Директорот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Никола Мемов од партијата ЗНАМ, јавно упати остри критики кон коалицискиот партнер ВЛЕН. Во објава на Фејсбук тој ја обвини коалицијата дека не дала поддршка за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, нарекувајќи ја таа одлука „голема грешка“. Мемов нагласи дека ЗНАМ „чесно поддржале и платиле цена“ за соработката, без да бараат позиции или функции, туку само почит која, според него, не била возвратена.
Со оваа порака, односите меѓу партнерите во владината коалиција очигледно се затегнуваат, а во јавноста се создава впечаток за внатрешна пресметка поради локалните изборни тактики во Скопје. Претходно „гласот го крена“ и градоначалникот на Тетово, Биљал Касами, кога стана збор за поддршка на Фатмир Дехари од ДУИ во Кичево. Иако премиерот Христијан Мицкоски негираше проблеми во коалицијата, засега, ставот на Мемов е единствениот официјален сигнал за можни тензии во редовите на ЗНАМ и ВЛЕН по изборите.
Колку помага „трговијата со гласови“?
За дел од јавноста, некои партии имаат поголема контрола врз своите тврдокорни поддржувачи и тоа е нормално – колку е поголема партијата, толку е посилна и нејзината организациска дисциплина. Политичкиот аналитичар, Бесим Небиу потсетува дека ЗНАМ имаше прилично слаб резултат на овие избори, со само еден освоен градоначалнички мандат – тој во Куманово, и тоа со многу тесен резултат.
-Обвинувањата кон ВЛЕН ден по изборите ги гледам како обид да се пренасочи вниманието од вистинската тема – класична партиска пропагандна реторика. Инаку, вистина е дека кандидатот на ВМРО освои помалку гласови во Чаир и Сарај од оној на Левица, но тоа се должи на фактот дека овие две општини беа решени уште во првиот круг. Разликата меѓу кандидатите беше толку голема што немаше реален амбиент за поголема мобилизација на партиските бази. А оние кои не припаѓаат на партиски структури уште потешко се мотивираат во вакви ситуации, вели Небиу во анализа за „Локално“.
Претходно во провладините медиуми проструи информација дека има задкулисни игри за Карпош и Струмица, односно дека „крвните непријатели“ ВМРО и СДСМ се договориле со цел Центар да остане во рацете на опозициската партија. За тоа дали токму овие две општини беа „круната“ на делувањето на ВМРО-ДПМНЕ, со оглед на тоа дека за Скопје беше извесна победата уште пред првиот круг, соговорникот наведува дека СДСМ свесно одлучи да не му помогне на Стевче Јакимовски во Карпош и да ја „пушти низ вода“ Струмица.
-Со минимална мобилизација и со гласање против ВМРО-ДПМНЕ, сосема извесно е дека г-динот Јакимовски ќе ја надминеше предноста од околу 1000 гласа што ја имаше г-динот Лукровски. На тоа укажува и фактот дека имаше повеќе од 2800 пречкртаните и неважечки ливчиња. Се чини дека ова беше стратегиски избор на раководството на СДСМ – за причините, најдобро е тие самите да одговорат, посочува Небиу.
Излезноста е најниска досега, и во Скопје и во земјава. Граѓаните продолжуваат да ги бојкотираат кандидатите. Според аналитичарот, слабиот одзив е јасен сигнал дека граѓаните сè помалку веруваат дека нешто суштински ќе се промени преку избори.
-Тоа не е само апатија, туку и длабока криза на доверба – во партиите, во институциите, па и во самата идеја дека политиката може да биде средство за општо добро. Кога повеќе од половина од луѓето не гледаат причина да излезат и да гласаат, тогаш легитимитетот станува повеќе формален отколку реален. Победниците добиваат мандат, но не и голема поддршка. Ова е аларм што треба сериозно да ги натера актерите да се вратат кај луѓето и да понудат нешто повеќе од изборна реторика – вистинска визија и резултати што ќе им дадат смисла на изборите, заклучува Небиу.

Фото: Фејсбук/Орце Ѓорѓиевски
Мицкоски во неделата по победата, ја коментираше соработката и поддршката со ВЛЕН во Скопје.
„Никој гласовите не ги чува во џеб, ниту може да ги испорача од џеб. Видовме една чесна заложба за Орце Ѓорѓиевски. Факт е дека гласачите кои гласаа за ВЛЕН не излегоа и не го поддржаа за Орце Ѓорѓиевски. Претпоставувам дека таква била одлуката на гласачите“, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ одговарајќи на новинарско прашање.
Тој додаде дека, и покрај тоа, победата на ВМРО-ДПМНЕ е убедлива и покажува дека граѓаните ја препознале енергијата и промената што ја нуди новото политичко време.
„Гласовите не се ничија сопственост. Граѓаните донесоа одлука и ја препознаа визијата за новото политичко време“, истакна Мицкоски, коментирајќи ги шпекулациите дека дел од коалициските партнери на ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои и движењето ВЛЕН, не го поддржале Орце Ѓорѓиевски во вториот круг.
ВМРО-ДПМНЕ очекувано победи на изборите, но не успеа значително да го зголеми бројот на гласови во главниот град. Ѓорѓиевски, со освоени 95.572 гласа, станува градоначалник на Скопје со најмала поддршка во последните две децении. За споредба, Петре Шилегов во 2017 година освои 141.164 гласа, а Коце Трајановски во 2013 – 124.455 гласа. Амар Мециновиќ заостана за околу 34 илјади гласови, но успеа меѓу двата круга да ја удвои поддршката и да освои над 61 илјада гласови, што во Левица го оценија како успех и доказ дека стануваат главна опозиција на ВМРО-ДПМНЕ. Сепак, тие и понатаму не предводат ниту една општина.
Коалицискиот партнер во Владата, ВЛЕН доби 9 градоначалници, додека социјалдемократите се позиционираат на третото место на изборната листа со освоени 6 мандати. Али Ахмети и Националната алијанса за интеграција кои признаа изборен пораз ќе мора да се задоволат со 4 градоначалници. Лидерот на ЗНАМ Максим Димитриевски доби нова шанса да управува со Куманово. Унијата на Ромите победи во Шуто Оризари со Дудуш, а во Струга независниот Ќура. Во изборната трка, победа однесоа 4 жени. За два месеца од сега, ќе има и прегласување во Гостивар, Центар Жупа, Врапчиште и Маврово-Ростуше бидејќи не беше постигнат цензус во овој изборен циклус.
Н.П.