Азербејџан е подготвен да ги прекине воените дејствија во Нагорно Карабах, ако Ерменија предложи повлекување на силите од Нагорно Карабах, што треба да биде поддржано со прецизна временска рамка и конкретни активности, изјави азербејџанскиот претседател Илхам Алиев.
„Нашиот услов за прекин на огнот е Ерменија да предложи агенда за повлекување на армијата од окупираните азербејџански територии во Нагорно Карабах и тоа не треба да биде само на зборови, туку и да се исполни на дело – во кое точно време и од кои територии“, рече Алиев во интервју за ТВ „Ал Арабија“.
Според него, решението за конфликтот со Ерменија треба да се бара преку дијалог, но мора да има одредена основа за тие преговори.
„Ние се согласуваме со ставот дека проблемот со Ерменија треба да се реши преку дијалог, но треба да има одредена основа за тоа. Ерменскиот премиер треба да каже дека е посветен на претходните договори со кои се признава дека териториите во Нагорно Карабах се окупирани азербејџански територии“, изјави тој.
Исто така, со цел Баку да ги запре вооружените дејствија, потребно е извинување на ерменскиот премиер, кој, како што рече, „ги нарекол окупираните азербејџански територии – ерменски“.
Тој додаде дека Баку ќе се обиде да ги врати нормалните односи со ерменскиот народ по ослободувањето на неговите територии во Нагорно Карабах.
Тоа, признава тој, нема да биде лесно.
Во истото интервју, Алиев рече дека и од Франција бара извинување за зборовите на претседателот Емануел Макрон за наводниот трансфер на сириски борци во Баку со цел да учествува во борбите во Нагорно Карабах.
Макрон претходно изјави дека 300 сириски борци биле пренесени преку турскиот град Газиантеп во Баку.
„Нема платеници, имаме армија од 100.000 војници. Барам извинување и одговорност од Франција“, додаде тој.
Состојбата во Нагорно Карабах
Ситуацијата во Нагорно Карабах ескалираше кон крајот на септември. Баку и Ереван се обвинуваат едни со други за избувнувањето на конфликтот. Во Ерменија е прогласена воена состојба и општа мобилизација. Во Азербејџан е воведен полициски час и делумна мобилизација.
Лидерите на Русија, САД и Франција ги повикаа Ереван и Азербејџан итно да ги прекинат конфликтите и да започнат преговори без предуслови.