Владата ја смени насоката на расправата за зголемувањето на минималната плата кон тоа што треба да содржи минималната потрошувачка кошница. Постои предлог кошничката да биде формирана од неколку членови од различни тела и дека таа ќе биде основна институционална кошничка и ќе ги земе во предвид сите потрошувачки елементи кои се релевантни.
Првиот синдикалец, Слободан Трендафилов вели и понатаму ќе си прават своја пресметка. -И денеска ДЗС пресметува близу 230 производи во нивната кошница кои се далеку понереални, каде што опфаќа ананас, јагоди, бадеми или некои други егзотични овошја…Доколку разговорите преминат во фаза на докажувања дека можеме да преживееме со далеку помалку, може треба да се пресмета просечна кошница која ќе биде над 2000 евра и ќе ги отсликува реалните потреби на едно четиричлено домаќинство, кажа Трендафилов по седницата на Економскиот-социјален совет. Според него, ова се директни и координирани напади и веројатно ќе се трудат да го замолчат ССМ.
Кој треба да ја пресметува минималната потрошувачка кошничка?
Според универзитетскиот професор, Зоран Ивановски, калкулацијата на различни кошнички како индикатор за утврдување на паритетот на куповната моќ нема употребна вредност, заради фактот што и самите производи имаат различни цени од различни производители. Исто така, според него, концептот на минимална плата може да предизвика сериозни дисторзии на пазарот на трудот и пораст на стапката на невработени, заради што треба максимална претпазливост со нејзина примена.

Зоран Ивановски
-Стабилизацијата на цените не може да се реализира само со притисок врз трговците, туку бара координирани активности кај фискалната и монетарната политика за сузбивање на инфлацијата. Истите треба да опфатат и мерки каде ќе има и државна интервенција на пазарот, што значи дека товарот на борбата за пониски цени треба да се финансира и од буџетот на државата, изразено преку интервенции од стокови резерви, намалени даноци, царини, такси и сл, оценува професорот.
Дивеењето на цените, додава експертот, не е случај само кај производите кои ги купуваме во маркетите.
-Уште поизразено е кај пазарот на недвижности, каде секојдневно цените на станбениот простор неконтролирано растат. Во вакви околности потребна е сериозна и комплексна државна интервенција поставена на реална основа и со почитување на пазарната логика, заклучува Ивановски.
ССМ ја креира синдикалната минимална кошница од 2010 година. Државните органи тогаш одлучија дека нема логика во нивните пресметки за тоа со колку пари може да се преживее во месецот. Европската комисија нема директива по однос на потрошувачката кошница и секоја држава во регионот и Европа има и синдикална и кошница која ја формираат институциите.
Премиерот вчера, коментирајќи ја методологијата за пресметка на минималната потрошувачка кошничка, рече дека некои производи му се чудни, посочувајќи дека не е логично во неа да има цигари и оти тој во јануари не пробал цреши, праски, дињи или лубеница.
„Ја добив таа методологија и ја читав. Забележав таму многу работи и ми изгледаат многу чудно. Јас во јануари дел од тие производи не ги пробав, како што се диња, лубеница, грозје, цреши, кајсии, праски, не испив 250 грама лименка нескафе, не пушам цигари, а таму се вклучени цигарите. Малку е нелогично да има цигари во минимална кошничка“, истакна Мицкоски.
Не е точно дека сме отфрлиле каков било предлог за раст на минималната плата, вели премиерот, откако синдикатите и работодавачите кажаа дека не постигнале договор со Владата на социоекономскиот совет. Според Мицкоски, на последниот состанок, ниту нешто се прифатило, ниту се одбило, оти составот не бил комплетен.
Дијалогот за повисока минимална плата ќе продолжи. Работниците бараат газдите да се откажат од дел од профитот, бизнисот пак бара трошоците за дел од приходите да ги покрие државата, што за премиерот е невозможно.
Вредноста на минималната синдикална кошничка што ја пресметува Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) за јануари изнесува 63.252 денара или во сооднос со вредноста на синдикалната минимална кошничка за декември, која изнесуваше 62.861 денар, е зголемена за 391 денар. Сите 63 продукти од синдикалната минимална кошничка беа опфатени со новогодишната акција и беа на попуст. Ова значи дека доколку четиричленото семејство има примања од две минимални плати, ќе им недостасуваат над 18 илјади денари за да врзат крај со крај во текот не месецот.
Н.П.