Дали 800 работници од Непал и Мароко ќе бидат вработени во „Фиат“ во Крагуевац?

од desk2
34 прегледи

Во фабриката на „Фиат“ во Крагуевац ќе бидат вработени 800 работници од Непал и Мароко, бидејќи во Крагуевац нема работници што би работеле за оваа компанија, пренесе Телевизија Крагујевац, повикувајќи се на изјавата на градскиот советник за економија Радомир Ериќ.

Тој наведува дека градот Крагуевац во моментов на евиденција има 9.000 невработени, пренесе агенцијата Бета.

Сепак, од фабриката на Фиат, односно на Стелантис, во чиј состав е Фиат потоа ја демантираа бројката на работници што ќе дојдат, но не порекнаа дека им недостигаат 800 работници.

Единствено што беше појаснето е дека во Крагуевац на обука ќе дојдат 100 работници од фабриката на Стелантис во Мароко, каде наскоро треба да почне производството на „Фиат Гранде Панда“.

За долгогодишниот лидер на Независниот синдикат на градот Крагуевац и Фабриката за оружје „Застава оружје“ Југослав Ристиќ, доаѓањето на работници од странство во фабриката за автомобили не е изненадување.

„Јасно е дека ќе дојдат работници од страна, бидејќи за тие плати – кои се малку повисоки од 70.000 динари – очигледно е дека луѓето во Крагуевац не се заинтересирани, бидејќи не можат да преживеат од тоа. И затоа се посегнува по доаѓањето на работници од Непал и Мароко, земји каде што луѓето се многу сиромашни“, изјави за агенцијата Бета, Ристиќ, кој е претседател на Здружението „Нова светлина“.

Тој, коментирајќи ја првичната најава од советникот Ериќ, кој беше демантиран од „Стелантис“, наведува дека во Непал, кој има 27 милиони жители, повеќе од половината од луѓето имаат помалку од 1,25 долари дневно за потрошувачка, додека Мароко, со 37 милиони жители, има повеќе од три пати помал БДП од Србија.

Просечната плата во Србија, како што рече Ристиќ, е околу 108.000 динари, а во Крагуевац е за неколку илјади динари пониска од тоа.

Во фабриката на „Фиат“ во Крагуевац, објасни Ристиќ, работник може да заработи и околу 90.000 динари, доколку му се работни сите саботи, но тоа значи дека треба да работи повеќе од 40 часа во седмицата.

Ристиќ изјави дека е позната приказна дека Фиат во Крагуевац не може да обезбеди работници и дека веќе донесувал работници од Италија, кои, сепак, ги плаќал повеќе од работниците од Србија – околу 100 евра дневно.

Тој верува дека ако Фиат во Крагуевац плаќа работник 1.000 евра месечно, многу лесно би си обезбедил работници, а државата, која има третина удел во компанијата, тоа може да го подготви преку регулативите.

Слични содржини