Дали Македонија би влегла во „бугарско сценарио“ – да има избори, а да нема влада?

од Nikola Popovski
569 прегледи

Дали во земјава постои страв од евентуално бугарско сценарио после редовните парламентарни избори кои треба да се одржат наредната година? Ваква загриженост денеска истакна лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски кој порача дека доколу изборите не бидат успешни, „тогаш може да влеземе во континуиран процес на избори и државата тоа нема да го издржи“. Со големиот број на партии, поделеноста на политичката сцена, но и незадоволството кај дел од граѓаните, ситуацијата во земјава изгледа доста комплицирана. Колку за потсетување, од 2021 до 2023 година, нашиот источен сосед органираше пет последователни парламентарни избори и постојано имаше техничка влада.

Политичкиот аналитичар, Ненад Јовановиќ со зачуденост гледа на ваквите изјави на Мицкоски.

-Нели „народот“ е со него? Од каде сега кај него вакви претпоставки и стравувања, „имало шанса никој да не може да направи Влада“!? Па уште и ако не можел никој да направи Влада, изборите би биле неуспешни, па уште изборите и немало да бидат успешни иако ВМРО-ДПМНЕ победело на тие избори? Па, мислам, какви се тие неписмени претпоставки, какви се тие лудила, какви се тие неверојатни лупинзи, истакнува Јовановиќ во разговор за „Локално“.

Ненад Јовановиќ

Смета дека ретко која партија би сакала да прави Влада со Мицкоски, при евентуална нивна победа на изборите.

-Не е работата што луѓето заради некоја причина се лутат на СДСМ дека биле меки, „неспособни“ итн., работата е во тоа – кој е оној што има реална програма која ќе може да ја сработи во пракса? Тоа е она што ги менува изборите и шансата за освојување на 61 пратеник. Тоа е она што ја прави и конституира една Влада. Ако приметувате, Мицкоски и тука е хендикепиран. Мицкоски нема реални решенија за оваа земја. Тие може да имаат понуда, ама таа понуда е само на хартија, а хартија, како што знаеме, трпи се’. Тие луѓе, односно таа политичка организација има проблем со реалноста на луѓето. Не можете вие да посакувате власт, а да немате допир со внатрешната и надворешната политика. Не можете вие ништо да направите ако секоја ден сте опседнати со вашиот личен рејтинг и таа пропагандна машинерија која вие ја контролирате: еден ден ќе го шибнеме овој спин, а веќе следниот ден ќе го шибнеме оној спин. Луѓето бараат конкретно и јасно, а таа доверба Мицкоски не може да ја добие – и да оформи Влада – затоа што луѓето се колебливи за него и партијата што ја води. ВМРО-ДПМНЕ и после 6 години во опозиција се’ уште е проблематична политичка партија која не може да ги „отресе“ страите трауми од времето на Груевски, смета Јовановиќ.

Аналитичарот е дециден дека изборите ќе бидат во редовните законски рокови и дека земјата надолу ќе ја повлече се’ ако не се држиме до евроинтегративниот пат.

-Патот за Европа е пат што сите нас не држи фокусирани, со вистински сојузници кои се моќни и силни. Надвор од тој пат, Македонија пропаѓа во секоја смисла. Ќе не’ соберат регионални играчи и ќе не пробушат комплетно, што со пропаганда, што со нашата инерција. Не траба да си играме со овие работи дневни политички холастики. Луѓе се во прашање! Надвор од патот на Европа, надвор од патот на Западните вредности, ние немаме шанса за ништо. Предупредувам на будност, порачува соговорникот.

Околу тоа дали можеби во земјава би било успешно раководењето на Бугарија, во кое ќе има ротации на премиери од сите партии кои се претставници на тоа мнозинство, Јовановиќ вели дека не треба да се угледуваме на нашиот источен сосед.

-Нашето државно и национално уредување е комплетно поинакво од бугарското. Бугарија има далеку поголеми проблеми од нас. И ако бидеме мудри, ако го разбереме контекстот каде се наоѓаме, ќе го разбереме и тоа дека со туѓите својства и примери не може да ја градиме нашата држава. Нашата држава ќе ја градиме и водиме според својствата и енергиите кои тука ги имаме и не детерминираат сите нас, овде. Што значи тоа? Македонија е мултикултурна земја, мултиконфесионална и мултиетничка. Македонија денес е на исправен пат. Силите кои сакаат да ја упропастат оваа земја се сили кои бараат примери преку Бугарските сценарија. Ние имаме наши, македонски сценарија, а тие се: Северна Македонија во Европа до 2030 година, посочува аналитичарот.

Оценува дека ако сите македонски партии се во влада, не може да се реши доброто на државата и доброто на граѓаните. Според него, сите македонски партии заедно не може да значи ништо друго освен „некој нов фашизам, или брутален авторитаризам“.

-Или вие мислите дека ако нешто е „чисто“ мнозинство, поточно ако во Македонија има етнички чиста нација само на Македонци, така ќе се решат сите проблеми на граѓаните? Етнички чисти нации нема никаде, барем не кај што сме тргнале да одиме. Македонија не е афричко племе, не е ниту Потсахарска република… Македонија е европска, граѓанска земја, која се грижи подеднакво за сите малцински заедници. Ако го прокоцкаме тоа и влеземе во некој нов „чист“ мнозински концепт само на Македонците, од оваа држава нема да остане ништо. Добро, ќе стане некоја нова мафијашка држава, некаков блесав картел од машки пауни, од која ќе сакаат сите да си заминат, ама европска држава со „чист“ етницитет, притоа уште и помодно наречен „европски“, нема да стане никогаш, заклучува Јовановиќ.

 

Петар Арсовски

Аналитичарот и познавач на состојбите, Петар Арсовски се согласува дека е возможно бугарско сценарио во земјава во 2024 година. Вели дека теоретски кога имате состав од 120 пратеници, сите комбинации се возможни.

-Апсолутно можат да се повторуваат изборите ако никој не успее да состави влада бидејќи имате две партии кои се против уставните измени и сите други кои се за. Ако тоа е идеолошката оска, врз која се прават идните владини состави, теоретски е можно партијата која ќе освои најголем број пратеници да не може да состави влада, како што се случуваше во Бугарија, истакнува Арсовски за „Локално“.

Дециден е дека било која политичка нестабилност и криза, ќе се одрази на вкупниот амбиент во земјата, и на политички, домашен и меѓународен план.

-Различните идеи за тоа како да се состави влада, се помалку важни од тоа дали ќе се постигне национален консензус дека сакаме да продолжиме кон ЕУ. Ако ние одлучиме дека сакаме да продолжиме кон ЕУ и ги направиме уставните измени, прашањето кој ќе ја плати политичката цена е полесен дел бидејќи е политичка математика – дали ќе биде заедничка влада, ротирачки премиер… Поважен е овој национален консензус, порачува соговорникот.

На прашањето дали политичкиот ќорсокак би можел да се реши со една голема коалиција на најголемите македонски партии, барем за доброто на државата и граѓаните, Арсовски смета дека секогаш е со знак прашалник сите партии во Македонија да имаат некаков консензус околу стратешко прашање.

-Дали идеме кон ЕУ или НАТО или ја напуштаме идејата, што ќе правиме со длабоко вкоренетите проблеми како корупција, криминал и владеење на право, намалување на администрација, здравство, образование – проблеми кои надминуваат еден мандат. На тоа секогаш е добро да имаме заеднички ставови. Дали тоа ќе роди заедничка коалиција во која ќе имплементираме заеднички политики е секундарно прашање, но на ова првото мораме да внимаваме, оценува аналитичарот.

Н.П.

Слични содржини