Дачиќ: Резолуцијата на Европскиот парламент за Србија е политички памфлет

Во разговор за националниот канал РТС, Дачиќ ги негираше наводите во резолуцијата, особено во врска со однесувањето на полицијата. Според него, резолуцијата содржи бројни невистини.

од Vladimir Zorba
6 прегледи Фото: Фејсбук/Принтскрин/ТВ Сител

Српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ денес ја опиша резолуцијата за Србија што Европскиот парламент вчера во Стразбур ја усвои како „политички памфлет“, објави српското издание на регионалниот телевизиски канал N1.

Во разговор за националниот канал РТС, Дачиќ ги негираше наводите во резолуцијата, особено во врска со однесувањето на полицијата. Според него, резолуцијата содржи бројни невистини.

„Ова е политички памфлет, а не сериозен документ“, изјави Дачиќ пред телевизиските камери.

Тој ги нарече некои од наводите во резолуцијата „чисти лаги“ и рече дека тие се создадени „врз основа на ставови што доаѓаат од Србија“.

Забележувајќи дека резолуцијата не е обврзувачка, ја спореди со огласна табла „на која секој може да пишува што сака“.

Вчера, ЕП усвои резолуција со која ја осудува поларизацијата и растечката репресија во земјата речиси една година по смртоносниот инцидент на железничката станица во српскиот град Нови Сад, потсетува N1. Резолуцијата беше поддржана од 457 европратеници, а 103 гласаа против.

Масовните антивладини протести и блокади на факултетите започнаа во Србија во ноември минатата година, откако се урна кровот на неодамна реновираната железничка станица во Нови Сад, при што загинаа 16 лица. Демонстрантите веруваат дека трагедијата е предизвикана од корупција и небрежност. Нивните барања за транспарентна истрага за трагедијата и кривична одговорност прераснаа во повик за предвремени избори.

Тековните неколкумесечни протести, предводени од студенти, беа претежно мирни, но во текот на летото имаше судири меѓу органите на редот и демонстрантите, кои ја обвинуваат полицијата за бруталност и прекумерна употреба на сила.