Пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи е скептичен околу унгарскиот заем што Македонија денеска и официјално треба да го потпише во Будимпешта. Според него, извозната банка на Унгарија пред само неколку месеци доби кредит за себе од Кина од милијарда евра, и оттука се сомневањата дека може да има политичко влијание не само до Унгарија, туку и од Кина.
За поранешниот министер еден преседан е што ова задолжување беше предложено од пратеник на владеачкото мнозинство, а не од министерката за финансии, а втор преседан е што на расправата не се појави Гордана Димитриеска-Кочоска, туку заменикот-министер од друга политичка партија. Битиќи во дебатната емисија „24 анализа“ на телевизија 24 нагласи дека ова е симптоматично и запраша дали министерката за финансии не верува дека овој заем е добар за државата.
Во Будимпешта денеска треба да биде потпишан договорот за унгарскиот заем во висина од половина милијарда евра од кои дел ќе бидат наменети за бизнис секторот, а дел за реализација на проекти на општините. Министерката за финансии Димитриеска Кочоска минатата недела изјави дека на 8-ми октомври патува за Будимпешта и дека истиот ден ќе го потпише договорот.
Условите под кои се зема заемот, според Владата, се поволни. Кредитот се зема со каматна стапка од 3,25 проценти со три години грејс период и 12 години рок на отплата.
Законот за унгарскиот кредит, што го договорија премиерот Христијан Мицкоски и унгарскиот премиер Виктор Орбан за време на учеството на Самитот на НАТО во Вашингтон, беше изгласан во Собранието на 17 септември годинава.
„Кинески пари не можеме да ви даваме, а европски пари можеме и ќе ви ги даваме“. Ова е одговорот на унгарскиот премиер Виктор Орбан, а кој се однесува на заемот, а го кажа при посетата на Охри.
Во објаснувањето, кое следуваше по новинарско прашање дали парите што ќе стигнат во Македонија од заемот во висина од 500 милиони евра се кинески или унгарски, Орбан рече дека Унгарија има договор со Кина сите пари што стигнуваат во неговата земја да одат на конкретни проекти за развој на државата.