Дали и колку ќе се покачи минималната плата: Дурмиши посакува да биде 600 евра

од Nikola Popovski
72 прегледи

Како очекувате некој да сака да работи во приватен сектор во дефицитарни гранки кога платите во Владата се зголемуваат за 51%, а платите во приватниот сектор се минимална до кај 50 илјади денари? Дали минималната плата ќе се зголеми за 1000 евра колку што се зголеми на вработените во Владата? – овие две новинарски прашања денеска му беа поставени на министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши.

Според него, тоа треба да се види според законот кој сега е на сила и кој е утврден со синдикатите и работодавачите.

-Според законот ќе се направат пресметките и ќе се види колку ќе излезе минималната плата. Средства се предвидени во Буџетот за да се покачи минималната, но, колку ќе изнесува, ќе видиме во текот на јануари и февруари 2025 година. Тогаш ќе знаеме точно, кажа Дурмиши на конференцијата „Управување со недостигот на работна сила во одредени занимања во Северна Македонија“ во организација на Меѓународната организација на трудот.

Како што истакна министерот, барањето за минималната плата е 450 евра, но, тој сака да биде 600 евра.

-Ајде да седнеме на маса и да ги видиме сите засегнати страни. Во првите денови од декември ќе се отвори темата. Со синдикатите ќе дебатираме и ќе ги видиме можностите на Владата, како и барањата на работодавачите. Јас сум отворен, кажа Дурмиши одговарајќи на новинарски прашања.

Работниците бараат покачување на платите поради континуираниот раст на трошоците за живот, но од власта велат дека пари во буџетот за оваа година нема. Ќе има усогласување на платите, за кое синдикатите велат дека тоа се минорни суми. Тие бараат да се утврдат коефициенти според просечната плата.

Слични содржини