Силно одекнаа во јавноста вчерашните отворени критики на холанскиот амбасадор во земјава, Дирк Јан Коп. Тој не штедеше зборови во своите ставови, нагласувајќи дека Македонија само „натрупува изговори за исполнување на барањата за членство“. „Сите други земји, сепак, во период од 10 до 15 години успеаја да ги направат потребните реформи и да станат членки на ЕУ. Зошто не ги завршивте реформите пред 15 години како другите земји? Слушам како е виновна Европската Унија што членството е заедничка одговорност и ве тераме да чекате предолго. Вистината е дека членството е ваша одговорност и нас не терате да чекаме предолго. По децении огромна поддршка, каде отидоа парите на нашите даночни обврзници?“, рече Коп.
За разлика од останатите европски претставници во земјава, но и официјални лица од Брисел кои доаѓаат во посета, ова е првпат вакви пораки да бидат испратени. Што после ваквите констатации? Според политичкиот аналитичар и извршен директор на невладината „Пулсот на демократијата“ Енвер Салихи, имаме низа изјави на држави кои се од ваков ранг, но не гледаме никаво побрување на владеењето на правото и правната држава како основен постулат на една демократија и држава со аспирации да стане член на Унијата.
-Патем се сеќаваме и на изјавата од aмбасадорот на САД во РСМ, која остро ги осуди бавните реформи во правосудството и неиспорачувањето на резултатите од страна на владеачките партии. Сметам дека со последната изјава на Амбасадорот на Холандија само што се будаат негативните реперкусии од неодамнешното менување на кривичниот законик без никава поширока дебата, правејќи домино ефекти на застарување на многу кривични дела на лице кои до вчера се сметаа метастаза на правниот систем. Уставните измени се тема која се спомнува дека е готова, но сега не се гледаат резултатите и секое задоцнување раѓа нови разочарувања кај внатрешната јавност и меѓународната заедница, поради многу погрешни чекори што се преземаат можеби со крајна цел уставни измени, но без ниту еден епилог до денес, вели Салихи за „Локално“.
Соговорникот е дециден дека реформскиот процес во земјава е потребен во сите сектори, така што 2030 година е многу блиску и без заеднично работење меѓу позиција и опозиција тешко дека истите се остваруваат за толку краток период.
-Судејќи по досегашната практика да секоја нова Влада прави реформи по свој терк, тогаш може да се рече дека сме песимисти за таа година, но сепак да бидеме искрени дека покрај реформите, постојат и пречки кои не се суштински или критериуми, но сепак не попречуваат во нашиот пат кон Унијата. Сметам дека Европа има потреба за итен внес на балканските земји во нивното елитно друштво и има потреба за форсирање на итни реформи во рамките на сите држави како би се успеало да 2030 година стане реалност, истакнува Салихи.
За застарувањето на судските предмети, особено за масовното прислушување, што очигледно ја прели чашата, аналитичарот е дециден дека сите граѓани треба да се еднакви пред лицето на правдата.
-Гледаме дека обичните граѓани си ги отсулужуваат и минималните казни, додека од друга страна се ослободуваат лица кои кои досега се сметаа како најголеми виновнивници за немање преспектива и присвојување на целокупниот државен систем за нивни потреби. Враќањето на Груевски е исто така една тема која се спомнува во јавност и која предизвика голема заинтересираност кај граѓаните кои бараа правда и мир. Интересно е што и приврзаниците на ВМРО-ДПМНЕ веќе се против таа постапка, која ако се случи ќе произведува големи дебати и ќе произведува нови политички случувања, ни рече Салихи.
Политичкиот аналитичар, Благојче Атанасоски истакнува дека Холандија како држава членка на ЕУ покажала дека е особено сензитивна на темата за реформи во правосудството,особено за владеењето на правото и правната држава. Во разговор за „Локално“ се согласува дека Македонија повеќе создава привид дека работи на подобрување на овие состојби, одошто навистина се работи на подобра промена.
-Оттука, воопшто не ме изненадува изјавата на холандскиот амбасадор кај нас, кој ги фрли дипломатските ракавици и ни ја плесна суровата вистина в лице. Точно, Холандија може да биде сериозна „пречка“ на нашиот пат кон ЕУ,доколку и понатаму „глумиме“ реформи во правосудството. Ама со право. Бидејќи тоа е дел од Копенхагешките критериуми, истакнува тој.
Сепак порачува дека ваквите пораки воопшто не се изненадување, освен за тие кои живеат во розова реалност.
-Очигледно изјавата не оди во корист на владејачката партија, бидејќи таа е најголем апологет за евроинтеграцијата. Освен непринципиелните и антиевропски барања и уцени од Бугарија, добивме „шлаканица“ од респектабилна земја членка на Унијата, на која немаме соодветен одговор. Односно ни ја кажаа болната вистина во лице. Без заобиколување, на тема на која сме најужасни од сите ужасни состојби во кое тоне македонското општество и држава, оценува соговорникот.
Атанасоски укажува дека новите измени на КЗ ја прелија чашата на европските претставници.
-Веројатно тоа е тригерот,бидејќи тие евробирократи се иритирани и фрустирани од тоа што вложиле енергија,време,труд ,но и многу пари од нивните даночни обврзници да ги подобрат состојбите во правосудството. На крајот добиваат политичка елиминација на предвидената правда,која и така беше недостижна со нашето корумпирано и подложно на влијание на туѓи центри на моќ судство, смета тој.
Дециден е дека борбата со корупцијата и владеењето на правото се најголемиот проблем за земјава на патот кон европското семејство.
-И да ги изгласаме уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот,во догледна иднина, првото поглавје кое ќе го отвориме ќе биде 23- состојбата со правосудството. И ако не покажеме видлив напредок и суштински а не козметички реформи ќе останеме заглавени со години на тоа, со ново вето, овој пат со право , најверојатно од Холандија, предупредува Атанасоски.
За најавената посета на претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен, аналитичарот вели дека пораките се повеќе од јасни, без разлика дали се кажани во фина дипломатска обланда и завиени со фина реторика или во стилот на холандскиот амбасадор.
-Тие се во иста насока: реформирајте се за ваше добро и бенефит за вашите граѓани, а не поради ултимативната крајна цел- полноправно членство во ЕУ. Имаме најдобар пример од политичката одлука за прием на Бугарија во ЕУ, како нереформирана корумпирана и криминализирана земја-членка, цели 15 години после приемот се соочува со истите проблеми со кои се соочуваме и ние и сите земји од Западниот Балкан. Такво членство (како на Бугарија), мене лично како граѓанин поборник за членство на Македонија во ЕУ, не ми треба, категоричен е Атанасоски.
Н.П.