Дали неучеството на ВМРО-ДПМНЕ во работната група за уставните измени ќе значи политичко самоубиство за партијата?

од Nikola Popovski
403 прегледи

Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ и понатаму стои на ставот дека нема да даде поддршка за промена на Уставот и внесување на бугарското малцинство во Преамбулата. Вчера од партијата повторија дека нема да определат свои експерти во работната група за уставните измени. -Ставот на ВМРО-ДПМНЕ е јасен. Нема да учествува во такви работни групи од причина што ова е нелегитимен процес, и многу пати сме кажале и апелирале до власта да не се впушта во вакви процеси каде што од граѓаните нема апсолутно никаква поддршка, истакна портпаролката на партијата, Марија Митева. Од Владата порачаа дека деновиве ќе испратат писма до политичките партии со кои ќе побара да номинираат членови во групата.

Ваквиот потег на ВМРО-ДПМНЕ не изненадува, но сепак остава простор дали е само во пресрет на долгоочекуваните парламентарни избори и дали ќе значи политичко самоубиство за партијата? За политичкиот аналитичар Ненад Јовановиќ, „ВМРО-ДПМНЕ само начелно се залага за ЕУ, а прикриено нема став ниту кон Русија, односно нема став ниту за војната во Украина“. Тој во разговор за „Локално“ вели дека партијата пет години во земјава шири антиевропска пропаганда.

Ненад Јовановиќ

-Што значи, тие мислат дека може во ЕУ, ама според нивни услови. Ама лошо мислат. Не може. Натаму, немањето на став, таа нивна политичка конфузија е всушност маневарски простор за да се скрие позади „народот“, и тоа за нив е сосема доволно. Тие, ако се искрени, не се расположени за евроинтеграциите, а тоа го знаат и врапците на гранката. Сетете се на референдумот од 30-ти септември 2018 година за договорот од Преспа!? „Секој има право да одлучи според сопствена волја“, тоа го зборуваше Мицкоски, а прикриено, во кулоари, играше на картата на неизлезност. Сетете се со пописот: играа на картата бојкотираме, а потоа кога ги видоа резултатите од пописот, сфатија колкава штета и направија на државата. Мицкоски бега од одговорност, Левица на Апасиев исто така бега од одговорност. Овие луѓе на оваа земја и прават невидена и нечуена штета. Не ме зачудува од нив ниту да почнат во јавност да тераат кампања дека Украина ја нападнала Русија, а не обратно. Еднаш реков, ќе го повторам тоа уште еднаш, затоа што ми се чини дека е ужасно важно, анализира Јовановиќ.

Според него, премиерот Димитар Ковачевски и владата на СДСМ оваа ситуација можат да ја свртат во своја корист.

-СДСМ и ДУИ, заедно со своите коалициони партнери играат храбра и одважна политика токму за своите граѓани и Евроинтеграцијата на земјата. Да ви дадам еден пример. Во времето на канцеларката Ангела Меркел, и сите оние кои беа дел од Европската народна партија (ЕПП), безрезервно беа поддржани, на која и самата Меркел припаѓаше. Ефектите ги гледаме во Унгарија на Орбан, претходно Словенија на Јанша, хаотичната Бугарија и Македонија на Груевски. Тамо кајшто на власт се членките на Европската народна партија, бележевме лоши ефекти за владеењето на право, реномето на тие држави беше катастрофално и загрозени беа и европските вредности. Со Западниот Балкан, освен Меркел и Германија, никој сериозно не се занимаваше. Денес, фала му на Бога, ситуацијата е обратна. Со Западен Балкан се занимава официјален Брисел, Германија, Франција и САД како никогаш во последните дваесет години. Денес ситуацијата во Северна Македонија е значително подобра од пред 2017 година. Видоа Европјаните и САД дека владата на Ковачевски игра прозападна политика и затоа нивната соработка е толку блиска, срдечна и пријателска. И верувам дека со нивна помош, во месец ноември оваа година, уставните измени ќе бидат на маса. Сигурен сум дека ниту ВМРО-ДПМНЕ не е до толку наивна за политички да се самоубие, смета Јовановиќ.

Соговорникот оценува дека со завршувањето на процесот со уставни измени во ноември, Северна Македонија за неколку месеци може да биде комплетно друга земја: политички и економски.

-Не само што не чекаат огромни фондови на пари за инфраструктура, образование, зелени политики… туку не очекува и некоја подобра иднина за генерациите на родени и неродени деца. Што значи тоа? Тоа значи дека имаме шанса да влеземе во единствениот пазар од 550 милиони жители. И се што овде ќе произведеме, имаме шанса и на кому да го продадеме. Ние на Европските пазари можеме да си го најдеме своето место и добро да го позиционираме нашето производство. Имаме шанса убаво даживееме и имаме на кому да го продадеме нашето производство. Да не ги споменувам развојните фондови на ЕУ кои изнесуваат стотици милијарди евра…На самиот крај, како што и го почнав разговорот, да бидам сосема отворен: единствен фактор што може да не’ блокира на овој пат е ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски. Можат да не стават на „клупа за резервни играчи“, да употребам еден фудбалски жаргон, па да се чешаме со години што не снашло. Ако сега испаднеме од Европската приказна, сите западни инвеститори ќе ги намалат своите инвестиции, ќе го намалиме извозот, ќе се јави некаков дефицит итн. Да не зборувам за демократијата која ќе биде експресно заменета со гол популизам, ќе се родат нови тенденции на авторитаризам, расизам, ксенофобија…, на тоа како на лента ќе се појави сиромаштија и голема миграција на нашите луѓе во други земји, вели Јовановиќ и додава:

-Ако не бидеме паметни, можеме и вака. Да ни речат: седете на страна, па јавете се кога ќе одлучите што сакате. Ама повторно враќање во Европа може да не чини страшно многу. Затоа, ајде да ја зграбиме оваа шанса и ги изгласаме уставните измени, а ако тоа не го направиме, ние самите ќе бидеме во тешки проблеми од кои тешко дека во периодот што доаѓа ќе се опоравиме. Нема да имаме никаква конструктивна улога. Единствено кое ќе биде поставено како прашање е нивото на деструкција, категоричен е аналитичарот.

Александар Генчов

Од друга страна, политичкиот аналитичар Александар Генчов смета дека малку е несериозно тоа што држава што треба да зачекори кон патот на уставните измени и продолжување на преговорите со ЕУ, да го игнорира ставот на опозицијата. Во изјава за „Локално“ вели дека земја која сака да стане членка со ЕУ треба да изгради толку значаен консензус и не може да го игнорира ставот на партијата која е водечка во државата и кај етничките Македонци.

-Мое длабоко уверување е дека не може за волку мега клучно прашање да одлучува Влада која јасно е дека ја предводи ДУИ и во која учествува СДСМ. Замислете како би било кога би се решавало некое прашање во кое концентрација би имало албански етнички дел и да го решаваат сите македонски партии, освен онаа која што е најбројна кај Албанците? Тоа значи дека СДСМ несвесно од друга страна ја поткопува европската иднина – не можете вака да градите консензус „земи или остави“. Уставни измени треба да има, но со став и учество на ВМРО-ДПМНЕ. Треба да се излезе на виделина, а не вака само да се нагаѓа. Може да се смета дека и СДСМ вака прави антиевропски потег со тоа што не дозволува да се чуе волјатата на најголемата опозициска партија, порачува Генчов.

Околу тврдењата во јавноста дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ при посетите на странските амбасади ветувал спроведување на уставни измени, но после доаѓањето на власт, аналитичарот вели дека „никогаш не сме го слушнале Христијан Мицкоски дека уставни измени ќе има после добивањето на избори“.

-Сметам дека е шпекулација за полесно да се дојде до тие 8 потребни пратеници од ВМРО-ДПМНЕ за изгласување промена на Уставот. Доколку се сака и се има искрена намера, со ова кажување на Мицкоски дека идел по амбасади, значи дека некој субјект и да сака да пристапи добронамерно за решавање на одредени проблеми, со ова само се попречува и се зголемува јазот и политичкото его. Времето поминува, а уставни измени нема, предупредува Генчов.

За тоа дали самото одбивање на ВМРО-ДПМНЕ да се вклучи во работната група значи пораз на следните избори, бидејќи во јавноста тоа се потенцира како анти-ЕУ, што значи дека тешко ќе дојдат до коалициски партнер во некои од албанските партии, Генчов одговара:

-Прашањето за коалицискот капацитет секогаш се поставува на македонска партија. Ниту еден новинар или портал, ниту еднаш не прашал за коалицискиот капацитет на една албанска партија. Дали тоа што го прави како програма, движење, ниту еднаш никој не прашал дали има капацитет за коалиција за Македонците. Македонците треба како попчиња да ја прифатат победничката партија, а од друга страна друг да го анализира капацитетот на македонските партии. Дали некој смета дека со упорното одбивање на волјата на мнозинските Македонци да биде валиден нивниот став, се турка ВМРО-ДПМНЕ свесно или несвесно сама да има 61 пратеник? Такво нешто досега не сме слушнале. Со тоа уште повеќе се зголемува политичкиот јаз и се тераат Македонците во политички инат, ни рече аналитичарот.

Н.П.

Слични содржини