Дали Ковид-19 ќе биде присутен и понатаму: Научниците предвидуваат што ќе се случи во 2021 година

од Nikola Popovski
345 прегледи

Пандемијата на коронавирус целосно го смени нашиот свет за осум месеци, а што е најлошо, никој не може да каже со сигурност што нè чека во иднина. Што може да се случи во 2021 година?

Јуни 2021 година. Светот се справува со пандемијата веќе година и пол. Вирусот продолжува да се шири со бавно темпо: повремените карантини се новата нормалност. Одобрената вакцина нуди шестмесечна заштита, но меѓународните преговори ја забавиле нејзината дистрибуција. Се проценува дека 250 милиони луѓе се заразени ширум светот, а броиме околу 1,75 милиони мртви.

Ова е едно од сценаријата напишани од угледниот магазин „Nature“, кој објави текст со кој се предвидува начинот, на кој ќе се одвива пандемијата во блиска и далечна иднина.

Епидемиолозите ширум светот прават краткорочни и долгорочни проекции, како да се подготват и потенцијално да го ублажат ширењето и влијанието на Ковид-19. Нивната прогноза и тајмингот се разликуваат, но тие се согласуваат за две работи: коронавирусот и понатаму ќе биде присутен, а иднината зависи од многу непознати – дали луѓето ќе развијат постојан имунитет кон вирусот, дали временските услови ќе влијаат на неговото ширење и можеби најважната точка: одлуките кои ги носат владите и поединците.

„Иднината во голема мера ќе зависи од тоа колку ние, како општество, се мешаме, но и од каква превенција преземаме“, изјавил Јозеф Ву, научник на Универзитетот во Хонг Конг.

Пандемијата не се одвива на ист начин насекаде, но зависи од место до место. Земјите како Кина, Нов Зеланд и Руанда имаа мал број случаи – по карантините со различн времетраење. Во други земји, како САД и Бразил, бројот на нови инфекции рапидно се зголемува откако владите брзо ги укинаа карантинските мерки или никогаш не ги ни воведоа.

Раните сознанија сугерираат дека промените во однесувањето на луѓето, како што се миење на рацете и носење маски, продолжуваат и по карантинот, помагајќи да се запре новиот бран на инфекции. Во јунскиот извештај, тим од МРЦ Центарот за глобална анализа на заразни болести на Кралскиот колеџ во Лондон открил дека во 53 држави кои во тоа време го укинале карантинот, немало толку пораст на инфекциите, како што претходно се предвидувало.

„Се потценува колку се променило однесувањето на луѓето во однос на маските, миењето на рацете и социјалното растојание. Ништо не е како што беше“, вели Самир Бат, епидемиолог и коавтор на студијата.

Истражувачите од жариштата на вирусот проучувале колку се корисни ваквите однесувања. На универзитетот „Анхемби Морумби“ во Сао Паоло, Бразил, биологот Осмар Пинто Нето и неговите колеги развиле над 250.000 математички модели на стратегии за социјалното растојание, кои се опишани како постојани, наизменични или „надолни” – со ограничувања кои се укинуваат во фази – со пресметка на однесувањата на луѓето во однос на носење маски и миење на рацете.

Тимот заклучил дека ако 50-65% од луѓето се однесуваат одговорно во јавност, тогаш укинувањето на мерките за социјална оддалеченост на секои 80 дена може да помогне во спречување на понатамошни пикови на инфекција во следните две години.

„Ќе мора да ја промениме културата на начинот на кој комуницираме со другите луѓе“, вели Нето.

Колку е ефикасно пребарувањето и изолацијата на контактите во борба против пандемија? Анализата на работната група на Центарот за математичко моделирање на заразни болести при Лондонската школа за тропски болести симулира појава на различни жаришта – од 5, 20 или 40 случаи. Тимот заклучил дека потрагата по контакти мора да биде брза и обемна – мора да се најдат 80% контакти во рок од неколку дена – со цел да се контролира епидемијата. Групата сега ја оценува ефективноста на дигиталното следење на контактите и колку долго е можно да се задржат изложените луѓе во карантин, вели коавторот на студијата Его.

„Наоѓање рамнотежа помеѓу она што е стратегијата што луѓето ќе ја толерираат и онаа што ќе ја потисне епидемијата е навистина важно“, истакна тој.

Барањето 80% контакти може да биде скоро невозможно во регионите што сè уште се борат со илјадници нови случаи неделно. Научниците од Кембриџ, кои анализирале податоци од 84 земји, тврдат дека бројот на нови случаи на глобално ниво бил 12 пати поголем, а смртните случаи биле за 50% поголеми од официјално пријавените податоци.

„Има многу повеќе случаи отколку што покажуваат податоците. Како резултат, постои поголем ризик од инфекција отколку што луѓето веруваат дека постои“, рекол Џон Стерман, коавтор на студијата.

Што ќе се случи кога ќе застуди?

Сега е јасно дека летото не го забавува вирусот, но топлото време сепак го потиснува до одреден степен. Во областите што ќе станат постудени во втората половина на 2020 година, експертите веруваат дека преносот веројатно ќе се зголеми.

Многу човечки респираторни вируси – грип, другите човечки коронавируси и респираторни синситички вируси (РСВ) – имаат сезонски осцилации што доведуваат до зимски епидемии, па веројатно е дека САРС-КоВ-2 ќе се однесува соодветно на нив.

„Очекувам стапката на инфекција со коронавирусот да се влоши во зима, како и потенцијалните исходи на болеста“, изјавила Акико Ивасаки, имунобиолог од Медицинскиот факултет на Универзитетот Јеил.

Доказите сугерираат дека сувиот зимски воздух го подобрува преносот на респираторни вируси, а имунолошката одбрана може да се ослабне со вдишувањето на сув воздух, додала таа.

Покрај тоа, во постудено време, луѓето веројатно ќе останат во затворено, каде преносот на вирусот со капки е поголем, вели Ричард Нехер, биолог на Универзитетот во Базел во Швајцарија. Симулациите на групата Нехер покажуваат дека сезонските варијации најверојатно влијаат на ширењето на вирусот и може да ја влошат ситуацијата во Северната хемисфера.

Во иднина, жариштата на Ковид-19 може да избувнуваат во бранови секоја зима. Ризикот за возрасните кои веќе имале Ковид-19 може да се намали, како и кај грипот, но зависи од тоа колку брзо ќе ослабне имунитетот на овој коронавирус, вели Нехер.

За да се стави крај на пандемијата, вирусот мора да се елиминира ширум светот – повеќето научници се согласуваат дека е скоро невозможно затоа што тој стана широко распространет – или луѓето мора да градат имунитет, преку инфекции или вакцини. Се проценува дека 55-80% од популацијата мора да биде имуна за да се контролира пандемијата. Тестовите што откриваат антитела покажуваат дека само мал процент на луѓе се заразени.

Што ќе се случи во 2021 година и понатаму?

Развојот на пандемија следната година во голема мера ќе зависи од пристигнувањето на вакцината и од колку време имунолошкиот систем е ефикасен по вакцинацијата или закрепнувањето од инфекцијата. Многу вакцини обезбедуваат заштита со децении – како оние против сипаници – додека други, како оние против грипот, се истрошуваат со текот на времето. Исто така, некои вирусни инфекции стимулираат постојан имунитет, а други привремена имунолошка реакција.

Истражувачите досега многу малку знаат за колку трае имунитетот на САРС-КоВ-2. Една студија на 15 откриени пациенти открила дека неутрализирачките антитела остануваат во организмот до 40 дена по почетокот на инфекцијата; неколку други студии индицираат дека нивото на антитела паѓа по неколку недели или месеци. Ако Ковид-19 следи иста шема како онаа на САРС, антителата може да постојат на високо ниво за 5 месеци, со бавен пад во текот на 2-3 години.

Ако бројот на заразени продолжи да расте рапидно, без вакцина или постојан имунитет, ќе имаме редовна циркулација на вирусот. Во тој случај, вирусот ќе стане ендемичен. Ова не е незамисливо: маларијата убива повеќе од 400.000 луѓе секоја година.

„Овие најлоши сценарија се случуваат во многу земји со превентивни болести, кои веќе предизвикуваат огромни број на изгубени животи“, вели Бат.

Друга можност е дека имунитетот кон Ковид-19 е постојан. Во тој случај, дури и без вакцината, можно е дека по епидемијата, вирусот да исчезне самостојно до 2021 година. Меѓутоа, ако имунитетот е умерен и трае околу две години, тогаш може да изгледа како вирусот да исчезне, но да се врати повторно во 2024 година, откриваат научниците.

Сепак, таа прогноза не го зема предвид развојот на ефективни вакцини. Веројатно ќе има вакцини, со оглед на огромниот труд и вложените пари и фактот дека некои веќе се тестираат на луѓето. Дури и вакцина која обезбедува нецелосна заштита би помогнала во намалување на сериозноста на болеста и спречувањето на хоспитализациите, вели Ву. Сепак, ќе бидат потребни неколку месеци за успешната вакцина да се дистрибуира.

 

Слични содржини