Конфликтот во Украина е поблиску до постигнување мир од кога било досега, изјави советникот за национална безбедност Мајкл Волц, коментирајќи ги претстојните разговори во Саудиска Арабија.
„Се приближуваме и сме поблиску до мирот отколку што некогаш сме биле… Ова се следните чекори: веќе има прекин на огнот во инфраструктурата што стапи на сила веднаш откако претседателот Трамп имаше телефонски разговор со претседателот Путин оваа недела. Сега ќе разговараме за прекин на огнот кај Црното Море, така што двете страни ќе можат да испорачаат жито, гориво и да продолжат со трговијата во Црното Море“, истакна Волц.
Следниот чекор за постигнување мир во Украина, веруваат САД, е да се разговара за „линии на контрола, кои се, всушност, линии на фронтот“, додаде тој.
„Ова се однесува на деталите за контролните механизми, одржувањето на мирот, замрзнувањето на линиите низ кои минуваат“, објасни советникот на американскиот претседател.
Претходно Блумберг, повикувајќи се на информирани извори, објави дека Белата куќа сака да постигне договор за прекин на огнот во украинскиот конфликт до 20 април, но признава дека овој рок може да биде пробиен.
„Белата куќа има за цел да постигне договор за прекин на огнот до 20 април, кој оваа година е на Велигден и во западната и во православната црква, но признава дека рокот може да се одложи со оглед на големите разлики во позициите на двете страни“, пренесува агенцијата.