Стејт департментот ја ажурираше „црната листа“ на САД со две нови имиња. На неа се ставени поранешниот вицепремиер и актуелен член на ДУИ, Артан Груби и судијата од Апелациониот суд, Енвер Беџети. Од таму велат, дека двајцата се вмешани во значителна корупција преку примање мито за поткопување на судските процеси поврзани со кривичната пресуда на Сашо Мијалков, екс-директор на Управата за безбедност и контраразузнавање. Одлуката ја затекна домашната јавност, при што повторно се засилува потребата од итно донесување на Законот за рестриктивни мерки. Дел од јавноста се уште прашува зошто нема санкции за функционерите кои се најдоа на „црната листа“ на САД, а во изминатите години се повеќемина на број.
Познавачите на состојбите се поделени по ова прашање. Џелал Хоџиќ – претседател на СДА Македонија смета дека секое обновување на црната листа на САД повторно го отвара прашањето за потребата од Законот за рестриктивни мерки. Оценува дека ние како општество треба да најдеме начин како да во нашето законодавство ги инкорпорираме црните листи на САД, ЕУ и В. Британија.
-Нашето општество во овие 30 години покажа дека нема капацитет суштински само да изгради имунитет на разни девијацији и да воспостави правна држава. Испуштивме многу шанси навремено да го фатиме возот и веќе да бидеме членка на ЕУ, а со тоа да изградиме функционални институции. Сега сме сведоци дека и сами од внатре сами го блокираме патот кон ЕУ, што е стратешка цел на државата. Сакам да кажам дека е лажна тезата дека сами можеме да ја направиме „Европа дома“ без помош од нашите стратешки партнери, вели Хоџиќ во разговор за „Локално“.
Иако не е правник, Хоџиќ е дециден дека Владата и Собранието треба да најдат начин да се усвои Закон за рестриктивни мерки. Како што вели, тоа би помогнало и во борбата со корупцијата, но и во одржувањето на стратршкиот пат на државата кон ЕУ, како и во изградбата на функционално демократско општество.
За разлика од него, адвокатот и правник, Александар Тортевски, ажурирањето на американската црна листа го доживува како „играње мајтап со нас“ и како „најголем пораз“.
-Постарите не учеа дека со будала човек не се игра со мајтап. Ние сме болно општество и ова што Американците го прават, го доживувам како играње мајтап со нас. Ако имаме договор за стратешко партнерство, тие се должни да ни ги дадат доказите до нашите институции и повремено да контролираат што е оваа работа. Ова не е прв случај. Самите знаеме за претходните случаи со Муса Џафери, Кочо Анѓушев, Рамиз Мерко…Знаете како викаат протестантите, ако некој има нешто против ова, нека молчи до крајот на светот и векот, како што е при регистрација на бракови и склучување, истакнува Тортевски во разговор за „Локално“.
Соговорникот прашува зошто досега ниту еден политичар кој што е на јавна функција во моментот не е опфатен со листата на санкции.
-Ако знаеш за оваа работа и имаш докази и го публикуваш тоа јавно, едно ми е симптоматично – зошто никогаш не реагирале за некој што во моментот е на власт? Ова не го знаеја во моментот кога го правеше Артан Груби? Така беше и за Кочо (Анѓушев) кога „падна“ СДСМ, така беше и за Муса Џафери кога не беше актуелен во политиката, констатира Тортевски.
Адвокатот верува во добронамерноста на Америка, но има показатели кои покажуваат дека како да им треба некој „потрошен материјал“ и во такви моменти ги објавуваат овие работи.
-Зошто никогаш актуелен функционер не е ставен на црна листа и зошто никогаш не се објавени доказите? Вака не ни треба ова на нас. Секако е добродојдено, но знаат дека сменети се законите и сега е застарено за старите кривични дела и ќе им застарат засекогаш.
Нашите закони беа многу добри. Единствената работа и глупост што ја направи СДСМ е кога го смени законот за заштита на криминал. Кога се смени Кривичниот законик за злоупотреба на службена должност, кај нас е проблемот во имплементација на законите. Имаме доволно мерки, но проблемот е во спроведувањето. Кога ќе седнат тројца да си решаваат во своја полза, ќе си најдат решение. Многу подлабок е проблемот, не е проблемот во носење на еден закон, заклучува Тортевски.
Од друга страна, професорот по кривично право Ќебир Авзиу, кој има и богато полициско искуство, смета дека Законот за рестриктивни мерки е практично „невозможен“. Во кратка изјава за „Локално“ тврди дека „не може некој да изгуби работа или да оди во затвор само затоа што е на црна листа на друга држава“. Сепак е дециден дека двете нови лица на листата нема да значат ново кочење на патот на Македонија кон ЕУ.
Потребата од измени на законот со кој се проширува македонската црна листа беше ефективно спроведување на рестриктивните мерки во однос на црната листа на санкции на Соединетите Држави со која се посочуваат актерите за дестабилизирачко и коруптивно однесување низ Западниот Балкан.
Лицата кои ќе се најдат на црните листи на САД и Велика Британија ќе бидат процесуирани и во правниот систем на нашата држава. Ова го предвидуваат измените во Законот за рестриктивни мерки кои добија зелено светло на владина седница, но се заглавени во собраниската Комисија за надворешна политика, во времето на претходната техничка влада. Институцијата предлагач мора да ги испрати сите материјали и докази до Јавното обвинителство. Врз основа на овој закон, е должно веднаш да започне истражна постапка, а доколку истата заврши со поднесување обвинение, тогаш носителот на јавната функција е должен привремено да ја напушти функцијата, до правосилна судска одлука. Но, ако се работи за правни лица, тогаш тие не можат да учествуваат во јавните набавки, доколку има таква одлука, до правосилна одлука на судот.
Исто така, ако постоечкото законско решение, како рестриктивни мерки предвидува: ембарго, забрана за влез, финансиски мерки, со измените и дополнувањата се додаваат две предвремени мерки за обезбедување. Односно, по добиена информација дека има одреден правен акт од САД, од Обединето Кралство, или од ЕУ – МНР, МВР, Јавното обвинителство и други агенции за национална безбедност и финансиско разузнавање, имаат можност за предложат до Владата рестриктивни мерки. По донесувањето на рестриктивната мерка, предвидено е Владата да го задолжи предлагачот, да ги собере и да ги пренесе и достави до Јавното обвинителство, сите информации и материјални и нематеријални факти коишто може да ги обезбеди. Според предложеното во измените и дополнувањата на законот, Јавното обвинителство е должно веднаш да отвори процедура, согласно Законот за кривична постапка, односно согласно роковите и процедурите коишто ги предвидува Законот за кривична постапка – но, согласно предлог измените и дополнувањата што денеска ги утврди Владата, јавниот обвинител е должен до судот да побара веднаш привремени мерки за обезбедување.
Пред вчерашната последна одлука, Американскиот Стејт Департмент исто така ја прошири листата со уште две имиња – поранешната обвинителка Катица Јанева и првиот човек на општина Карпош, Стевче Јакимовски. Претходно на списокот се најдоа градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев и бизнисменот Орце Камчев.
На црната листа се и поранешниот шеф на Управата за контраразузнавање Сашо Мијалков, неговиот братучед и поранешен премиер Никола Груевски и рускиот бизнисмен Сегреј Самсоненко и неговата сопруга, кои имаат бизниси во земјава. И пред да се најдат на листата на санкции Камчев, Мијалков и Груевски се најдоа пред лицето на правдата во Македонија. Но за случајот Империја обвинителството се договори со Камчев и Мијалков, па тие во замена за пари добија поблаги казни. Во септември минатата година власта по брза постапка и со европско знаменце го измени Кривичниот законик, со што многу високопрофилни случаи на корупција куртулија од затвори или ќе добијат пониски казни. Така падна и главниот случај на поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО) за прислушувањето, зад кое според обвинението стоеше Мијалков.
Н.П.