Да се помолиме за премиерот

Наместо да кажат: „Да, погрешно проценивме“, добивме емотивен настап. „Ќе се молиме да останеме живи“. Што точно треба да почувствуваме ние од таа реченица? Страв? Сочувство? Вина што не сме доволно загрижени за комфорот на функционерите? Дали идејата беше да ни падне жал? Да речеме: „Еве, сироти, ајде да им купиме авион, да не се мачат“?

од Vladimir Zorba
25 прегледи Фото: ChatGPT

Некој во оваа држава се плаши да лета. Не од турбуленции, не од облаци, туку од економска реалност. И тамам кога граѓаните мислат дека најголемата опасност е инфлацијата, премиерот ни соопштува дека ќе мора да се молиме да остане жив ако не купиме нов државен авион. Како да сме во воена хроника, а не во буџетска расправа.

И тука почнува театарот. Наместо суви факти и ладни бројки, добивме драма. Наместо анализа на трошоци и корист, добивме реченица што звучи како реплика од евтин индиски трилер.

Прашањето е едноставно: дали навистина станува збор за безбедност или за нешто многу поприземно, како удобност и престиж?

И ајде да бидеме реални. Кој точно ќе се моли? Владата? Обезбедувањето? Делегацијата? Или народот, кој секој месец стрепи да не му се расипе колата, затоа што нема пари за мајстор?

Кога првпат се спомна идејата за нов државен авион, реакцијата не беше политичка, беше човечка. Луѓето едноставно си рекоа: „Стварно ли?“

Во време кога минималната плата е смешка, а јавниот сектор едвај дише, некој решил дека приоритет е авион. Не амбулантни возила. Не училишта. Авион.

И тамам кога јавноста се крена, Владата реши да се повлече. Формално. Практично, ни сервираа патетика како оправдување.

Наместо да кажат: „Да, погрешно проценивме“, добивме емотивен настап. „Ќе се молиме да останеме живи“.

Што точно треба да почувствуваме ние од таа реченица? Страв? Сочувство? Вина што не сме доволно загрижени за комфорот на функционерите? Дали идејата беше да ни падне жал? Да речеме: „Еве, сироти, ајде да им купиме авион, да не се мачат“?

Политиката кај нас одамна не се води со аргументи, туку со драматургија. Кога немаш силна економска логика, пушташ силна емоција. Малку страв, малку патос, малку „ако не нè разбирате, нè загрозувате“.

Ајде да замислиме обратно сценарио. Граѓаните да излезат и да кажат: „Ќе се молиме да останеме живи ако не ни ги покачите платите“. Ќе звучи претерано? Точно. Ама не е помалку апсурдно од тврдењето дека без нов авион, државниот врв е во смртна опасност.

Секако, никој не спори дека безбедноста е важна. Но безбедноста не е театарска реплика. Таа е анализа, проценка, конкретни податоци. Кога ќе ја спакуваш во драматична реченица, делува како маркетинг, не како државничка грижа.

На крајот на краиштата, Владата ја откажа набавката. Не затоа што ја убедиле аргументите на граѓаните, туку затоа што јавниот притисок стана непријатен. И тука е вистинскиот проблем. Не авионот. Туку чувството дека одлуките се носат без контакт со реалноста, па потоа се повлекуваат со доза на навредена емоција.

Во држава каде што луѓето се борат со инфлација, со кредити, со неизвесност, најмалку им треба лекција по драмска уметност од Владата. Ако веќе сакате доверба, зборувајте со факти. Ако сакате почит, покажете приоритети.

И ако веќе некој треба да се моли да остане жив, тоа се граѓаните што секој месец летаат без падобран низ вашата бедна економија. Без државен авион. Без протокол. Само со надеж дека ќе слетаат на крајот од месецот без минус на сметката.

Локален херој