Дали е можен траен прекин на огнот? Примирјето меѓу Израел и Хамас влезе во шестиот ден

од Stefanija Kuzmanovska
177 прегледи

Примирјето меѓу Израел и Хамас влезе во шестиот ден, а подоцна денеска се очекува уште една размена на израелски заложници за палестински затвореници, додека меѓународните посредници се обидуваат да посредуваат за траен прекин на огнот.

Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху соопшти дека добил список со имињата на киднапираните Израелци кои Хамас има намера да ги ослободи денеска.

Тоа ќе биде шеста група заложници ослободени како дел од привременото примирје.

Секој ден од петокот, Хамас ослободуваше по десет жени и деца киднапирани во нападите врз јужен Израел на 7 октомври, а Израел пак ослободуваше три пати повеќе палестински затвореници, жени и малолетни мажи.

Дванаесет заложници (десет Израелци, Тајланѓанец и Филипинка) и 30 палестински затвореници беа ослободени синоќа.

Веќе се информирани семејствата на заложниците кои ќе бидат ослободени денеска, на вториот ден од продолженото примирје, јавуваат израелските медиуми.

Договорот за прекин на огнот, постигнат со посредство на Катар, со поддршка на САД и Египет, дозволи досега ослободување на 60 израелски заложници и 180 палестински затвореници.

Надвор од договорот, 21 странски заложник, главно Тајланѓани кои живеат во Израел, беа ослободени.

Израелските власти проценуваат дека околу 240 луѓе беа киднапирани и однесени во Газа на 7 октомври во нападот на екстремисти од Палестинската исламска организација, во кои загинаа повеќе од 1.200 луѓе во Израел.

Таа земја се закани дека ќе го уништи Хамас и израелската војска ја опколи и почна да ја бомбардира малата палестинска енклава, а подоцна започна копнена офанзива.

Според владата на Хамас, убиени се речиси 15.000 Палестинци, меѓу кои и околу 6.000 деца.

Првото четиридневно примирје стапи на сила во петокот, а потоа беше продолжено за уште два дена до четврток во 7:00 часот по локално време.

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш го нарече примирјето „тронка надеж и хуманост среде темнината на војната“.

Во меѓувреме, посредниците се обидуваат да го продолжат примирјето и размената на заробените да продолжи и по четврток.

Се очекува оваа недела државниот секретар Ентони Блинкен да ги посети Израел и Западниот Брег.

Слични содржини