Марк Закерберг, извршен директор на Meta, сведочеше оваа недела на судење што може драстично да го промени технолошкиот пејзаж – ако загуби, Meta може да биде принудена да ги продаде Instagram и WhatsApp. Во тужбата на американската Федерална трговска комисија (FTC) се тврди дека компанијата создала нелегален монопол на социјалните мрежи со купување на потенцијални конкуренти.
Во срцето на процесот е тврдењето на FTC дека со преземањето на Instagram и WhatsApp, Meta ги елиминирале конкурентите и на тој начин изградиле доминација на пазарот. За време на сведочењето, кое траеше повеќе од десет часа, Закерберг ги оспори овие наводи и тврдеше дека двете платформи биле купени за да се подобри искуството за корисниците.
Обвинителството презентираше е-пошта од 2018 година во која Закерберг им напишал на соработниците дека постои „реална можност“ Meta да биде принудена да ги исфрли Instagram и WhatsApp во следните пет до десет години, со оглед на тогаш растечкиот политички притисок врз големите технолошки компании, пишува Си-Ен-Ен.
Тој, исто така, наведе во пораката дека „повеќето компании всушност се подобри откако ќе се разделат“. Во истиот контекст, тој ја спомена структурата на „семејството на апликации“ во Meta како можен ризик за Facebook.
Според документите презентирани во судот, Закерберг ги сметал заканите на Instagram и WhatsApp за пазарната позиција на Facebook уште пред аквизициите.
Во мејл од 2011 година тој изјавил дека Instagram станал сериозен конкурент на полето на мобилната фотографија, додека апликацијата Facebook Camera заостанува во однос на функционалноста. Во април 2012 година, Facebook го купи Instagram за 1 милијарда долари.
Една година подоцна, во 2013 година, Закерберг му напишал на тогашниот шеф за развој Хавиер Оливан дека е загрижен за можноста WhatsApp да развива слични функционалности на Facebook и Instagram. Оливан одговорил дека го „губи сонот поради тоа“ и оценил дека WhatsApp е „сериозен играч“. Исто така, имало загриженост дека Google може да го купи WhatsApp пред Facebook.
Под вкрстено испрашување, Закерберг изјави дека по неговата прва средба со ко-основачот на WhatsApp, Јан Кум, заклучил дека е „малку веројатно“ WhatsApp да развие конкурентни функции.
Обвинителите укажале на внатрешна анализа од 2022 година, која покажала дека поврзувањето и споделувањето активности меѓу корисниците на Facebook опаѓаат. Закерберг потврди дека додаваат помалку нови пријатели и поретко споделуваат содржина со постојните.
Тој посочи дека навиките на корисниците се менуваат и дека пораките меѓу поединци и групи имаат предност пред објавите на јавните feed-ови. „Пораките силно растат додека споделувањето на feed-овите опаѓа“, рече тој.
Потоа изјавил дека TikTok, Snapchat и YouTube се меѓу главните конкуренти на Meta денес. Тој особено го истакнал YouTube како платформа која го привлекува вниманието на помладата публика и доминира во сферата на видео содржините.
Повикувајќи се на податоци од истражувањето на Pew Research Center, истакнал дека корисниците, особено помладите, поминуваат повеќе време на YouTube отколку на Facebook и Instagram заедно. Како една од причините тој го наведе зголемувањето на достапноста и популарноста на побогатите медиумски формати, особено видеото, во последните десет години.
Закерберг седна како сведок непосредно пред поранешната директорка Шерил Сандберг, која исто така беше повикана како сведок.