Дали Грција повторно ќе биде пречка на патот кон ЕУ: „Нашата европска интеграција веќе е блокирана од Бугарија така што заканите за грчко вето немаат иста вредност како во минатото“

од Nikola Popovski
1,1K прегледи

Грција и Бугарија со остри реакции откако вчера при заклетвата во Собранието не беше кажано уставното име. Според грчкиот премиер Мицотакис, новоизбраната претседателка на Македонија, Гордана Силјановска-Давкова направи недозволен и незаконски потег. Најави дека нема да прифаќаат слични лапсуси и дека европскиот пат на земјата и односите со Грција зависат од почитувањето на Преспанскиот договор. Грчкиот премиер побара од претседателката да се врати на законските обврски и на однесувањето што произлегува од нејзината функција.

Реакција стигна и од Софија. Преговарачката рамка, за информација на одговорните институции во Македонија, нема да се ревидира, истакна бугарскиот претседател Румен Радев. Тој нагласи и дека Бугарија не прифаќа изјави и однесување што се во спротивност со Договорот за добрососедство од 2017 година, како и со другите меѓународни договори кои Македонија ги потпиша, по повод свечената изјава.

Се поставува дилемата дали Македонија отвора нов „фронт“ со Грција и дали би имале нова пречка на патот кон Европската унија. Дел од домашните експерти сметаат дека новата претседателка имаше јасен став за ова прашање уште во кампањата и не е изненадување што постапи така. Универзитетскиот професор Васко Наумовски, кој е поранешен вицепремиер за европски прашања и амбасадор во САД, во разговор за „Локално“ вели дека нејзиниот став е принципиелен, и се заснова на нејзиното академско искуство, особено во областа на заштитата на основните човекови права.

Васко Наумовски

-Согласно т.н. Преспански договор, внатрешната употреба на додавката треба постапно да го следи процесот на преговорите за членство во ЕУ, а ние преговорите вооошто ги немаме започнато. Оттаму, во поглед на овој аспект од имплементацијата, минатата влада на СДСМ отиде многу подалеку и многу предвреме, нешто што не е согласност со истиот тој договор. Истовремено, постојат и обврски кои самата Грција ги нема исполнето. Досега овие прашања беа табу-тема, но со промената на власта повторно ќе се разгледуваат, тврди Наумовски.

Според него, се очекува Грција да ги мобилизира сите ресурси со цел да спречи неспроведување на Преспанскиот договор, но ситуацијата сега е различна од пред неколку години.

-Имено, ние веќе сме членка на НАТО и Грција не може да го блокира нашиот влез, како што тоа го правеше со години. Нашата европска интеграција пак, веќе е блокирана од страна на Бугарија, така што заканите за повторено грчко вето за нашиот влез во ЕУ немаат иста вредност како во минатото, оценува соговорникот.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и нов мандатар, Христијан Мицкоски ден по изборите изјави: „Ако Бугарија не е подготвена на отстапки, би се свртеле кон домашната агенда и би чекале нова гарнитура во Софија“. После ваквиот став се поставува прашањето дали евроинтеграциите се целосно ставени на втор план, барем во догледно време. Професорот Наумовски смета дека вистинскиот придонес во европеизацијата на Македонија може да се направи со суштинско исполнување на Копенхагенските критериуми. Дури и да ги имавме започнато преговорите за членство, додава Наумовски, нашиот напредок ќе зависеше од тие критериуми.

-Нам ни треба борба против корупцијата што ќе даде резултати, вистински независно судство, дигитализирана администрација, нови странски инвестиции, како и модерни здравство и образование. Достигнувањето на европските стандарди во сите области ќе ни овозможи да ги започнеме преговорите многу подобро подготвеони, како и побрзо да ги завршиме истите. Проширувањето на ЕУ не е ставено во втор план од наша страна, туку од страна на самата ЕУ. За жал, иако ние честопати слушаме декларативна поддршка од повеќе европски инстанци, во реалноста не гледаме чекор со кој ќе се овозможи продолжување на интеграцијата, и оневозможување на користење на правото на вето кое не е поврзано со критериумите за членство, потенцира поранешниот вицепремиер.

Никица Корубин

За разлика од него, аналитичарката и поранешна пратеничка во Собранието, Никица Корубин смета дека ова што се случи вчера во Собранието е „меѓународна бламажа“. Според неа, постои свесно скандализирање и заострување на односите со соседите од НАТО – стратешките партнери Грција и Бугарија.

Корубин во објава на социјалните мрежи истакнува дека ова е само страсна желба и повик за уште едно вето „за да не мора веднаш да се направат неизбежните уставни измени“.

-Затоа што е “патриотски”, анти-албанството после анти-бугарството, да се надгради и со анти-хеленство. Чекајќи го (пот)свесно нивниот “ментор и хегемон”, во никогаш непрежалениот квази-југословенизам, да се “погрижи” за “државичево” (цитирано) од “инспиративниот Западен Балкан” (парафразирано). Краток бил патот од “уставобранители до уставокршачи”. Или уставокршачки, колку тоа прозаично звучи, оценува поранешната пратеничка меѓу другото во нејзината објава.

Додава дека „додека некои мазохистички и гласно се насладуваат на флагрантното прекршување на уставот и законот, при давањето на усната заклетва на новоизбраниот претседател/ка, други мазохистички молчат за истото прекршување“.

Во продолжение целиот Фејсбук статус на Корубин:

„Додека некои мазохистички и гласно се насладуваат на флагрантното прекршување на уставот и законот, при давањето на усната заклетва на новоизбраниот претседател/ка, други мазохистички молчат за истото прекршување. Затоа што во своето конформистичко-клановско (со)учесништвото се на иста (не)видлива линија со прекршителите, зарем не?

И затоа, нашата “јавност” е во погон. Ангажирана, на уште една тура манипулации и лаги, на штета на добрата информираност на граѓаните и на угледот на самата држава. Од “пркос”, преку “гордост” до чиста лага за текстот на законот. Во добро познатиот манир на итарпејовски итроштини на изигрување и прекршување на очигледното: уставот и законот. “Патриотско” газење по државата.

Но, никако да укажат на главното, дека уставот се прекрши уште еднаш во законодавниот дом, од официјален носител на највисока политичка функција, во присуство на други највисоки политички функции. А, уставот е највисокиот акт, кој е усогласен со единствено повисокиот акт од него: меѓународните норми.

И тој устав кој во 2019 година беше променет за усогласување со Преспанскиот договор под директна интервенција и ингеренција на Обединетите нации, во четири амандмани, преку Уставниот закон, стана составен дел на секој поединечен акт и пропис “до точка и запирка”. Северна Македонија е нашиот устав, значи нашата држава и нашето меѓународно постоење.

Или како што вели член 2 од “Уставниот закон за спроведување на амандманите од XXXIII до XXXVI на уставот на Република Македонија”:

-Одредбата од Амандманот XXXIII во прописите и другите акти на државните органи се применуваат од денот на влегување во сила на овој закон.” А, Амандман XXXIII гласи:
“Во уставот зборовите “Република Македонија” се заменуваат со зборовите “Република Северна Македонија”, а зборот “Македонија” се заменува со зборот “Северна Македонија”, освен во членот 36 од Уставот на Република Македонија.”

И затоа сите финти, за читање на Изборниот законик, се (нај)свесна манипулација и невистина од оние кои треба да образуваат и информираат; а кое не’ води до уште една трагедија за нас како граѓани, а траги-комедија за функционалноста на системот: нашите “системски” деца од нашата клановска “елита”, распослани стратешки низ факултетите, академијата, партиите, медиумите и до секој агол на институционалноста.

И токму затоа оваа меѓународна бламажа, за свесно скандализирање и заострување на односите со соседите од НАТО, стратешките партнери Грција, после Бугарија; е само страсна желба и повик за уште едно вето, за да не мора веднаш да се направат неизбежните уставни измени.

Затоа што е “патриотски”, анти-албанството после анти-бугарството, да се надгради и со анти-хеленство. Чекајќи го (пот)свесно нивниот “ментор и хегемон”, во никогаш непрежалениот квази-југословенизам, да се “погрижи” за “државичево” (цитирано) од “инспиративниот Западен Балкан” (парафразирано). Краток бил патот од “уставобранители до уставокршачи”. Или уставокршачки, колку тоа прозаично звучи“.

По повод ваквиот развој на настаните, Министерството за надворешни работи ги повика политичарите во земјава „особено избраните државни функционери“ да бидат внимателни во однос на почитувањето на Договорот од Преспа.

Во пораката од ресорот, чиј министер и натаму е Бујар Османи, се потврдува „цврстата определба на земјата за недвосмислено почитување на уставните одредби, како и на сите меѓународно преземени обврски како што е целосното почитување на Договорот за стратешко партнерство меѓу Република Северна Македонија и Република Грција“.

„Во текот на изминатите седум години, двете соседни земји развија исклучително високо ниво на политички дијалог, што доведе до повеќекратно зголемување на економската соработка и градење на позитивни односи меѓу луѓето. Овие придобивки доведоа до членство на земјата во НАТО, почеток на преговори со Европската Унија, како и надградба на Стратешкото партнерство во Стратешки дијалог со САД. Одржувањето на евроатлантскиот курс на земјата е главен стратешки интерес и гарант за долгорочната безбедност и стабилност на земјата“, се вели во соопштението на нашето МНР.

Н.П.

Слични содржини