Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, изјави дека за Израел и САД е важно Косово, како прва муслиманска земја, да отвори амбасада во Ерусалим, пренесе „Н1“.

Тој оцени дека договорите во петокот во Вашингтон не се само дел од надворешната политика, туку и од внатрешната политика на САД, на кои Израел им е една од главните стратешки надворешно-политички цели.
„Тачи повеќепати најавуваше дека ако Израел го признае Косово, тие ќе отворат амбасада во Ерусалим, што е целосно спротивно на ставовите на сите други муслимански земји“, изјави Дачиќ пред новинарите во Крагуевац.
Тој изјави дека тоа не е сторено заради Косово, туку заради Израел.
„Дали и кога тоа ќе се случи, го слушнавте и претседателот Вучиќ, кој рече дека и овие наши постапки ќе зависат и од нашите односи со Израел и развојот на нашата соработка. Така што за тоа допрва ќе се разговара”, рекол Дачиќ.
Тој оцени дека има многу предизвици во врска со документот потпишан во Вашингтон, бидејќи секоја голема сила или меѓународна организација има некои свои интереси.