Дали домашните компании се подготвени за поцелосно имплементирање на „Зелената агенда“ во своето работење?

од Vladimir Zorba
384 прегледи

Големи амбиции, мали резултати во пракса. Екологистите во Македонија се согласуваат дека подршката на нашата држава  во однос на заклучоците од конфренцијата во Глазгов COP26 е  засега  недоволна.

Откако нашиот политички врв застана зад заложбата за постепено укинување на  употребата на јаглен  и нето нулта  стапка на емисии на штетни гасови  преку вкупно 63 политики и мерки, екологистите и граѓаните го поставија прашањето за роковите и начините  на нивно спроведување.

Во разговор со „Локално“, професорот Божидар Миленковски од Битолскиот универзитет  посочува  дека и покрај тоа што во земјава постојат мерки со кои треба да се демотивира употребата на материјали коишто потешко се рециклираат, недостига поригорозна политика со која ќе се санкционира загадувањето од било кој облик.

Овде треба да се има предвид дека најголемиот производител на електрична енергија кај нас, РЕК Битола, којшто учествува дури со 70 проценти во нејзиното производство, користи јаглен и мазут. Многу малку се користат обновливите извори на енергија. Исто така, лошата финансиска ситуација на граѓаните, се рефлектира во користење на многу нееколошки средства за огрев, вели Миленковски.

Дополнителен проблем според него е и фактот дека домашните компании и државата воопшто,  не прават доволно за ограничување на емисиите од СО2.

Мислам дека компаниите кај нас не се доволно подготвени за поцелосно имплементирање на зелената агенда во своето деловно работење. Има повеќе причини за ваквата ситуација, меѓу кои како најважни, според мене, се недоволно изградената еколошка свест и ограничените финансиски средства кои се планираат за еколошка општествена одговорност кај компаниите. Во тој контекст, на ниво на компании, иако се препознава важноста и ургентноста на проблемот со загадувањето, не сум сигурен дека тие имаат план за посериозни инвестиции во оваа насока, вели Миленковски.

Од своја страна, компаниите отфрлааат секаква одговорност, а вината за проблемите со кои се соочуваат  во процесот на инвестирање во животната средина и намалување на загадувањето  ја лоцираат во неправилното спроведување на законите.

Горан Антовски од Здружението на металната индустрија за „Локално“ вели дека најголем дел од загадувањето е од нечистото производство на електрична енергија.

„Тоа можеше и требаше да се реши во предходните години со вложување од страна на компаниите и поединци во зелена енергија . Државата со законите и барање на дозволи само го успори процесот наместо да дадеше субвенции или олеснувања и да ги потикне претприемачите да вложат сопствени средства. Со измена на законите и со мали финансиски средства можеше секое семејство и компанија да се потикне да вгради сончеви и фотоволтаични колектори и да стане производител на електрична енергија како што го прават секаде во светот. Исто така, не ги санкционера компаниите кои не ги следат законите и прописите за одстранување на отпадот, посебно на опасниот ПСБ во старите трансформатори со што константно се трујат луѓето и се загадува животната средина. Загадувањето од загревањето со нечисти горива исто така е голем проблем на кој сеуште никако да му се стави крај со правилно следење на законите, вели  Антовски.

Тој уверува дека компаниите вложуваат значителни средства  во насока на спроведување на стандардите за подобра животна средина.

Дел од компаниите во последните години константно вложуваат во заштита на животната средина , тоа ги чини значителни финансиски средства но се свесни дека вложуваат за иднината на следните генерација. Но секако сеуште постојат компании и физички лица кои се грижат само да заработат на сметка на загадувањето и уништувањето“, додава Антовски.

Легислативата е една од појдовните точки и на невладината „Еко свест“. Според нив, Македонија транспортира голем дел од ЕУ регулативата но се уште недостасува имплементација, а како главна причина за тоа го наведуваат недостатокот на меѓусекторска соработка и комуникација  која е клучна за секторот животна средина и клима.

Сепак, укажуваат дека  нашата држава не е толку далеку од Зелената агенда  и ветеното намалување на емисиите на стакленички гасови за 51 % до 2030 год.

Но мора да поставиме јасни цели кон кои ќе се движат сите релевантни институции. Во моментов тоа не е случај, а дополнително се доцни со носење клучни стратегии, планови, закони и подзаконски акти со што дополнително се одалечуваме од целта. Термоелектраните на јаглен ќе мора да затворат најдоцна до 2030 година, а ова значи дека планирање на развој за регионите со јаглен требаше да започне вчера“, вели Елена Николовска од „Еко свест“ за „Локално“.

Фактот што не умееме како држава еколошките предизвици да ги претвориме во можности и што сеуште постојат несанкционирани загадувачи според неа се дополнителни отежувачки проблеми.

Имаме добра законска регулатива, потребно е да ја спроведеме и институциите да се подржуваат меѓусебно наместо постојано да се напаѓаат. Загадувачите кои не го почитуваат законот, треба едноставно да добијат забрана за работа додека не го исправат тоа. Насочување на финансиите кон иновативни технологии бара и тесна соработка и мобилизирање на приватниот сектор кое сега не се прави“, посочува Николовска.

Тешко стекнатиот климатски пакт во Глазгов меѓу речиси 200 земји ги повика државите во светот да направат многу повеќе за да ги ограничат емисиите на  јаглород и да се ограничат катастрофалните последици од затоплувањето.Пораката до глобалните компании и директори беше јасна: Преиспитајте ги вашите деловни стратегии и јаглеродниот отпечаток за да добиете парични средства. Ако не го направите тоа или заостанете, ризикувате да изгубите.

К.В.С.

 

Слични содржини