Дачиќ по разговорот со Ердоган: Турција е за почитување на претходно потпишаните договори со Приштина

од Vladimir Zorba
136 прегледи

Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ изјави дека претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган на денешната средба му ветил дека Анкара ќе и нагласи на Приштина дека е неопходно да се почитува договорот и претходно потпишаните договори.

Дачиќ посочи дека не е реално да се очекува дека Турција ќе го промени ставот за статусот на Косово, но дека е важно Србија да го зачува мирот, за да нема инциденти.

„Ердоган сигурно, во сите разговори што ќе ги има со Приштина, како и сите турски претставници, ќе нагласи дека е неопходно да се почитуваат сите договори, дека е неопходно да се води дијалог и да се зачува мирот. За нас е доволно некој да направи такво влијание, за луѓето во Приштина да не помислат дека уживаат поддршка за попречување на мировните договори и загрозување на мирот и стабилноста во регионот“, нагласи Дачиќ.

Шефот на српската дипломатија нагласува дека сите средби што ги имал денеска во Анкара поминале во атмосфера што укажува дека односите меѓу двете земји се во нагорна линија и дека можеби се на нивниот историски максимум, а тоа се одразува на политичките и економските односи.

„Сега трговската размена е 2,5 милијарди, а целта ја поставивме пет милијарди, а можеби и повеќе, има бројни инвестиции од Турција, учество во инфраструктурни проекти, не само во Србија, туку и во регионот, како што е автопатот во Сараево“, рече Дачиќ.

Слични содржини