Д-р Сашко Јовев, кардиохирургот и поранешниот директор на Кардиохирургија најверојатно ќе ја напушти земјава и се спрема за живот во Хрватска, според информации на „Локално.мк“.
Познатиот кардиохирург во измината година го следат многу скандали поврзани со неговата работа на Клиниката, па се претпоставува дека тоа е причината за преселувањето. За потврда на информациите, пробавме да го исконтактираме д-р Јовев, но не одговори на нашите повици и пораки во неколку наврати.
Инаку откако министерот за здравство го разреши од директор на Клиниката за кардиохирургија, на виделина излегоа многу скандали, ексцеси и неправилности во неговата работа и менаџирањето со една од најсуштинските клиники.
На 18-ти септември годинава се случи тепачката меѓу Јовев и докторот Марјан Шокаровски. Според она што можеше да се види на објавеното видео, имало расправија меѓу медицинските лица, по што доаѓа и до турканица. Сето тоа се случува во присуство на други вработени во Клиниката.
„Не е точно дека јас сум нападнал некого. Практично, јас пријавив вербален напад и само буткање во кое имам повреда на окото од лупите на колегата“, изјави тогаш Јовев.
Јавното обвинителство се уште нема пријава против докторот.
Тој беше директор на Клиниката за кардиохирургија до јуни годинава, кога беше разрешен од функцијата. Јовев тогаш побара преиспитување на одлуката за неговото разрешување истакнувајќи дека во државната Клиника не се утврдени нерегуларности. Кажа оти во последниот период бил изложен на големи притисоци и дека причината за неговото разрешување, како што е наведено во решението, се две дежурства во 2022 година за кои не добил согласност од тогашниот министер за здравство.
Образложението на министерот Меџити, пак, беше дека политика апсолутно не стои зад смената на Јовев и истакна дека секаде каде што ќе има злоупотреби со него како министер, ќе има и санкционирање.
Јовев во мај 2020 година беше предводник на тимот кардиохирурзи коишто ја направија првата успешна трансплантација на срце од починат донор на Клиниката за кардиохирургија. Потоа следуваа уште четири успешни трансплантации на срце во периодот до август 2021 година. Досега Јовев предводеше вкупно девет трансплантации.
Н.П.