„Дали е про или анти ЕУ не се докажува во Унгарија, туку во Македонија“: Каква порака испрати Мицкоски со посетата на Будимпешта?

„Унгарија даде поддршка на Преговарачката рамка и уставните измени кои нашата Влада одбива да ги исполни“: Дали зајакнатата соработка со Унгарија е „утешна награда“ за македонските евроинтеграции?

од Nikola Popovski
64 прегледи Фото: Фејсбук/Христијан Мицкоски

„Унгарија останува искрен и докажан партнер на Македонија, заедничките вредности, меѓусебната почит и силната соработка се темел на стратешкото партнерство“. Во Будимпешта средба на премиерите Христијан Мицкоски и Виктор Орбан. Во фокусот, продлабочувањето на економската соработка, нови инвестиции и проекти што ќе донесат придобивки за граѓаните на двете земји.

Мицкоски и Орбан заклучиле оти во време на предизвици, силните пријателства и јасната визија се клучни за стабилност и развој, а според Мицкоски, Македонија продолжува напред со достоинство, со реформи и со поддршка од вистинските пријатели. Мицкоски рече дека врвни приоритети за владата се реформската агенда, владеењето на правото и борбата против криминалот и корупцијата. За европскиот пат, повика напредокот да се вреднува според европските стандарди.

Со оглед на честите средби на македонските власти со унгарските и блиските односи со администрацијата на Орбан, дел од јавноста прашува дали со ова се потврдува „потчинетоста“ кон Унгарија и политиките на Орбан, кои се спротивност на ЕУ? Екс-пратеничката и аналитичарка на состојбите, Никица Корубин потсетува на владиното соопштение за средбата.

„Тема на разговор ќе бидат актуелните предизвици во регионот, но и конкретната поддршка што Унгарија ја дава за европскиот пат на Македонија“-што би значело дека оди спротивно на одлуките на Унгарија vis a vis евроинтеграцијата на Северна Македонија и не ја почитува поддршката на Унгарија бидејќи и Унгарија даде поддршка на Преговарачката рамка, која токму нашата власт (законодавна и извршена) одбива да ја исполни. Па, оттаму дали може да говориме, како што велите „за потчинетост кон Унгарија и политиките на Орбан“ или за „искористување на интересите на Унгарија во ЕУ како параван” за нашето не-чинење на штета на цело општество и сите граѓани? Унгарија е во ЕУ, ние не сме.  И Унгарија е составен дел од јасниот и недвосмислен став на ЕУ – уставни измени веднаш, и без дополнителна политичка одлука веднаш ги започнуваме преговорите по преговарачки поглавја и кластери“, вели Корубин во разговор за „Локално“.

Ова не е прво патување на Мицкоски во унгарската престолнина откако стана премиер. Во март 2025 во Будимпешта се одржа унгарско-македонски владин самит, со тет-а-тет средба со Орбан и заедничка седница на двете влади, а во мај истата година Мицкоски повторно беше во Унгарија на конзервативната „CPAC“ конференција.

Соговорничката претпоставува дека секоја изјава на премиерот во Унгарија, ќе биде во функција на „враќање на услугата“ и поддршка на предизборната кампања на Орбан, во исклучително важни избори кои следат во Унгарија, и неповолна позиција за него според сегашните проекции.

„За нас и за ЕУ е многу побитно, неговото поведение дома и кои политики, со своето делување и делувањето на владата и власта, тој ги спроведува. Дали е про-ЕУ или анти-ЕУ не се докажува во Унгарија, туку во Северна Македонија. И токму тука завршува секоја приказна за декларативноста наспроти фактичката состојба – лесно е, за било кого кој е на позиција, да се биде за ЕУ на зборови и со поволностите од ЕУ што стојат на располагање, потешкиот дел се европските манири и пракси, спроведени ефективно во функционлноата на системот, и исполнувањето на превземените обврски на државата, за која се избрани или именувани да ја управуваат“, нагласува Корубин.

Фото: Принтскрин/Јутјуб

Запрашана дали нешто ќе се смени во односот кон Македонија, доколку на унгарските избори победи лидерот на унгарската опозиција Петер Маѓар, аналитичарот потсетува дека односот кон Македонија на Унгарија е на политичко и на економско ниво.

„Официјалниот политички однос на Унгарија кон нас, не се разликува воопшто од било која друга земја на ЕУ – Преговарачката рамка, со сите услови во неа – е заеднички став на ЕУ вклучително и на Унгарија. Како тогаш Бугарија, која е прв сосед, а не ја третираме како стратешки партнер, е проблем во однос на Преговарачката рамка, а Унгарија која воопшто не е дел од нашиот регион, не е проблем и ја третираме како стратешки партнер“, прашува Корубин, додавајќи дека официјалниот економскиот однос е второто ниво, од кој интерес имаат унгарски компании, кои добиваат пристап до нашиот пазар.

„А, тој, еднаш стекнат интерес и позиција, тешко дека ќе зависи од било каква политичка промена. Токму затоа, прво треба прашањето за нас да биде: каков интерес ние како опшество и нашите граѓани имаат од Унгарија, и дали тој е подобар или полош во однос на друг потенцијален интерес со друга членка на ЕУ? За нас, економски не смее да биде примарен интересот на другите, туку нашиот; а политички и интересот на нашите партнери во НАТО и ЕУ“, посочува таа.

„Мицкоски ги продава македонските национални интереси – а кај Орбан отиде за да договара враќање на Никола Груевски и уривање на правниот систем“, обвинуваат од СДСМ. Соговорничката потсетува дека екс-премиерот има правен статус на азилант и сигурно е регулиран низ правниот систем во Унгарија, поткрепено и со документи од наши институции, во однос на претпоставената дискриминација.

„Оттаму, тоа би бил и патот за неговото евентуално заминување од Унгарија, затоа што тој тогаш би имал работа со правниот систем во Унгарија, а не со нашиот со кој има други релации. Инаку, прилично интересно е да се замисли ситуацијата каде што се судираат влијанијата на актуелниот премиер, со поранешен премиер, и динамиката на тој претпоставен однос. А, бидејќи нашата јавност е навикната на “паравани” кои понекогаш ги кријат вистинските информации и намери, се прашувам дали Груевски е токму таа “дневна политичка тема” за која говорите“, заклучува Корубин.

Виктор Орбан беше првиот странски лидер што дојде во официјална посета на Македонија откако по парламентарните избори во мај 2024 власта ја презеде ВМРО-ДПМНЕ на чело со Мицкоски. За време на оваа посета во септември 2024 во Охрид се одржа и прават заедничка седница на унгарската и македонската влада.

Инаку, Мицкоски и Орбан, го договорија унгарскиот кредит од 500 милиони евра на маргините на НАТО самитот во Вашингтон, во јули 2024 година. За унгарскиот заем, Собранието на 17 септември изгласа посебен Закон по што на 8 октомври во Будимпешта следуваше потпишување на договорот меѓу министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска и претставници на унгарската Експорт-импорт банка. Половина од парите беа за инфраструктурни проекти на општините, а половина за кредити за фирми.

Слични содржини