Дачиќ: Изјавата на Бакојани за членството на Косово во СЕ е врв на лицемерието

Едноставно е неверојатно дека некој што бил министер за надворешни работи може да даде таква изјава“, рече Дачиќ и додаде дека се работи за непринципиелност.

од Бети Божиноска
1,2K прегледи

Шефот на српската дипломатија и прв вицепремиер Ивица Дачиќ истакна денеска дека изјавата на главниот известувач за приемот на Косово во Советот на Европа, Дора Бакојани, дека заштитата на српското малцинство на Косово ќе биде подобро ако Косово стане членка на Советот на Европа, е скандалозна, врв на лицемерието и, како што рече, „голо оправдувањеза промена на одлуката“.

Дачиќ, кој моментално е во Москва, го изјави ова како одговор на прашање на новинар на Танјуг по средбата со министерот за економски развој на Русија, Максим Рештников, и нагласи дека Бакојани ја променила одлуката иако порано и таа и сите западњаци велеле дека нема да дозволат Косово да влезе во СЕ додека не се исполнат одредени услови.

„Имаше три услови. Првиот беше Дечани, вториот – прашањето за формирање на Заедницата на српските општини и третиот – стопирање на експропријациите во српските општини“, потсети Дачиќ.

Тој додаде дека промената на мислењето следела ненадејно откако премиерот на Приштина, Албин Курти изјавил дека имотот на манастирот Висоски Дечани ќе биде регистриран.

„Па овој манастир постои од 14 век, сега бидејќи ќе го регистрираат земјиштето врз основа на судска одлука од пред не знам колку години, сега некој се стекнал со квалификации да стане член на Советот на Европа“, посочи Дачиќ.

Тој укажа дека на овој начин се создава опасен преседан, се уништува меѓународното право, се нарушуваат принципите на територијален интегритет и суверенитет, но се уништуваат и принципите на кои се заснова Советот на Европа.

„Имате ситуација кога принципот на територијален интегритет се толкува како кому му одговара. Ова е скандалозен начин да се оправда нивниот договор да го наградат Косово со членство во СЕ“, нагласи Дачиќ.

Дачиќ потсети дека Приштина цели 11 години избегнува да ја спроведе својата меѓународна обврска и да го формира ЗСО.

„Тие воопшто не ги исполнуваат стандардите или критериумите. Да не зборуваме за статусот, а тоа е дека тие не се членки на Обединетите Нации. Едноставно е неверојатно дека некој што бил министер за надворешни работи може да даде таква изјава“, рече Дачиќ и додаде дека се работи за непринципиелност.

 

Слични содржини