Орбанизам без Орбан: „Маѓар не се доживува како про-ЕУ и наклонет кон Украина, тој е конзервативен тип“

Спротивставувањето на Виктор Орбан на мерките корисни за Украина е главен извор на фрустрација во Брисел, каде што се судираат и околу слободата на медиумите и правата на ЛГБТ лицата

од Кристијан Димков
22 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/APT

Шеснаесет години откако вторпат дојде на власт, никој не успеа сериозно да го загрози Орбан. Сепак, според најновите анкети, еден човек можеби ја пронашол формулата за негов пораз. Петер Маѓар, поранешен член на Орбановата партија Фидес, е водечки кандидат на парламентарните избори на 12 април. Тој ќе се соочи со Орбан, кој има за цел петта последователна победа. Маѓар намерно се позиционира како десничар кој ја разбира базата на Орбан, пишува „Телеграф“ во својата анализа.

„Го знам тој тип“, изјави еден дипломат на Европската унија во Брисел. „Пред десет години беше во унгарската амбасада. Го викавме Бебе Орбан“, додаде тој.

„Тој се обидува да не се доживува како про-ЕУ и наклонет кон Украина. Тој е конзервативен тип. Не треба да очекуваме некој расипан син ако победи“, изјави друг дипломат.

Изборите станаа двобој на две десничарски сили: Орбановиот Фидес и Маѓаровата партија Тиса. Речиси сите други опозициски партии се повлекоа за да ѝ отстапат простор на Тиса и да го ослабнат Орбан колку што е можно повеќе. Резултатот од овие избори внимателно го следат Вашингтон, Москва, Брисел и Киев, бидејќи може да има далекусежни геополитички последици надвор од границите на Унгарија.

Иако не се очекува радикална промена од Орбановиот конзервативен популизам, многумина во Европа се надеваат дека Маѓаровото омекнување на односот кон Украина, корупцијата и либералната демократија може да означи пресвртница за Будимпешта, која во моментот е „црната овца“ во Брисел. Дополнително, украинскиот претседател Володимир Зеленски нема да жали ако Унгарија ја смени власта.

Будимпешта е единствената европска престолнина која отворено ја поддржува Русија. Одбила да испраќа оружје во Украина, се противела на западните санкции, блокирала влез на Киев во ЕУ и го обвинила Зеленски дека поставил блокада со одбивање на поправка на нафтоводот „Дружба“. Нафтоводот беше оштетен во руски напад, но во унгарската кампања стана центар на обвинувања за лажни операции под лажно знаме, инсцениран атентат и тајно снимено секс-видео.

Во цела Унгарија кружат плакати и лажни видеа на Зеленски кои го прикажуваат во соработка со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и нивната „марионета“ Петер Маѓар, со цел да ја вклучат Унгарија во војна.

Спротивставувањето на Орбан на мерките корисни за Украина е главен извор на фрустрација во Брисел, каде што се судираат и околу слободата на медиумите и правата на ЛГБТ лицата. Европската комисија замрзна милијарди евра европски фондови поради ерозија на демократските стандарди. Лутината го достигна својот врв на 19 март кога Орбан на самитот на Европскиот совет стави вето на клучен заем за Украина од 90 милијарди евра. Германскиот канцелар Фридрих Мерц го нарече тоа груб чин на нелојалност.

Кога Орбановиот министер за надворешни работи Петер Сијарто призна дека делел детали од состаноците на ЕУ со својот руски колега Сергеј Лавров, полскиот премиер Доналд Туск го нарече тоа „срамота“.

„Апсолутната власт апсолутно расипува“, изјави друг дипломат на ЕУ. „Орбан ја инструментализираше политиката на ЕУ на домашен план до тој степен што престана да биде партнер за разговор овде во Брисел“, додаде тој.

И покрај заостанувањето од 16 процентни поени во анкетите, Орбан има моќни сојузници. Владимир на 3 март ја пофали неговата принципиелна позиција кон Украина и ослободи два унгарско-украински воени заробеници. Кремљ, според наводите, испратил експерти за изборни манипулации од Молдавија во Будимпешта. Од друга страна, Доналд Трамп му даде поддршка на Орбан. Во видео-порака на конференцијата „CPAC“ во Будимпешта минатиот викенд, Трамп изјави: „Премиерот е силен лидер кој му покажа на целиот свет што е можно кога ги браниш своите граници, својата култура, своето наследство, својот суверенитет и своите вредности“. Џеј Ди Венс, американски потпретседател, ќе ја посети Унгарија само неколку дена пред изборите.

Маѓар не планира да ја отфрли Орбановата „војна против woke културата“. „Нема да ја претвори Унгарија преку ноќ во Луксембург“, вели дипломат на ЕУ. Наместо тоа, неговата кампања е насочена кон економијата, јавните услуги и корупцијата. Тој го обвинува Орбан дека води олигархија која се збогатила од државниот буџет, пишува Телеграф. Орбан ги отфрла овие обвинувања.

Брисел замрзна 18 милијарди евра фондови поради загриженост за владеењето на правото, што ја откри катастрофалната состојба на јавните услуги, пропаднати железниците и руинираните болници.

„Апсолутно е точно дека јавните услуги во сите тие оддалечени рурални области се во катастрофална состојба“, изјави Марк Лоустау од Универзитетот за Централна Европа. Фидес контролира околу 80% од медиумскиот простор и многу гласачи ги убедил дека Украина е непријател.

Маѓар започна старомодна кампања по села и градови и ја посети унгарската дијаспора во Украина. „Се претставува како орбанизам без Орбан“, заклучува Лоустау.

Доколку Маѓар победи, дипломатите на ЕУ предупредуваат дека веднаш нема да „отворат чешма“ со пари. „Нема веднаш да ослободиме голема сума пари. Знаеме дека нема да биде огромна разлика во однос на Орбан. Тоа е чекор напред, а не волшебен стап“, рече еден дипломат.