Дали почна да се калкулира со балансерот: „Укинување и негова замена со недоволно квалитетно решение има потенцијал да ги влоши меѓуетничките односи“

од Nikola Popovski
286 прегледи

Иако имаше децидни најави дека укинувањето на балансерот ќе оди во фази, сепак, засега ова законско решение останува на сила. Новата власт од првиот ден најавуваше дека ќе го укине и ќе го замени со нова посовремена алатка, но министерот за јавна администрација, Горан Минчев вели дека балансерот останува на сила. Тој притоа посочува на злоупотреба каде Македонци се пишувале како Албанци и обратно се со цел вработување во јавната администрација. Минчев сепак појаснува дека „останувањето во сила на балансерот не значи дека нема да биде предмет на расправа неговото евентуално укинување“.

Дали има промена во наративот на Владата? 

Дел од аналитичарите во земјава сметаат дека ново законско решение ќе има, но не се знае точно кога. Според аналитичарот Александар Илиев, нема суштинска промена во ставот на владата дека е потребна замена на алатката/калкулатор „балансер“ со ново законско решение, но не е јасна временската рамка кога ќе се реализира оваа намера. Смета дека изјавата на министерот е повеќе индикатор дека се уште не е креирано законско решение кое може да го замени „балансерот“.

Александар Илиев

-Оваа изјава на министерот Минчев е во согласност со претходни изјавите на министри од коалициски партнери во владата. На пример, во јули 2024 година Изет Меџити изјави дека ВРЕДИ се залага за укинување на балансерот и донесување нов закон за правична застапеност. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, во своја изјава во месец јуни 2024 година, наведе дека ќе се укине балансерот а квалитет и образование ќе бидат поважни одетничката припадност. Тој сепак истакна и дека законските измени ќе бидат во согласност со Уставот за соодветна и правична застапеност. Тоа што не е посочен рок и повеќе детали за евентуално укинување на балансерот е индикатор дека коалициските партнери имаат поитни предизвици за решавање во моментот, како и дека владата смета дека оваа прашање не треба да се реши без темелна и сеопфатна расправа. Укинување на балансерот и негова замена со недоволно квалитетно решение има потенцијал да ги влоши меѓуетничките односи. Со сигурност квалитетот на решението е поважно од брзината на промените. Затоа владата не треба да донесе брзо, туку квалитетно решение кое ќе го замени балансерот, истакнува Илиев во разговор за „Локално“.

Дел од јавноста го поврзува ова прашање со евентуалното носење на новиот Закон за локална самоуправа. Околу тоа дали паузирањето на идејата за укинувањето на овој механизам создава услови за компромис и примирје со ДУИ во пресрет на гласањето на измените на Законот за локална самоуправа, аналитичарот вели дека умереноста на речникот на министерот Минчев, може да се препише и на неговото големо искуство и внимателност во избор на зборови, а не на попуштање кон ДУИ.

-Одговорно е владата, при донесување одлуки да го зема в предвид ставот на ДУИ. Меѓутоа, со сигурност и лидерите на ВРЕДИ се свесни колку е важно балансерот да се замени со ново решение кое ќе биде поквалитетно, а не само да се укине алатката и да се донесе решение кое може да предизвика проблеми. Од друга страна, тоа што ДУИ даде поддршка за промени на Законот за влада во месец јуни 2024 година и што се очекува поддршка на ДУИ за измени во Закон за локална самоуправа во месец септември 2024, може да се засновува на повеќе фактори. Еден фактор е потребата за компромис меѓу ДУИ и владата за одредени прашања кои се однесуваат на меѓуетничките односи. Друга можна состојба за таквото однесување на ДУИ е можна поделба во ДУИ и постоење група пратеници од коалицијата предводена од ДУИ кои би ја поддржале владата и доколку ДУИ е против законските измени. Можна е да постојат и двете состојби, т.е. владата и ДУИ да прават компромиси за одредени прашања важни за меѓутеничките односи, но и дел од пратениците на ДУИ да размислуваат за напуштање на пратеничката група. Во секој случај, помудро е да се прават компромиси отколку да се предизвикуваат непотребни и штетни тензии и судири, дециден е соговорникот.

Со свој став излезе и поранешниот професор по административно право и јавна администрација, Борче Давитковски. Според него, бидејќи се работи за имплементација на уставен амандман, подобро е да се отвори јавна расправа и да се определи најсоодветно решение. Во краток разговор за „Локално“ истакнува дека би требало во Законот за вработени во јавен сектор да стои „при еднакви исполнети услови предност да имаат кандидатите од помалите етнички заедници“.

Борче Давитковски

-Треба да се консултира и експертската фела и да се најде најприфатливо/најсоодветно решение кое би го задоволиле уставниот амандман за соодветна и правична застапеност согласно мерит системот, додава Давитковски.

Еден од нашите најголеми познавачи на состојбите во оваа област смета дека нема потреба од компромис со политички партии бидејќи овој предлог и така е спротивен на Уставот.

-Имено правото на локална самоуправа е право на жителите на локални заедници и не може политичките партии заради „економичноста“ да им го ограничуваат ова со Устав загарантирано право на локалните жители. Градоначалник се избира на непосредни избори и локалните граѓани треба да одлучат како ќе се остварува тоа право а не Владата или политичките партии кои се учесници на изборите, но непосредно не избираат!, констатира експертот.

По ваквиот развој на настаните се огласија и од СДСМ. Велат дека потона уште едно ветување на премиерот Христијан Мицкоски. -Наместо укинување на балансерот како што ветуваше ДПМНЕ сега имаме надграден и проширен балансер за чија примена ќе биде надлежно Собранието а ќе го раководи ДУИ.

За многу кратко време време власта на ДПМНЕ си ги погази сите дадени ветувања пред граѓаните. А ЗНАМ се покажа дека не е никаков фактор во Владата, неми посматрачи и извршители на желбите на Мицкоски, истакна портпаролката од „Бихаќка“, Богданка Кузеска.

Алатката „Балансер“ почна со примена во 2015 година, со цел постигнување на уставното начело за соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците во институциите во јавниот сектор. Преку неа електронски се врши распределба на планираните нови вработувања согласно соодветната и правична застапеност. Екс-министерот за информатичко општество и администрација, Адмирим Алити во август 2022 година, во балансерот ги вметна процентите од вкупно попишаното, а не од резидентното население на ланскиот попис, што предизвика реакции.

На почетокот на својот мандат, Минчев во јули кажа дека балансерот нема да се укине, туку ќе се преточи во Закон за рамномерна застапеност во јавната администрација. Како што рече, злоупотребите што се случуваа се главната причина, балансерот повеќе да не постои во формата како досега, туку стручноста да биде пред етничката припадност.

Идејата е да се промени методологијата при вработувањето и определена етничка припадност да не може да се смени за потребата на некој конкурс. За почеток, ќе се користат бројките од последниот попис и калкулацијата ќе се прави врз основа на резидентното население, а не на вкупно попишаното.

Минчев најави дека ќе се формира Агенција за стручно усовршување и обука на административци и никој нема да биде испуштен од работа. Закони за административни службеници и за вработени во јавниот сектор се повлечени од процедура за доработка.

Н.П.

Слични содржини