Дали Челси е кандидат за титулата? Мареска претпазлив, а навивачите сонуваат

од Vladimir Zorba
5 прегледи

Пред почетокот на сезоната во Премиер лигата, Челси дефинитивно не беше во игра за титулата. „Сините“ многу талкаа во претходните сезони, трошеа огромни пари на засилувања и беа далеку од врвот на Островот.

Но, во текот на оваа сезона сè се промени на „Стемфорд Бриџ“. Челси игра, би рекле, над сите очекувања, а синоќа во рамките од 16. коло од Премиер лигата на домашен терен го победи Брентфорд (2:1) и со меч помалку дојдоа на два бода од Ливерпул. Затоа медиумите на Островот го поставуваат прашањето – дали сега Челси е кандидат за титулата?

„Сините“ синоќа славеа седми пат по ред, сметајќи ги сите натпреварувања, а во Премиер лигата имаат четири бода повеќе од Арсенал, шест од Нотингем и седум од актуелниот шампион – Манчестер Сити.

„Мораме да бидеме реални. Не се работи за тоа колку победи имаме. Има работи што треба да ги правиме подобро. Затоа се уште не мислам дека сме подготвени да ја освоиме титулата. Навивачите можат да сонуваат, но ние во клубот мора да бидеме реални“, смета менаџерот на Челси, Енцо Мареска.

За разлика од Мареска, фудбалерот на Челзи, Мозес Каиседо, смета дека „небото е граница“, додека менаџерот на Брентфорд, Томас Френк по натпреварот изјави дека Челси е многу добар тим, кој дефинитивно е во трка за титулата.

Но што велат бројките?

Челси со 37 постигнати голови е најефикасната екипа во Премиер лигата. Во сите натпреварувања, избраниците на Мареска оваа сезона постигнаа 66 голови. Тоа се 66 гола на 25 натпревари – за споредба, Челси ја заврши минатата сезона со 50 одиграни натпревари, на кои постигна 16 гола помалку од сегашните 66. Тимот на Мареска во просек постигнува 2,66 гола по меч, најмногу во историјата на клубот.

А распоредот што следи дефинитивно му одговара на Челси – четири од следните шест натпревари тимот ги игра против екипи кои се во долната половина на табелата во Премиер лигата.

Клучен играч оваа сезона е англискиот репрезентативец Кол Палмер. На 16 натпревари во Премиер лигата тој постигна 11 гола, а повеќе голови во ова натпреварување постигнаа само Ерлинг Халанд (13) и Мохамед Салах (13). Палмер има и шест асистенции.

Во добар ритам е и напаѓачот Џексон, кој имаше многу предизвици минатата сезона. Во Премиер лигата одигра 14 натпревари и постигна девет гола. Во претходната сезона постигна 14 голови.

Исто така, важна улога игра средниот ред, каде Лавија и Каиседо се добар тандем, а во добра форма е и Енцо Фернандеш.

„На повеќето натпревари доминира средниот ред. Тие се во трка за титулата, ги делат два бода од Ливерпул и до крајот на сезоната се е можно“, смета поранешниот фудбалер на Челси, Џо Кол.

Питер Крауч има само добри зборови за Мареска.

„Мареска досега беше фантастичен. Се ослободи од фудбалери кои не ги сакаше, создаде одлична атмосфера. Сите играчи сакаат да го дадат својот максимум”, смета Крауч.

Она што може да се истакне како недостаток на тимот е неискуството кога е во прашање борбата за титулата. Просечната возраст на тимот е 23,9 години, додека во Ливерпул е 26,5, Арсенал 26,8, а Манчестер Сити 27,8.

Ниту еден играч кој моментално игра за Челси ја нема освоено Премиер лигата, а само три екипи во историјата на ова натпреварување стигнале до трофејот, а просечната возраст на стартната постава била под 25 години – Блекбурн во 1995 година, Манчестер Јунајтед во 1996 и Челси во 2005. година.

Друг моментален недостаток е големиот број на примени голови, бидејќи мрежата на избраниците на Мареска на 16 натпревари беше затресена 19 пати. Мареска по мечот со Брентфорд зборуваше за одбраната.

„Мислам дека другите тимови, кои знаат да освојуваат титули, не примаат голови како што ние ги примаме“, рече Мареска.

Последната титула Челси ја освои во 2017 година. Дека тимот од Лондон е во добар ритам покажуваат бројките и игрите. Мареска претпазлив, а навивачите сонуваат.

Слични содржини