Дали Иран ќе му возврати на Израел по убиството на генералот во Сирија?

од Vladimir Zorba
184 прегледи

Иран вети „жесток одговор“ на воздушниот напад врз конзулатот во сирискиот главен град Дамаск во понеделникот на 1 април.

Како што изјави иранскиот амбасадор во Дамаск, во нападот загинаа 13 лица, од кои седум припадници на Иранската револуционерна гарда и шест сиријски државјани.

Меѓу загинатите е и генерал-мајор Мухамед Реза Захеди, важна личност во силите Кудс – прекуокеанскиот огранок на Иранската револуционерна гарда.

Израел не коментираше, но Иран и Сирија го обвинија за нападот.

Ова не беше напад само врз самата иранска држава, туку врз највисокото раководство на силите Кудс на Револуционерната гарда и важи за значајна загуба на силите Кудс, кои служат за координација и пренесување на технологија и оружје до Хезболах во Либан и Сирија“, изјави професорот по меѓународни односи на Лондонската школа за економија, Фаваз Герес за Би-Би-Си.

Нападот предизвика гневни реакции кај највисоките ирански претставници, кои му се закануваат на Израел со одмазда.

„Ќе зажалат што го извршиле ова злосторство и преземале слични дејствија“, предупреди иранскиот врховен лидер Али Хамнеи.

Претседателот Ебрахим Раиси пак нападот го нарече „нехуман, агресивен и грозоморен чин, кој нема да остане без одговор“.

Иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амир-Абдолахиан во телефонски разговор со својот сириски колега го опиша нападот како кршење на сите меѓународни обврски и конвенции. Тој го впери прстот директно кон Израел.

На веб-страницата на Министерството за надворешни работи, Амир Абдолахиан беше цитиран дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху „целосно ја изгубил менталната рамнотежа“.

Коментарите поттикнаа стравувања од натамошно насилство меѓу Израел и сојузниците на Иран во време на војната во Газа, но опциите на Иран за одмазда би можеле да бидат ограничени по обем и број, велат експертите за Би-Би-Си.

„Иран не е способен за голем конфликт со Израел со оглед на неговите воени способности и економска и политичка ситуација“, вели Али Садрзадех, автор и аналитичар на настаните од Блискиот Исток.

„Но, Иран ќе мора да излезе со одговор за домашна употреба и да го зачува својот углед меѓу регионалните сојузници.

Ваквото мислење го дели и Фавас Гергес, кој смета дека Иран нема директно да му возврати на Израел, иако како што вели „Израел навистина го понижи Иран и му го раскрвари носот“.

Гергес вели дека Иран, најверојатно ќе покаже „стратешко трпение“ бидејќи ќе има приоритет на поважна цел: изградба на атомска бомба.

„Големата цел за Иран не е да испрати 50 балистички ракети и да убие 100 Израелци, туку да постигне стратешко одвраќање, не само против Израелците, туку и против американската држава.

Од почетокот на израелската војна во Газа, ескалираа нападите со ракетни и беспилотни летала од страна на проиранските паравоени сили во Сирија, Ирак, Либан и Јемен против израелските интереси, но се чинеше дека имаа ограничени дејствија кон оние кои нема да го испровоцираат Израел на тотална војна.

„Дури и напад врз израелската дипломатска мисија преку ирански посреднички сили е тешко да се замисли“, вели Садрзадех, иако предвидува дека сегашните напади на Хутите поддржани од Иран против бродовите во Црвеното Море и Аденскиот Залив „е многу веројатно дека ќе продолжат, особено против бродовите кои се некако поврзани со Израел и Америка“.

Но, дали моќниот Хезболах, кој ја ужива поддршката на Иран (а веќе разменува оган со Израел на својата северна граница), ќе одговори на нападот во Дамаск?

Хезболах е една од најдобро вооружените недржавни воени сили во светот – според независни проценки групата има меѓу 20.000 и 50.000 борци, од кои многумина се добро обучени за време на нивното учество во сириската граѓанска војна.

Покрај тоа, групата располага со арсенал од околу 130.000 ракети и проектили, според Тинк-тенк Центарот за стратешки и меѓународни студии.

Сепак, експертите интервјуирани од Би-Би-Си сметаат дека групата веројатно нема да започне голема ескалација против Израел.

„Хезболах сепак не сака да го нападне Израел, бидејќи тие се свесни дека Бенјамин Нетанјаху и неговиот воен кабинет очајнички се обидуваат да ја прошират војната“.

„Политичката иднина на Бенјамин Нетанјаху зависи од продолжувањето на војната во Газа и нејзината ескалација на северниот фронт со Хезболах, па дури и со самиот Иран“, рече Фаваз Гергес.

Но, Садрзадех верува дека Иран најверојатно ќе има „симболична“ реакција наместо да ризикува војна со Израел.

„Иран е експерт за извршување симболични напади како што беше оној како одговор на смртта на најважниот воен командант, Касем Сулејмани“, рече Садрзадех, алудирајќи на иранскиот балистички ракетен напад врз ирачката воздухопловна база Ал Асад на 8 јануари 2020 година.

Иран го нападна Ал Асад како одмазда за американскиот напад со беспилотно летало во Багдад претходно истиот месец, во кој беше убиен главниот командант на иранската револуционерна гарда, Касем Сулејмани.

И покрај иранските пораки за „брутална одмазда“ за убиството, ниеден припадник на американските сили во базата не беше повреден, а имаше извештаи дека американската војска била претходно предупредена за проектилите кои доаѓаат.

Фаваз Гергес смета дека нападот врз иранскиот конзулат во Дамаск „претставува стратешка ескалација со намера да се поткопа одбраната на Иран, да се покаже на светот дека Иран е „тигар од хартија“ и да се скрши ‘рбетот на иранскиот безбедносен апарат.

Но, според него нема да има застрашувачки директен одговор од Иран.

Јусуф Азизи, истражувач за јавна администрација на Факултетот за јавни и меѓународни односи на Политехничкиот универзитет во Вирџинија, верува дека ќе има конфликт зад сцената меѓу оние на власт кои тврдат дека Иран треба да се наметне како нуклеарна сила за да ја одврати израелската агресија и поагресивни личности, кои предлагаат директни напади врз Израел и неговите воени инсталации.

Но, тој за Би-Би-Си изјави дека анализата на интервјуата во државните медиуми и клучните кориснички сметки на социјалните медиуми, сугерираат дека е поверојатно да преовлада политиката на „стратешко трпение“.

Значи, ако голема воена акција е малку веројатна, кои други опции остануваат отворени за Иранците?

„Не можеме да ја исклучиме можноста Иран да го користи сајбер-просторот како друга димензија за да му се одмазди на Израел, или да изврши сајбер напади врз информатичката технологија, и да осакати, краде или протече информации, или да се обиде барем да го одвлече вниманието на неговите оперативни технологии. “, изјави Тал Павел од Израелскиот институт за студии за кибер-политика за Би-Би-Си.

„Знаеме дека тајната сајбер војна меѓу Иран и Израел трае во последната деценија и половина. Во тој случај, тоа би можело да биде само уште една фаза“, вели тој.

Ќе зависи од Иран – и конкретно од врховниот лидер – да одлучи што точно ќе направи земјата, но засега, портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи Насер Канани не сака да ги открие картите.

Иран „го задржува правото да реагира и ќе одлучи за типот на одговор и казна против агресорот“, предупредува Павел..

Слични содржини