Дали политиката ќе ја диктира работата на Абази како обвинител?

од Vladimir Zorba

„Треба да му се остави време да ја видиме неговата сериозност во спроведувањето на организираниот криминал“. Ова за „Локално“ го вели правникот Ќенан Алиу, зборувајќи за дебатата за изборот на новиот шеф на обвинителството за гонење организиран криминал, како и за неговите врски со политиката.

– Ова прашање не треба да се дебатира априори. Оваа форма на избор на нов шеф на обвинителството за гонење организиран криминал се практикува за прв пат. Резултатите на прв поглед ве тераат да мислите дека нешто е оркестрирано. Не го познавам избраниот, но треба да му се остави време да ја видиме неговата сериозност во борбата со организираниот криминал. Не е многу проблем со кого е фотографиран, прашање е дали ќе го диктира политиката и во институцијата што ја води, изјави Алиу за „Локално“.

Изборот на Ислам Абази за нов шеф на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција предизвика низа реакции во јавноста, од тоа дека самиот процес на избор треба да се доуреди и да предвидува некои дополнителни критериуми, до негово поврзување со лица од првите редови на ДУИ и обвинувања за политизирање на изборот.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вели дека изборот на Абази е уште еден партиско-политички договор на власта, Министерот за правда Никола Тупанчески забележа дека во изборот има неколку недефинирани параметри и најави посторги правила и критериуми.
Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата Билјана Ивановска, исто така рече дека се надева оти новиот шеф на Обвинителството ќе застане на патот на криминалот и корупцијата, но вели дека фотографиите со првите луѓе на ДУИ оставаат простор да се верува дека „постоело некакво влијание“.

Според претседателот на Собранието Талат Џафери познанствата на новоизбраниот шеф на ОЈО ГОКК со луѓе на ДУИ не треба да се коментираат, со оглед дека станува збор за претставници на различни власти.

На изборот на Абази, преку соопштение до медиумите, реагираше и „Левица“, обвинувајќи дека слабостите и недореченоста на Законот за јавни обвинители овозможиле за шеф на ОЈО ГОКК да биде избран анонимус за јавноста, но и за стручната фела.

Со освоени 66 гласа, Ислам Абази на 7 ноември беше избран за нов шеф на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.

Д.Ј.

Слични содржини