Министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ во гостувањето на ТВ Пинк предупреди дека Албин Курти е главниот генератор на кризата и најголемиот проблем на Западен Балкан и доколку меѓународната заедница не му застане на патот – тоа сигурно ќе започне војна.
„Курти го интересира само тоа. Не го интересира мирен живот, ниту помирување, ниту економска соработка, патишта, трговија или развој на инфраструктурата. Го интересира само како ќе ја спроведе својата екстремистичка политика“, рече Дачиќ при гостувањето на ТВ Пинк.
Наведувајќи дека целта на Приштина е Србија да се согласи и да ја признае еднострано прогласената независност на Косово, тој рече дека Србија јасно кажала дека тоа никогаш нема да се случи.
Затоа, вели Дачиќ, од Приштина се напаѓаат и меѓународните посредници кои не си ја вршат добро работата, бидејќи не успеваат да ја натераат Србија да го признае Косово.
Курти не ја знае границата, не знае до каде може да оди во фабрикување ескалации кои предизвикуваат нестабилност, рече Дачиќ.
„Го слушнавте Мирослав Лајчак, кој рече дека изборите во четири општини биле нагазна мина. А што зборувавме цело време? Сега се сетивте дека беше мина?“, изјави Дачиќ.
Тој посочи дека секој потег на Курти е нагазна мина – формирање на војска на Косово и забрана за продажба на српска стока.
Забележа и дека никој не реагира на тоа што српската стока не може да влезе во Косово.
„А кога Србите протестираат за тоа, тогаш прашањето е зошто Србите протестираат. Кога ги бојкотираат изборите – зошто Србите бојкотираат… И кога Курти ги бојкотираше институциите на Југославија, и кога Албанците на Косово се бореа за отцепување од Југославија, тоа тогаш беше одраз на демократија и борба за слобода“, посочи Дачиќ и потсети дека УЧК била и на листата на терористички организации во САД, но подоцна била „преименувани во борци за слобода“.
Тој повторува дека Курти не е само проблем на Приштина и Белград, туку на целата меѓународна заедница.
„Ако некој мисли да ги зачува мирот и стабилноста во оваа област, мора да му застане на патот. Погромот и теророт на Србите на Косово не може да се дозволи. Србија тоа не може да го толерира, ниту ќе го дозволи“, рече Дачиќ.
Коментирајќи за испораката на турски беспилотни летала во Приштина, Дачиќ изјави дека тоа не е никаква тајна информација и оти е свесен дека Турција го смета овој дел од регионот – регион за кој се историски заинтересирани.
„Тие рекоа дека ако нешто се случи во Сараево, тоа мора да биде проследено со реакција во Истанбул. Но, тогаш не можам да разберам како, ако нешто се случи во Бања Лука, не може да се добие реакција од Белград“, истакна шефот на српската дипломатија.
Тој изјави дека мора да се разбере улогата на Србија во регионот, без разлика што турските симпатии се секогаш на страната на Косово, но и кон Бошњаците.
„Но, едно прашање е сочувството. Ова (испорака на беспилотни летала) е прашање за директно помагање на оние кои вршат терор врз Србите“, посочи Дачиќ.
Како што вели тој, Белград тоа секако не го толкува во позитивна смисла и ќе бидат неопходни низа разговори на таа тема, бидејќи Србија направила многу за нормализирање на односите со Турција.
„Кога му висеше главата на Ердоган, Вучиќ му се јави. Не му се јавија Тачи или Харадинај…“, рече Дачиќ и додаде дека во Косово, Босна и Херцеговина и во Албанија „се одгледуваат противниците на Ердоган“.