Јадењето доцна навечер може директно да влијае на тоа колку калории согоруваме, колку сме гладни и како нашето тело складира масти, открија истражувачите.
Научниците претходно се согласија дека постои врска помеѓу времето кога го јадете последниот оброк во денот и зголемувањето на телесната тежина, а новото истражување даде дополнително појаснување.
Шеснаесет учесници со индекс на телесна маса во опсегот на гојазност биле подложени на два шестдневни теста за време на кои нивните навики за јадење и спиење биле строго контролирани.
Во текот на едниот, јаделе три оброци дневно – појадок во 9 часот, ручек во 13 часот и вечера во 18 часот. Во вториот распоред, времето беше поместено за неколку часа, па појадокот беше во 13 часот, ручекот во 18 часот и вечерата во 21 часот.
Примероците на крвта покажале дека нивото на лептин, хормон кој ни кажува кога сме сити, биле пониски во текот на 24 часа кога јаделе подоцна. Ова покажува дека тие биле погладни, па имале поголема веројатност да јадат повеќе, а калориите се согорувале побавно.
Студијата, спроведена од истражувачите од Brigham and Women’s Hospital во Бостон, исто така покажа дека јадењето подоцна довело до складирање на повеќе масти преку адипогенеза, а процесот кој ги разградува мастите, познат како липолиза, е намален.
Во комбинација, овие промени може да го зголемат ризикот од дебелина, а со тоа и од дијабетес и рак, предупреди тимот.
Авторите на студијата, чија работа беше објавена во Cell Metabolism, додадоа: „Овие наоди покажуваат конвергентни механизми со помош на кои доцното јадење може да резултира со позитивен енергетски биланс и зголемен ризик од дебелина“.