Коалицјата ВЛЕН денеска го обвини екс-вицепремиерот Артан Груби дека стои зад идејата ДУИ да ги бојкотира претстојните локални избори.
-ДУИ знае дека има само еден начин да се избегне поразот: да се бојкотираат изборите и да се предизвикаат тензии на денот на гласањето. Ова е нивната последна карта, бидејќи знаат дека Албанците веќе не им веруваат и не ги сакаат повеќе на власт. Самиот Али Ахмети призна од Липково: ДУИ се подготвува за бојкот на локалните избори! Што укажува ова? Дека ДУИ нема идеи, нема програма, нема нови луѓе – туку само страв од уцена, велат од коалицијата составена од три партии.
Оваа партија, додаваат од ВЛЕН, која две децении ги држеше Албанците во заложништво со лаги и политички манипулации, денес е заробена во корупција и паника.
-Сега не одлучува ниту членството, ниту гласачите – ДУИ со далечински управувач ја командува бегалецот Артан Груби. Оние кои некогаш се фалеле дека не се ни плашеле од бомбите од 2001 година, денес станаа толку изнемоштени што колената им треперат од политичките бомби на Груби. Дали Артан Груби е авторот на сценариото за бојкот на локалните избори? Со што Груби го држи ова раководство на ДУИ во заложништво? Албанците треба да ја знаат вистината! Времето на ДУИ заврши – никој нема да ги спаси од казната на народот, обвинуваат партиите Алтернатива, БЕСА и Демократско движење.
Заменик-министерот за правда, Ален Деребан очекува екс-вицепремиерот во брзо време да биде лишен од слобода или лоциран. Во неодамнешно интервју за ВОА, Деребан откри дали има нови информации околу бегството на Груби и негово евентуално пронаоѓање.
-После распишување на меѓународната потерница за него, немаме добиено повратен одговор и поради тоа не можам точно да кажам, каде тој се наоѓа во моментов. Иако, како Министерство за правда, сме во постојана комуникација со Министерствата за правда од соседните држави и очекуваме истиот во брзо време да биде лишен од слобода или лоциран, по што ќе ги преземеме сите мерки за екстрадиција во Република Македонија и соочување со правдата во Република Македонија, кажа заменик-министерот во интервјуто.
Политичкиот аналитичар и поранешен министер за финансии, Џевдет Хајредини пред неколку дена објави дека екс-вицепремиерот и бегалец поседува „бомби“ за раководството на ДУИ и дека тие му биле предадени од екс-премиерот, Зоран Заев.
„Груби, според внатрешни извори, со поддршка на Али е хорор за поранешните и актуелните партиски функционери. Овој разумен страв доаѓа од фактот дека некогаш, во времето на ‘бомбите’, сите снимени разговори за функционерите на ДУИ, вклучително и за Али, му беа предадени на Артан од Заев. Како што е познато, во стотиците пуштени бомби, не излегоа бомби за главите на ДУИ, а сите тврдат дека ги има многу, и дека се добро чувани во приватниот сеф на Артан Груби. Со нив може да уценува, да сее страв…“, објави Хајредини на социјалните мрежи.
Обвинителството сè уште е под влијание на Али Ахмети и затоа тој не е повикан на распит по допрен глас, тврди вицепремиерот Изет Меџити кој деновиве изјави дека лидерот на ДУИ е во секојдневна комуникација со Груби. Прашањата за бегалецот ги препраќа на адреса на Ахмети за кого вели дека ги има сите одговори, уште на крајот на минатата година изјави дека знае каде се наоѓа Груби, но истражните органи не реагираа.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски неодамна повтори дека засега нема официјална информација која може да ја споделат со јавноста ниту каде е Гриби, ниту дека е достапен на било кои наши партнерски служби, како во соседството, така и пошироко.
Груби се бара со меѓународна потерница, а неодамна лидерот на ДУИ, Али Ахмети изјави дека „неговата локација е на албанските простори“.