Дали Ѓорѓиевски е фаворитот кој ќе го „трансформира“ Скопје: „Логично би било ВМРО-ДПМНЕ барем 20 години да не помисли да го води градот со оглед на изминатите четири години“

од Nikola Popovski
261 прегледи

Орце Ѓорѓиевски, актуелниот градоначалник на Општина Кисела Вода е кандидатот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ за прв човек во Град Скопје на локалните избори во октомври годинава. Ѓoрѓиевски изјави дека ја бара поддршката од сите скопјани без разлика на политичката припадност велејќи дека за него постојат само скопјани што си го сакаат или не си го сакаат градот. Најави дека веднаш ќе почне со теренски посети и со процес на креирање на програмата со која ќе настапи на изборите. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски рече дека ги научиле сите лекции за сега да не погрешат повторно во изборот на кандидат за градоначалник на Град Скопје. Колку за потсетување, актуелниот градоначалник беше во тесна внатрепартиска трка со сопартиецот и министер за локална самоуправа, Златко Перински.

Како сегашните советници го оценуваат предлогот на ВМРО-ДПМНЕ? 

Дел од претставниците на локалните власти во земјава оценуваат дека партијата на власт мора да е претпазлива во изборот, особено по „фијаското“ и (не)спроведената програма преку поддршката на Данела Арсовска во текот на мандатот. Според советникот во Советот на Град Скопје од редовите на ЛДП, Никола Пановски, чудни нешта се случуваат во македонското општество, особено околу логиката на избирачите.

„Да згрешиш со изборот на кандидатка за градоналалник, да ја бојкотираш преку Советот три години во се и сешто, да раководиш со УО во јавните претпријатија и установи и твојот кандидат да биде фаворит за нов мандат – тоа е феноменот на нашиот менталитет. Партијата пред се, тоа што градот пропадна овие 4 години е споредно! Да гласаш против сопствената програма и ништо да не ти фали!“, вели Пановски во изјава за „Локално“.

Никола Пановски

Според советникот, логично би било ВМРО-ДПМНЕ барем 20 години да не помисли да го води Скопје и смета дека партијата треба да биде казнета на изборите, но, како што истакнува, очигледно кај гласачите логиката не игра улога.

„За кандидатите не би дискутирал, тоа е внатрешна работа на партијата. Орце Ѓорѓиевски можеби само учествувал во бојкотот, но идејата за бојкот не е негова, таа доаѓа од повисоко. За Општина Кисела Вода, едни врлат дека е одлично водена, други велат дека е катастрофа. Како е знаат тие што живеат или работат таму. Јас не сум од нив“, додава Пановски.

Токму за состојбите и работата на актуелниот градоначалник на Кисела Вода, поразговаравме со советникот од редовите на Левица, Теодор Трпевски. Според него, точно е дека се што е ветено предизборно во неговата општина, не е реализирано.

„Проекти кои што требаше да бидат завршени во овие четири години, тие се започнати пред избориве кои што следат. Дефинитивно Општина Кисела Вода моментално се дави во смет и прљавштини. Партиските вработувања во Република Македонија станаа тренд, кој што го практикуваат и Вмро и СДСМ.  Дека Орце би сменил нешто доколку стане Градоначалник на Град Скопје, не верувам“, оценува советникот во разговор за „Локално“.

Околу тоа дали Ѓорѓиевски е фаворит или не, ќе покажат резултатите на изборите, потенцирајќи дека никогаш не се знае.

Теодор Трпевски

„Зашто не беа послушани граѓаните и симпатизерите? Очигледно е дека се слуша партискиот глас, со одредени директиви од врвот, наместо тоа што го кажуваат граѓаните“, вели соговорникот запрашан Ѓорѓиевски се најде пред Перински, иако според дел од анкетите, повеќе „вагаше“ актуелниот министер.

Трпевски го вперува прстот во владеачката партија и нејзините членови за состојбите во главниот град.

„Кој е одговорен за лошата состојба на Градот? Централната власт, па и локалната власт е во рацете на ВМРО-ДПМНЕ кои што мислам дека прават опструкции кон Арсовска. Како викаат каде што има чад има и оган“, тврди советникот во Советот на Општина Кисела Вода.

За изборот на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори и општо за предлозите на сите партии, советничката во Советот на Град Скопје од редовите на Левица, Катерина Јовановска вели дека не се согласува со демонизирање на партиски кадри, затоа што и во партиите има квалитетни и професинални луѓе, но смета дека пред се, предност треба да им се даде на личните квалитети како интегритет, доследност, некорумпираност и приоретизирање на општото добро, пред приватниот и личниот интерес.

Она што ја загрижува, како што вели, е самоувереноста на ВМРО-ДПМНЕ во победата на нивниот кандидат, за што смета дека немаат кредибилитет после катастрофалното владеење со главниот град изминативе 4 години.

„Во однос на приоретизирање на кандидатурата на Ѓорѓиевски пред Перински, мислам дека тоа е поради фактот што Ѓорѓиевски преку агресивна ПР машинерија успеа да се наметне во јавноста и да прикаже резултати. Велам да прикаже, затоа што не знам колку од прикажанато е реално завршено. Кај нас градоначалниците промовираат и „се сликаат“ со проекти кои што започнуваат, а не со краен резултат, па затоа треба да се види колку од тоа што е испромовирано е реално реализирано. Тоа најдобро го знаат жителите на општината Кисела Вода, а според информациите кои ги имам, мислењата се поделени“, вели Јовановска во разговор за „Локално“.

Катерина Јовановска

Факт е дека, потенцира Јовановска, не само од општината Кисела вода, туку и градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ и од другите скопски општини изминативе три години не соработуваа и на некој начин ја саботираа работата на скопската градоначалничка која впрочем беше нивен кандидат за градоначалник.

„До Советот на Град Скопје од скопските општини имаше многу малку барања за меѓуопштинска соработка и повеќето од нив случајно или не, беа иницирани токму пред парламентарните избори мината година, што укажува на тоа дека повеќе акцент се става на предизборните ветувања и “ ловењето на гласови “ отколку реална желба за средување на општините и конкретна реализација на проектите. Не спорам дека општина Кисела Вода има реализирано одредени проекти, но факт е и дека многу клучни прашања останаа не реализирани како на пример загадувањето од Цементарница УСЈЕ“, кажа Јовановска.

Во однос на задкулисните игри насочени кон Арсовска, советничката не знае дали Ѓорѓиевски предничи во однос на другите градоначалници, но факт е дека Арсовска немаше поддршка ниту од нив, ниту од централната власт во текот на нејзиниот мандат.

„Најдобар пример за тоа е саботажата за набавка на нови еко автобуси, ветување кое заедно предизборно го ветуваа на граѓаните, но остана неисполнето највероватно за „успехот да не и се препише“ на Арсовска, иако со тоа се направи директна штета на скопјани. Истото се случува и во управните и надзорните одбори во јавните претпријатија, па сведочиме на еден целосен колапс на Градот.

Во текот на изминативе години бевме сведоци дека честопати од ДПМНЕ се одметнуваа членови и функционери како Арсовска и оние осуммина кои што гласаа за промена на името, но ДПМНЕ никогаш не превзеде одговорност за тоа. Токму затоа не можаме да бидеме сигурни што ќе се случува во иднина и дали минатото ќе се повторува, но факт е дека штетата што веќе му е направена на Скопје и на јавните претпријатија ќе биде многу тешко да се санира. Се сомневам дека токму тоа може биде изговор на новиот градоначалник од ДПМНЕ за идните нерализирани ветувања, а вината ( како што тоа го прави и централната власт) да се префрла на претходната власт без да се преземе одговорност за нивното учество во неа.

Како скопјанка и жител на овој град најмногу посакувам конечно Скопје да процвета во полн сјај, барем приближно од она што го паметиме од порано, но со оглед на сите случувања изминативе години, не сум оптимист дека тоа може да го направи кадар на ДПМНЕ.

Скопје може да го среди само кадар на партија која што покажа и докажа дека е доследна, некорумпирана и која го штити интересот на народот, а не на олигархијата, а тоа е Левица“, појаснува Јовановска.

 

Слични содржини