Дачиќ: Независноста на Косово доведе до поделба меѓу земјите

од Vladimir Zorba
213 прегледи

Шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ на седницата на Советот за безбедност на Обединетите нации (СББ) во Њујорк изјави дека Србија не може и никогаш нема да ја признае независноста на Косово и нема да прифати Косово да стане членка на светската организација.

За време на разгледувањето на новиот шестмесечен извештај на генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш за работата на УНМИК, Дачиќ рече дека денес „сите се свесни за последиците од поддршката на едностраното прогласување независност на Косово во 2008 година“, како и дека „Пандорината кутијата е отворена“.

„Независноста на Косово доведе до сериозни турбуленции во меѓународните односи и поделба меѓу земјите. Во претходните години, 28 земји го повлекоа своето признавање и Косово сега е признаено од 84 од 193 членки на ОН. Нема начин Косово да стане членка на ОН бидејќи едноставно немате мнозинство“, рече Дачиќ.

Тој изјави дека договорите на лидерите на двете страни, постигнати во Брисел на 27 февруари и во Охрид на 18 март, не се за меѓусебно признавање, туку за нормализација на односите.

„Ќе вложиме максимални напори и подготвени сме да ги спроведеме сите принципи од тие договори, но пред тоа мора да се знае дека обврската за формирање на Заедницата на српските општини (ССО) мора веднаш да се исполни, во спротивно нема да има договор “, рече Дачиќ.

Тој го обвини косовскиот премиер Албин Курти дека негова „очигледна цел“ е протерување на Србите од Косово и бришење на српскиот идентитет и оцени дека поради тоа „нема да го исполни договореното“.

Дачиќ, исто така, рече дека извештајот на Гутереш за работата на УНМИК „не претставува основа“ на која членовите на Советот за безбедност на ОН би можеле да создадат слика за реалната ситуација на Косово, наведувајќи дека постои „атмосфера на страв и притисок кон Срби и други кои се неалбанци“.

Слични содржини