Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ очекува македонските власти ќе донесат одлука за екстрадиција на поранешниот член на ОВК, Бљерим Рамадани.
„Ние обработивме и издадовме налози за апсење на многу луѓе кои учествуваа во тие злосторства за време на војните. Врз основа на тие потерници, некои од нив се уапсени. Чекаме одлука за негова екстрадиција, но тоа е внатрешно прашање на Северна Македонија“, кажа Дачиќ на интегрираниот граничен премин Прешево-Табановце, каде беше пречекан од неговиот македонски колега, Панче Тошковски.
Рамадани беше приведен на граничниот премин „Јажинце“, врз основа на потерница издадена од Судот во Белград, преку Интерпол Србија, под обвинение за воени злосторства во 1999 година на подрачјето на Неродимље. На 18-ти јули, Основниот суд во Скопје му изрече едномесечен екстрадициски притвор.
Пред неколку дена, Министерството за надворешни работи и дијаспора на Косово соопшти дека по сите дипломатски канали ќе обезбеди ослободување на косовскиот државјанин и екс-припадник на ОВК.
„Амбасадата на Косово во Скопје е ангажирана со тим од правни експерти за што побрзо ослободување на Рамадани и негово враќање на семејството“, се наведува во соопштението на косовското МНР.
Во саботата, ветерани на Ослободителната војска на Косово и членови на семејството, организираа мирен протест пред Кривичниот суд во Скопје, од каде што побараа итно ослободување на Рамадани.