Група новинари одново ги открија даночните трикови на богатите. Политичари, богаташи, но и обични претпријатија ја играат валканата игра, најчесто целосно легално. Тоа може да го спречи единствено политиката, смета Хенрик Беме

Секој од нас се обидува да го намали товарот на даноците колку што е тоа можно. Во тоа ни помагаат даночните советници и огромна литература на темата како да се заштеди на данокот. Тоа е целосно разбирливо, особено кога, како во Германија, државата на граѓаните доста длабоко им ја вовлекува раката во џебот.
Поради тоа многумина се обидуваат од даночната управа да добијат што повеќе средства со повратот на даноци. За обичниот даночен обврзник тоа по правило се мали износи, но сепак, и таа мала сума предизвикува задоволство и чувство дека се добило нешто како поврат од сопствените пари.
Сосема друга работа е кога станува збор за големи суми. Глобалните концерни како Амазон, Фејзбук, Епл, но не само тие, бидејќи и многу германски фирми регистрирани на франкфуртската берза многу добро ја знаат праксата на затајување данок.
Цели армии на правници се вработени во големите компании единствено само за да пронаоѓаат дупки во системот и да најдат начини како да се зголеми профитот или подобро кажано како да се избегне данокот. Тука се и супербогаташите од целиот свет, кои не би биле толку богати ако незнаеја како да ја убедат даночната управа да го платат најмалиот можен износ за данок.
Чесни и нечесни даночни обврзници
Постојат т.н. семејни канцеларии на кои единствена грижа им се заштитата на имотите на богатите семејства. Тука се и големиот број фондации кои во најголема мерка се формирани токму за прикривање на парите. Ги имаме и адвокатските канцеларии како „Мосак Фонсека“ во Панама или како што покажува најновиот случај „Еплби“ на Бахамите, кои се специјализирани за даночни трикови и за регистрирање на виртуелни фирми кои постојат само на поштенските сандачиња.
Благодарејќи на мрежа на упорни истражувачки новинари откриена е оваа мрежа што служи само за затајување даноци. Тоа заслужува почит.
Нормално е дека сега огорченоста и бесот на јавноста се многу големи, како против богатите и мултинационалните концерни, така и против севкупниот систем. Но, факт е дека повеќето од она што мрежата од околу 400 новинари го изнесе пред јавноста е во целост легално.
Даночните оази се легални (се уште). Не е забрането да се користат дупките во законите. И на крајот не може сите случаи да се ставаат во ист кош. Многу богати Германци редовно и во целост ги плаќаат своите даноци. Вкупно 43 проценти од даночните приходи во Германија доаѓаат од само два од вкупно 40-те милиони даночни обврзници во Германија.
Многу црни овци
Сепак има и многу црни овци и државата треба да даде се што е во нејзина моќ да собере доволно средства од даноците. Последната голема финансиска криза во голема мерка ги испразни државните каси ширум светот. Доколку компаниите не се прикажуваа дека се посиромашни отколку што се, Германија би прибирала за 30 отсто повеќе средства од данокот на добивка, а на ниво на ЕУ се говори за бројка од 20 проценти.
Водечките светски индустриски земји и државите со забрзан економски раст вклучени во групата Г-20, заедно со Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) изработија серија мерки кои треба да спречат затајување на даноци. Но, за да почнат да функционираат тие мерки потребно е време.
Затоа е важно преку нови откритија да се продолжи со притисокот врз оние кои носат одлуки. Но, исто така, треба да бидеме искрени и да запрашаме што беше сторено откако пред две години се појави скандалот околу „Панамските документи“. Одговорот би бил: па и не нешто многу.
Исладскиот премиер за волја на вистината поднесе оставка поради „Панамските документи“, а директори на „Мосак Фонсека“ завршија во затвор, но не поради затајување данок туку поради корупција. Ширум светот се водат над 6.500 истраги поврзани со „Панамските документи“. Благодарение на овие откритија даночните управи ширум светот успеаја дополнително да приберат (скромни) 80 милиони евра даноци.
Сетоа тоа заедно сепак не го намалува значењето на она што го направија истражувачките новинари. Сепак, правосудството не е во рацете на новинарите туку за тоа мора да дејствува државата и тоа многу поенергично. Од даночните управи и правосудните органи мора да дојде решавачкиот импулс. Ако капиталот е мобилен и лесно ги минува границите, тогаш и даночните управи би морале да функционираат меѓународно, независно од границите. Неопходни се единствени даночни стапки и по можност исти услови за сите претприемачи.
Но, имајќи предвид дека во моментот владее сосема поинаква состојба и дека државите со цел да привлечат поголем број странски инвеститори, се натпреваруваат во тоа која ќе даде поголеми даночни олеснувања, на даночните мешетари и натаму им останува лесна работа.
Дојче Веле-Берлин