Дали Македонија повеќе се приближува кон Србија на сметка на Косово: „Треба да водиме внимателна дипломатија, иако сите сме жртви за да бидат добри односите со соседите“

од Nikola Popovski
1,2K прегледи

Инцидентот на скопскиот аеродром со косовската претседателка Вјоса Османи ќе се анализира во соработка со надлежните институции, а потоа ќе се преземат мерки и активности, став на македонскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски. Тој изрази жалење за како што вели, недоразбирањата кои се случиле при патувањето на косовската претседателка, откако претходно Косово побара извинување од него и од македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова и прати протестна нота.

Како што соопштија од МВР во инцидентот се вмешало и обезбедувањето на собранискиот спикер Африм Гаши, наводно се заканувало на вработени во ТАВ и турнале полициски службеник вработен на граничниот премин. По реакциите од кабинетот на собранискиот спикер, дека обидот на Османи да се одземе личниот телефон е спротивен на меѓународните практики, Гаши вели дека само интервенирал да се смири ситуацијата да не се направи дипломатски скандал.

Од „ВЛЕН“ пак реагираат дека овој како што велат крајно вознемирувачки случај, е продолжување на проектот за радикализација на ДУИ. Интегративците пак возвраќаат – косовското претседателство ги откри сите лаги на вазалите од „ВЛЕН“. Од косовското Министерство за надворешни работи односот на аеродромското обезбедување кон косовската претседателка го нарекоа недостоинствен, тврдејќи дека имало и обид за одземање на телефонот на претседателката.

Денеска се очекува и посетата на косовскиот премиер Албин Курти во Скопје, а една од темите за разговор сигурно ќе биде и инцидентот на скопскиот аеродром. Ваквиот развој на настаните се одвива и во момент кога македонските власти го притворија поранешниот припадник на ОВК, Блерим Рамадани, по кого Србија распиша потерница за сторени воени злосторства.

Дали ваквите случаи се сигнал за промена на курсот на Скопје кон Приштина?

Дел од домашната јавност е претпазлива околу ваквите констатации и не сака да се избрзува со заклучоци. Политичкиот аналитичар Благојче Атанасоски вели дека не би сакал да верувам да верува дека постои целенасочена тенденциозност на свесно расипување на односите со нашиот северозападен сосед, од проста причина што тоа ќе има сериозни импликации врз и онака кревките меѓуетнички односи во државата.

Благојче Атанасоски

-Колку и парадоксално да звучи, Македонија која е земја членка на НАТО, а Косово е земја која се уште не е членка на ООН, на еден начин безбедносно „зависи“ од добрите односи со поранешната српска покраина. Дотолку повеќе што, коалицијата ВЛЕН кои се етничко-албански партнер во новата влада на Мицкоски, на еден начин се политички полтрони и продолжена рака на косовскиот премиер Албин Курти, истакнува Атанасоски за „Локално“.

Соговорникот е дециден дека новата македонска влада покажала тенденција да ги зајакне врските со Србија, која не го признава Косово. Смета дека поголема србизација на македонскиот општествен дух, колективен менталитет и генерално на македонскиот бит, немало од времето на српската окупација на Кралство Србија и Кралство Југославија од перидото 1919-1941.

-Просто е неверојатно, како самопрогласените наследници на историските револуционери Тодор Александров, Александар Протоѓеров и Владо Георгиев Черноземски, се денеска најголеми измеќари на политиката на српскиот претседател Александар Вучиќ. Но тоа е веќе во доменот на работата на конзилиум од најдобрите и врвни невропсихијатри во светот да го објаснат феноменот, како гордите наследници на славните револуционери од ВМРО кои пролејаа литри крв за да се борат против српската окупација и српските злосторства во Вардарска Македонија, денеска да се поголеми Срби и од еден Новак Ѓоковиќ, оценува Атанасоски.

За денешната средба Мицкоски-Курти, аналитичарот тврди дека веројатно ќе оди во смирување на тензиите, во име на добрососедските односи, бидејќи во владата на Македонија, партиципира ВЛЕН, коалиција која, како што вели, де факто беше создадена во кабинетот на Курти.

-Но во иднина, доколку се случуваат „вакви немили настани“ кои ќе бидат чести и скандалозни, може да очекуваме влошување и на односите со Косово, после тоа со Бугарија и Грција. Едноставно само со Србија ќе имаме одлични, братски и блиски меѓусоседски односи, заклучува Атанасоски.

Од друга страна, професорот и аналитичар Башким Селмани оценува дека Македонија е независна земја и треба да делува по своите интереси. Тврди дека ваквите индикации не се во полза на нашиот суверенитет.

Башким Селмани

-Се знае дека за одредени работи, сите ние сме жртви за да бидат добри односите. Колку време чекавме со Грција, колку време чекаме со Бугарија… Сите овие инциденти се координирани, дали од внатрешни или надворешни служби. За сите нас државата треба да биде интерес и тоа треба да го чуваме. Во случајов (инцидентот со Вјоса Османи), нема виновници бидејќи се знае како се регулираат меѓународните односи. Односите со Косово се реални. Домаќинот е одговорен за да се обезбеди услови. Најмалку ни требаат инциденти со Косово кои не се потребни, вели Селмани во разговор за „Локално“.

Соговорникот подвлекува дека Македонија треба да води внимателна дипломатија оти не сме толку силна индустрија и да диригираме одредена политика.

-Мораме да ги чуваме нашите односи. Самата влада дала индикации кои не допринесуваат на долготрајната успешна политика. Македонија има основен проблем доколку не биде внимателна со јавниот долг. Сите влади што владееле досега, економските проблеми ги дефокусирале со споровите со соседите и односите. Мора да се најде чаре да се минимизира јавниот долг. Треба директно да се оперира. Сите овие инциденти делуваат повеќе како координирани отколку што се реални, објаснува Селмани.

Според него, посетата на Курти е добра за двете влади.

-Треба заеднички да се соработува и границата да биде пофункционална. Да се отворат нови премини бидејќи граѓаните чекаат и секогаш губат време. Исто и на политички план. Со добри односи со соседите, може да имаш добра економија. Цела Европа функционира со добри односи, не дали се сакаат или не се сакаат, кој повеќе е пријател или не е…Македонија мора да ги чува сите граници на најдобар начин, потенцира аналитичарот и професор.

Претседателството на Република Косово излезе со соопштение до јавноста во кое ја изразува својата огорченост од „неприфатливите изјави на Министерството за внатрешни работи на Северна Македонија“, како и од „пропагандата што се развива против Република Косово“ по инцидентот со претседателката Османи на скопскиот аеродром.

Во соопштението се наведува дека Османи единствено одбила да го даде на скенирање својот телефон, кој го користи како шеф на државата за официјални комуникации и за прашања од националната безбедност. Косово исто така испрати и протестна нота до македонското МНР. Локалните медиуми пренесуваат дека косовската министерка за надворешни Доника Гервала се сретнала и со македонскиот вицепремиер Арбен Фетаи и побарала појаснување за случајот.

Министерката Гервала телефонски разговарала и со македонскиот министер за надворешни Тимчо Муцунски. Во протестната нота Косово бара најбрзи и најцелосни појаснувања за инцидентот на скопскиот аеродром.

Н.П.

Слични содржини