот собир на плоштад „Македонија“ во Скопје, без соодветна дозвола од надлежните институции. Во исто време, во 19:00 часот во Кочани, полициски службеници од Полициската станица Кочани го привеле А.Д. (38) од Република Бугарија, кој исто така бил затекнат како управува и снима со дрон без потребното одобрение. По спроведените службени разговори, сите лица биле ослободени, а надлежните институции ќе продолжат со проверка на околностите во кои се случиле овие активности.
Вчера од МВР првично информираа дека од страна на Агенцијата за цивилно воздухопловство е поставена забрана за вршење на какви било операции со воздухоплови без екипаж (дронови) на територијата на градовите Кочани и Штип. Подоцна во забраната била додадена и територијата на Скопје. Во соопштението од Агенцијата се наведува дека неовластеното, некоординирано оперирање на овие воздухоплови не само што го загрозува воздушниот сообраќај, туку може да предизвика сериозни последици по животот и имотот на трети лица на земја.