Дали ќе се отстрануваат дивоградбите во Чаир и на кој начин, праша Спасовски

од Nikola Popovski
20 прегледи

Пратеникот на СДСМ, Оливер Спасовски на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања, упати прашање до министерот за транспорт и врски, Александар Николовски, а се однесуваше на најновите случувања со утврдените дивоградби, во општина Чаир, дали тие ќе се отстрануваат и како тоа би се реализирало.

-Според најавите, според информациите – особено по случајот во Кочани – постојат многу објекти, дивоградби, за кои се утврдени, издадени решенија и слично, но не се извршени. Навистина сметам дека ова се многу сензитивни прашања, во однос на дивоградбите, особено по случувањата во Кочани, бидејќи една од клучните работи е да видиме што и како понатаму. Дали ќе се решаваат на некаков начин, дали ќе имаме одредено решение?

Знаеме дека беа засегнати и угостителите, бидејќи еден добар дел од тие објекти се издадени со некакви одлуки за времени објекти, урбана опрема итн. Но, сигурно дека постојат и објекти кои се изградени без никаква дозвола, или сè уште се градат без никакви одобренија за градба. Знаеме дека, сега неколку пати дојде до промени на законското решение – во делот на Законот за градење, токму во делот на издавањето на дозволите, рече Спасовски од собраниската говорница.

Додаде дека неговото прашање е конкретно во однос на овие ситуации:

-Сега кога знаеме дека дојде до промена на законската регулатива, според која сите државни инспекторати преминаа под надлежност на соодветните министерства, дали – по овие најави и случувања, не мора само генерално за една општина, има одреден план? Дали Државниот инспекторат за градежништво, под надлежност на министерот, извршил контроли на нови објекти? Дали постои план што и како ќе се прави во однос на овие градби? Дали тие градби имаат можност да се легализираат – дали се вклопуваат во деталните планови? Дали ќе се оди кон отстранување на дивоградбите и како тоа би се реализирало, праша Спасовски.

Слични содржини