Дали може Европа без американските техношки гиганти?

Европските армии сè повеќе предупредуваат дека политичките дискусии за таканаречениот технолошки суверенитет би можеле да имаат сериозни последици за безбедноста на континентот, бидејќи одбранбените системи во голема мера се потпираат на американската технологија

од Кристијан Димков
7 прегледи Фото: Принтскрин/France 24

Клучните воени системи, комуникациите, собирањето разузнавачки информации и нивното складирање денес во голема мера функционираат благодарение на американски софтвери, мрежи и Cloud  инфраструктура, поради што наглото ограничување на пристапот до европскиот пазар за американските технолошки компании, предупредуваат воени лица, би можело да ги ослабне оперативните способности на европските армии, пишува Фајненшл тајмс.

„Ваквите дискусии не се ниту реални ниту корисни“, изјави еден од европските воени претставници, нагласувајќи дека повеќето европски одбранбени платформи се потпираат на американска технологија, што ја прави брзата дигитална независност практично невозможна.

Повиците за поголема технолошка автономија на Европа се засилија по непредвидливата реторика на американскиот претседател Доналд Трамп за трансатлантската безбедност, како и неговата закана за преземање на Гренланд, што предизвика барања во некои од европските престолнини за забрзан развој на сопствени одбранбени и технолошки способности. Францускиот претседател Емануел Макрон на Минхенската безбедносна конференција изјави дека Европа мора да го забрза развојот на својата геополитичка моќ, особено во областите на одбраната, вештачката интелигенција и Cloud технологијата.

Европската комисија веќе подготвува пакет мерки за зајакнување на „технолошкиот суверенитет“, со цел намалување на зависноста од американските даватели на Cloud услуги и зајакнување на домашната технолошка индустрија. Претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, нагласи дека Европа мора да ги заштити своите безбедносни интереси во областа на податоците, дигиталните платформи и информациската инфраструктура.

Но, ваквите пораки предизвикаа вознемиреност кај военото раководство присутно во Минхен. Според сведоци на разговорот, генералите ги предупредиле политичарите дека Европа, и покрај своите амбициозни планови, долго време нема да може да функционира без американска технологија. Експертите за воена стратегија, исто така, предупредуваат дека политичките амбиции честопати се судираат со технолошката реалност.

Примерите за зависност се бројни. Германската војска потпиша договор со „Гугл“ за Cloud услуги, а британското Министерство за одбрана ѝ додели на американската компанија „Палантир“ договор вреден 240 милиони фунти за анализа на податоци и поддршка на воени операции. Од друга страна, Швајцарија ја отфрли понудата на „Палантир“ поради правни и безбедносни дилеми, што предизвика и дебата во британскиот парламент.

Пример е американскиот борбен систем Aegis, користен од страна на многу европски морнарици. Откако една држава ќе воведе таков систем, таа практично влегува во долгорочна технолошка зависност бидејќи мора да ги следи американските надградби и стандарди.

Воените аналитичари предупредуваат дека дигиталната независност на европските борбени системи од САД е речиси незамислива. Речиси секој современ европски борбен авион содржи американски комуникациски или идентификациски компоненти, што го поставува прашањето за вистинската контрола врз системите.

Дебатата е поттикната од стравот дека, во екстремно сценарио, Вашингтон би можел да ги активира т.н дигитални kill switch механизми што би го оневозможиле работењето на софистицираното оружје. Другата струја на размислување смета дека Европа треба да го користи пристапот до својот голем пазар како лост за притисок врз американските технолошки компании во случај на трговски конфликти.

Воените претставници сепак предупредуваат дека наглото одвојување од американската технологија би создало сериозни оперативни празнини, би ја ослабнало сајбер безбедноста и би го отежнало споделувањето на разузнавачки информации. Кризата околу Гренланд, истакнуваат аналитичарите, јасно покажа колку дигиталната инфраструктура на европските армии се потпира на американски системи.

Во исто време, американските технолошки компании се обидуваат да ги убедат европските влади дека нивните услуги остануваат сигурни без оглед на политичките промени во Вашингтон. 617
На безбедносната конференција во Минхен, 15 технолошки компании, вклучувајќи ги „Мајкрософт“, „Амазон“ и „Гугл“, ја започнаа иницијативата „Trusted tech alliance“ за да ги нагласат заедничките стандарди за безбедност и заштита на податоците.

Како што истакнуваат експертите, Европа не може да ги реплицира технолошките гиганти како „Амазон“, „Мајкрософт“ или „Гугл“ на краток рок, а насилното поставување податоци на европска почва автоматско не значи дигитален суверенитет. Националната безбедност, заклучуваат тие, денес е неразделно поврзана со дигиталната безбедност и токму затоа Европа останува длабоко поврзана со САД, пишува „Фајненшл тајмс“.

Слични содржини