Дали некој знаел што ќе каже Доналд Трамп за Иран? Трговците вложиле половина милијарда долари 15 минути пред неговата објава

Според пресметките на ФТ, засновани на податоци од Блумберг, номиналната вредност на овие трансакции изнесувала неверојатни 580 милиони долари

од Кристијан Димков
16 прегледи Фото: Printscreen/Youtube/Sky News

Трговците направиле облози вредни повеќе од половина милијарда долари на пазарот на нафта само 15 минути пред американскиот претседател Доналд Трамп да ја објави веста за „продуктивни преговори“ со Иран, ексклузивно пренесува угледниот американски весник Фајнаншл Тајмс (ФТ).

Како што наведува ФТ, околу 6.200 фјучерс договори за нафта од типот Брент и West Texas Intermediate (WTI) смениле сопственик во понеделникот помеѓу 6:49 и 6:50 часот наутро според њујоршко време. Тоа се случило само 15 минути пред Трамп на својата мрежа „Truth Social“ да објави дека во изминатите денови биле водени „продуктивни разговори“ со Техеран со цел завршување на војната.

Според пресметките на ФТ, засновани на податоци од Блумберг, номиналната вредност на овие трансакции изнесувала неверојатни 580 милиони долари.

Не е познато дали зад овие трансакции стои едно лице, институција или повеќе нив, но тајмингот се смета за исклучително сомнителен. Објавата на Трамп во 7:04 часот наутро предизвика остар пад на цените на глобалните енергетски пазари и нагол скок на фјучерсите на индексот S&P 500, како и на европските акции, бидејќи инвеститорите брзо ги намалија очекувањата за продолжен конфликт.

Пазарните стратези и претставниците на хеџ-фондови отворено изразуваат фрустрација. Еден портфолио-менаџер изјавил за ФТ дека ова е само еден од низата примери на сомнителни трансакции што се случуваат непосредно пред официјални објави на американската влада.

„Мојот впечаток, по 25 години следење на пазарите, е дека ова навистина не е нормално“, изјавил тој и додал: „Понеделник наутро е, денес нема важни економски податоци… Ова е невообичаено голема трансакција за ден без ризик од големи настани. Некој штотуку стана многу побогат.“

Портпаролот на Белата куќа, Куш Десаи, брзо ги отфрлил инсинуациите за тргување со инсајдерски информации (insider trading).

„Белата куќа не толерира кој било претставник на администрацијата нелегално да се збогатува врз основа на инсајдерски информации, а секоја алузија на такви активности без докази е неоснована и претставува неодговорно известување“, изјавил Десаи, додавајќи дека единствениот фокус на Трамп е она што е најдобро за американскиот народ.

Сепак, ситуацијата дополнително се искомплицирала подоцна во понеделникот кога на социјалната мрежа „X“ се огласил претседателот на иранскиот парламент, Мухамед Багер Галибаф, кој целосно негирал дека се случиле какви било преговори меѓу Вашингтон и Техеран.

„Лажните вести се користат за манипулација со финансиските и нафтените пазари, како и за да се избега од калта во која се заглавени САД и Израел“, порача Галибаф.

Неговиот демант предизвика нов шок на берзите, повлекување на цените на акциите и повторно купување на енергетските пазари.

Иако некои експерти, како Тим Скироу од консултантската куќа „Energy Aspects“, сметаат дека обемот на тргување, иако поголем од вообичаениот за тоа време од денот, „не е претерано огромен“, многумина на Волстрит сè уште не ја исклучуваат можноста за сериозни пазарни манипулации.